Свет
Норвешка и Финска подготвени да и` помогнат на Шведска
Шведска се соочува со голем скок на бројот на заболени со коронавирус. Поради недостиг на медицински капацитети, помош понудија соседните држави – Финска и Норвешка.
Стокхолм уште треба официјално да побара помош, за да можат фински и норвешки лекари да се вклучат во борбата против заразата. Здравствените власти во шведскиот главен град досега ги ангажираа сите расположливи лекари, но и воени сили, за да се изборат со епидемијата, пренесе „Фајненшл тајмс“.
„Сè уште не добивме официјално барање за помош, но гледаме каква е состојбата во шведските болници, па затоа сме подготвени да ‘скокнеме’“, рече главниот секретар на финското Министерство за социјална заштита и здравје, Кирси Варила.
Нејзината норвешка колешка Марија Јарман Бјерке, пак, им изјави на новинарите дека нордиските земји имаат договор за заемна медицинска помош.
„Ако Шведска побара помош, ние ќе го исполниме тоа барање“, рече таа.
За време на првиот и вториот бран на коронавирус, Шведска имаше значително поголем број заразени лица од соседните Норвешка и Финска.
Некои го припишуваат ова на „прелибералниот“ модел на контрола на пандемијата, кој не вклучуваше речиси никакви значителни рестриктивни епидемиолошки мерки во споредба со блокадите во остатокот од Европа. Само во декември Шведска досега има забележано околу 1.400 смртни случаи од Ковид-19. Во Норвешка, 100 лица починаа во истиот период, а во Финска, 80 лица.
Стокхолмскиот Регион извести дека тамошните болници се соочуваат со многу големи проблеми, бидејќи 99 проценти од креветите на одделите за интензивна нега се полни, а здравствените синдикати предупредуваат дека голем број здравствени работници ги откажуваат договорите за вработување поради зголемени инфекции, хоспитализации и смртни случаи.
Така, само во областа на метрополата, околу 3.600 здравствени работници поднеле оставки од почетокот на пандемијата. Флуктуациите на вработените се чести, но шведските медиуми предупредуваат дека ова е за 900 повеќе отпуштања отколку во истиот период минатата година.
Сепак, се чини дека Шведска сè уште нема намера да бара помош од соседите. Според директорката за подготвеност на шведскиот Национален комитет за здравје и благосостојба, Јохана Сандвал, состојбата во здравствената заштита е тешка, но земјата сепак може да се справи сама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Захарова: Зеленски сака да ги наруши мировните преговори со терористички напади врз цивили
Украинскиот претседател Володимир Зеленски сака да ги наруши сите мировни преговори со „терористички напади и напади врз цивили“, изјави денес портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
„Како реагира режимот на Зеленски на контактите? Тој не извршува напади од потреба за воена акција, не врз основа на логиката на ситуацијата на бојното поле. Ударите се извршуваат токму врз цивили, цивилно население и социјални објекти. Ова не се само напади, тие се терористички напади. Тука може да се најдат различни причини и извори за такво однесување“, рече Захарова, пренесува Спутник.
Таа оцени дека тоа е „несомнено нарушување и обид да се спречат какви било дискусии или движења кон мир“.
Свет
Северна Кореја лансираше ракети со долг дострел, Ким најави нова фаза од воената политика
Северна Кореја денес потврди испробување на систем за повеќекратно лансирање ракети со долг дострел, а лидерот Ким Џонг-ун изјави дека претстојниот конгрес на владејачката партија ќе ги претстави плановите за следната фаза од понатамошно зајакнување на нуклеарното одвраќање на земјата, објави државната новинска агенција КЦНА, пренесува „Анадолу“.
Ракетната администрација на Кореја (ДНРК) спроведе тест во вторникот за да ја потврди ефикасноста на системот за лансирање ракети надграден со нова технологија.
Ким лично го надгледуваше лансирањето, во придружба на високи функционери.
За време на тестот, беа испукани четири ракети кои ја погодија целта во водите оддалечени 358,5 километри од местото на лансирање.
Ким рече дека тестот имал „големо значење за подобрување на ефикасноста на нивното стратешко одвраќање, тврдејќи дека техничките достигнувања ја максимизирале удирачката способност на системот.
„Сигурен сум дека ниедна друга земја нема да се стекне со таква технологија или да поседува такви капацитети барем уште неколку години“, рече тој, предупредувајќи дека резултатите би претставувале сериозна закана за силите што сакаат воен конфликт со Пјонгјанг.
Тој додаде дека следниот Конгрес на Работничката партија на Кореја ќе ги разјасни идните планови за понатамошно зајакнување на нуклеарното одвраќање на нацијата, потврдувајќи дека градењето на сигурна офанзивна способност останува клучна насока на националната одбранбена политика на партијата.
Во вторникот, владите на Јапонија и Јужна Кореја соопштија дека Северна Кореја испалила две балистички ракети кон Источното Море.
Лансирањата беа втори овој месец, по 4 јануари, кога јужнокорејскиот претседател Ли Џе-Мјунг ја започна државната посета на Кина.
Свет
Рекорден топлотен бран ја погоди Австралија, предизвикувајќи шумски пожари
Рекорден топлотен бран ја погоди југоисточна Австралија петти ден по ред, предизвикувајќи пожари и големи прекини во електричната мрежа.
Топлиниот бран е особено сериозен во Викторија, втората најнаселена држава во Австралија, каде што се забележани највисоки температури од шумските пожари на „Црната сабота“ во 2009 година, кога загинаа 173 лица, објави Ројтерс.
Властите изјавија дека топлотниот бран веројатно нема да се смири до викендот.
Multiple evacuation warnings are in place for southern Victoria as a massive bushfire spreads, with fears a severe heatwave will only escalate the dangerous conditions. 📌 MORE: https://t.co/ogboEmJYNz #bushfire #fire #firedanger #evacuation #victoria pic.twitter.com/J65Gf9s8ED
— 7NEWS Melbourne (@7NewsMelbourne) January 27, 2026
Температурите во делови од Мелбурн, главниот град на сојузната држава Викторија – втората најнаселена држава во Австралија – надминаа 45 степени Целзиусови, пренесува Ројтерс.
Многу заедници сè уште се опоравуваат од големите пожари претходно овој месец, кои беа поттикнати и од силниот топлотен бран.
Крис Хардман од Управата за управување со пожари во Викторија изјави дека во моментов горат шест големи пожари, од кои три се надвор од контрола.

