Македонија
Пендаровски се сретна со Филипче, Ангелов и со Ѓурчиновски: Неопходна целосна координација на сите надлежни институции
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими министерот за здравство, Венко Филипче, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
На средбата се разменија информации за актуелната ситуација предизвикана од Ковид-19 и мерките и активностите на надлежните органи за сузбивање на пандемијата.
Министерот Филипче информира за моментната состојба на заболени и починати од коронавирусот, за расположливите капацитети и ресурси, како и за проекциите за функционирање на здравствениот систем во државата во следниот период. Тој ги образложи најновите одлуки на Владата за прифаќање на препораките на Комисијата за заразни болести за дополнителни рестриктивни мерки во периодот од 18 декември до 20 јануари. Министерот Филипче се осврна и на соработката и поддршката што здравствените власти ја добиваат од Армијата во контекст на реорганизацијата на болниците во државата за прием на заразени пациенти и наши граѓани.
Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски реферира за армиското учество во справувањето со коронавирусот и притоа нагласи дека ангажирањето на Армијата во асистенција на институциите во спречување на ширењето на Ковид-19 тече според предвидената динамика и план. Началникот на Генералштабот информира за конкретните мерки, начинот на ангажирање и употреба на потребните ресурси на Армијата, кои се извршуваат врз основа на побарувањата и оперативните планови на Главниот штаб.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, информира за работата на Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, за преземените мерки и досегашните активности на институциите во справувањето со пандемијата и заштитата на здравјето и животот на граѓаните. Тој нагласи дека нивен приоритет е рационалното и ефикасно искористување на расположливите национални ресурси, а во согласност со акцискиот план за посеопфатно дејствување против ширењето на Ковид-19. Директорот Ангелов информира и за јакнењето на капацитетите на Главниот штаб за управување со кризи, со учество на надворешни соработници од невладиниот сектор.
Претседателот Пендаровски, оценувајќи дека состојбата со коронавирусот кај нас, како и насекаде во Европа, е исклучително сериозна, повика на уште поголема одговорност и посветеност во работата на надлежните институции. Тој истакна дека е неопходна целосна координација и соработка на сите надлежни институции вклучени во активностите против ширењето на коронавирусот, како и во справувањето со последиците предизвикани од Ковид-19.
На средбата стана збор и за усвоената информација од Владата за вакцинација против Ковид-19, која ги опфаќа подготвеноста на системот, улогата на УНИЦЕФ како координатор на набавки во Ковакс-механизмот, директните преговори со производителите и со Европската комисија и земјите членки на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.
Македонија
Делови од Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток, општина Бутел;
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а, општина Карпош.
Македонија
Сончево и релативно топло, максималната температура до 20 степени
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

