Економија
Заев на состанок со странските компании: подобра законска регулатива за инвеститорите

Премиерот Зоран Заев и владиниот економски тим одржаа онлајн состанок со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и со Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство во рамките на Советот на странски инвеститори при Комората, чиј претседател е Виктор Мизо. На состанокот се дискутираше за приоритетните прашања на странските инвеститори во неколку области во делот на законска регулатива, царински стапки, инфраструктура, даночни политики, работни односи, дигитализација, како и останати прашања во насока на подобрување на деловната клима и на секојдневното работење.
Премиерот Заев истакна дека за Владата од голема важност е зголемување на довербата на инвеститорите, отпочнување нови инвестиции, поттикнување на извозот, зајакнување на човечкиот капитал, а со тоа и подобрување на севкупниот економски раст во државата. За таа цел се преземаат мерки за ублажување на ефектите од пандемијата на краток рок, како и планирање за економски раст на среден и долг рок.
Претседателот на Стопанска комора, Азески, осврнувајќи се на соработката со Владата потенцира на заедничката посветеност за навремена имплементација на антикризните мерки за ублажување на ефектите од пандемијата и подобрување на ликвидноста на реалниот сектор.
Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата, покрај тековните предизвици ја искажа важноста од системско решавање на истите, како неодамнешното потпишување на договорот на Владата за слободна трговија со Обединетото Кралство, кој ќе почне да се применува од 1.1.2021 година. Истото е од голема важност за компаниите кои соработуваат со Обединетото Кралство, односно домашните компании кои се извозно ориентирани, а кои одредени репроматеријали и полупроизводи увезуваат од Велика Британија.
На состанокот, секој во својот домен, дискутираа и министерот за економија Крешник Бектеши, заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, како и директорите на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, и на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески.
Во поглед на подобрување на условите за работа, неодамна Владата донесе одлука за намалување на увозните давачки – царинските стапки на одделни производи и компоненти потребни за производство на технолошко напредни производи.
Со оваа одлука се прифати во период од една година да се намалат на ниво на царинските стапки кои се применуваат при увоз на овие производи во земјите членки на Европската Унија. Целта е да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска – Кочоска ќе го следи поскапувањето на бензините, не кажа дали тоа ќе повлече други поскапувања

Министерката Гордана Димитриеска – Кочоска по денешните најави за поскапување на бензините кажа дека Министерството за финансии ќе ја следи состојбата, но не даде конкретен одговор на новинарско прашање дали поскапувањето на бензинот кај нас ќе повлече и други поскапувања.
„Станува збор за берзански производ на кој не можеме да имаме никакво влијание, така што ќе следиме што ќе се случува. Сме имале години кога сме имале и многу високи цени, да се вратиме наназад да ги видиме, сега немаме некоја премногу висока цена на горивото меѓутоа да видиме што ќе се случува на берзанските производи. На тоа Владата не може да има влијание затоа што станува збор за цени кои се формираат на светските берзи“, рече министерката Димитриеска – Кочоска денес по состанокот со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, на кој се договорија амбасадите на координации во Министерството за финансии да ги договараат проектите за кои ќе одвојуваат средства во земјава, за да нема поклопување.
Регулаторната комисија за енергетика утрово извести дека од ноќеска по полноќ за 1,50 денар за литар поскапуваат бензините еуросупер 95, еуросупер 98 и дизелот, а мазутот е поскап за 1,293 денари по литар
Економија
Се зголемува цената на бензините и на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,63 % во однос на одлуката од 9.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 4,088%, кај дизелот за 5,626%, кај екстра лесното масло за 5,127% и кај мазутот зголемувањето е за 5,691%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,6205%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,293 ден/кг и сега ќе изнесува 39,779 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 17.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Средба на гувернерот Славески со МБА: Стабилниот и одговорен банкарски сектор како неопходна потпора за економијата

„Во услови на светска неизвесност и постојани економски предизвици, воспоставувањето стабилен, добро капитализиран и одговорен банкарски сектор претставува суштинска потпора за граѓаните и за развојот на домашната економија.“ Ова беше една од централните пораки на средбата помеѓу гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и раководството на Македонската банкарска асоцијација (МБА) – претседателката, д-р Маја Стевкова Штериева и заменик-претседателот, м-р Бојан Стојаноски.
На средбата беше нагласено дека одржувањето на стабилноста на банкарскиот сектор е заеднички приоритет и предуслов за градење долгорочна доверба кај граѓаните и кај стопанството. Гувернерот Славески истакна дека банкарскиот сектор кај нас е добро капитализиран, со стапка на адекватност на капиталот од 19%, што овозможува отпорност и во услови на евентуални шокови. Воедно, беше потцртано дека Народната банка е активно вклучена во унапредувањето на регулативата преку свој придонес во подготовката на новиот Закон за банките, како и во доследното спроведување на Законот за решавање банки, заради понатамошно зајакнување на стабилноста и усогласеноста со европските стандарди.
„Народната банка преку добро поставените политики обезбедува стабилна и предвидлива средина. Тоа е предуслов за банките да ги исполнат очекувањата на граѓаните и компаниите – со сигурни, достапни и со квалитетни услуги“, рече гувернерот.
Посебен акцент беше ставен на потребата од натамошно унапредување на конкуренцијата во платниот промет, особено преку финтек-иновации и нови технологии. Во таа смисла беше отворено и прашањето за напредокот во пристапувањето на банките кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Беше нагласено дека крајниот рок за поднесување на барањата е 5 октомври оваа година и дека се очекува од банките да ги засилат активностите за навремено исполнување на оваа важна стратегиска цел, со која ќе се подобри интеграцијата и ефикасноста на прекуграничните плаќања.
Во однос на монетарната политика, гувернерот истакна дека Народната банка внимателно ги следи движењата на внатрешните и надворешните фактори на ризик. Секоја идна одлука за основната каматна стапка ќе биде донесена врз основа на детални макроекономски анализи, со цел да се зачува ценовната стабилност и да се поддржи економската активност.