Македонија
Антикорупциска: Обвинувањата на Иванов се неосновани
Државната комисија за спречување корупција вели дека наводите на поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, дека претседателката Билјана Ивановска ја злоупотребува функцијата, се неосновани.
„По повод јавно искажаните обвинувања и паушални наводи од страна на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Ѓорѓе Иванов, кон претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, Државната комисија со индигнација и во целост ги отфрла истите“, се наведува во реакцијата.
Од таму додаваат дека Државната комисија за спречување на корупцијата е колективно тело и сите одлуки ги носи на јавна седница со мнозинство гласови, така што, како што велат, целосно е неосновано искажаното сомневање за злоупотреба на нејзината функција.
Од ДКСК велат дека писмено ќе одговорат на барањето на Иванов за доставување информација за статусот на отворените предмети кои ги води Антикорупциска за него. Станува збор за предмет за потпишување укази за унапредување на генерали за време на изборен процес и предмет за зголемување на имотната состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали – Памер: Австрија останува силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, на која беа разгледани тековните реформски процеси и соработката со австриските партнери.
Во разговорот беше нагласено значењето на континуираната поддршка од Австрија за европската интеграција на Северна Македонија, како и усогласеноста на австриската развојна соработка со националните реформски приоритети.
Сали информираше за тековните активности поврзани со спроведувањето на Реформската агенда и подготовките за отворање на преговарачките кластери, со посебен акцент на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и подобрувањето на институционалните капацитети.
Соговорниците разговараа и за можностите за понатамошна соработка преку европските инструменти, особено во области поврзани со доброто владеење, животната средина и јакнењето на административните структури.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на партнерството и за подобра координација на развојната помош во насока на поддршка на реформските процеси и европската интеграција на државата.
Македонија
Соработка со Чешка за обединет и поефикасен систем за справување со кризи
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, го прими амбасадорот на Република Чешка во Македонија Н.Е. Јарослав Лудва и директорот на Генерален директорат за противпожарна и спасувачка служба при Министерство за внатрешни работи на Република Чешката, Владимир Влчек, заедно со неколкучлена делегација.
Тема на разговор на средбата во ДЗС беше соработката на полето на заштита и спасувањето и за процесите на трансформација на системот за управување со кризи и за чешките искуствата во оваа област. Притоа, Ангелов посочи дека Македонија е во фаза на темелна реформа, со цел обединување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување во единствен, функционален и поефикасен систем. На средбата во ДЗС беа споделени искуства за едукација на пожарникари, а и стручни мислења за заштита и спасување, со можност за заедничко учество на планирани оперативни вежби.
Ангелов, при работната средба, им се заблагодари на високите претставници на Чешка за поддршката на Македонија за справување со кризни ситуации: „не само со давањето на опрема и технички средства, како на пример, вчерашната донација на противпожарно возило „татра” со капацитет oд 10 тони за пожарникарите од Кочани, туку и за директното помагањето со чешки сили, со опрема и со техника при справување со огнените стихии, конкретно со противпожарното дејство на чешкиот хеликоптер ,,блек хок” минатото лето, што беше успешно реализирано во содејство со противпожарни сили од нашата земја и од Словенија.
Македонија
Алиу на онлајн состанок со странските експерти за кардиохируршки интервенции
Денес се одржа онлајн состанок меѓу интерната и странската експертска комисија ангажирана од Министерството за здравство, во рамки на процесот за стручна анализа и испитување на посочените кардиолошки и кардиохируршки интервенции.
Состанокот го отвори министерот за здравство Азир Алиу, кој ги информираше експертите за досегашниот тек на постапувањето, начинот на прибирање и стандардизација на документацијата за пациентите и целта на двостепената стручна проверка.
„Овој процес го водиме за да утврдиме факти засновани на медицина базирана на докази. Очекувам странските експерти да дадат независен стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија, како и да помогнат да ги препознаеме можните системски празнини. Наодите треба да го зајакнат нашиот здравствен систем, притоа доколку се идентификува потреба, ќе пристапиме и кон измени на правната регулатива. Целта е подобар перформанс на системот, враќање на довербата на граѓаните и воведување европски стандарди“, рече министерот Алиу.
На состанокот беше усогласена работната методологија по која ќе постапуваат странските експерти во рамки на втората експертска анализа.
Министерството потсетува дека странската експертска група е составена од тројца врвни професионалци – д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија и д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија. Нивниот ангажман има за цел да обезбеди дополнителна медицинска експертска тежина и меѓународно споредливи стандарди во анализата на доставените случаи за извршени операции или непотребно упатени за операција.

