Топ
(Видео) Сто килограми марихуана пронајдени во специјално направен бункер во бугарски камион
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, вчеравечер уапсиле 48-годишен бугарски државјанин со иницијали А.К.К., поради сомнение дека е сторител на кривично дело неовластено пуштање во промет на наркотични дроги.
Како што информираат од МВР, во периодот од 20 до 23 часот на граничнот премин Ново Село, на излез од државава, од страна на полициските службеници, во соработка со Царинскатата управа, при преглед на камион „МАН“, со бугарска регистрација, управуван од бугарскиот државјанин, биле пронајдени 102 пакувања марихуана, скриени во специјално направен бункер во горниот дел од кабината на возилото. Во пакувањата вкупно имало околу 100 килограми дрога.

Пронајдената марихуана е предадена на СВР Струмица за понатамошната постапка, а Бугаринот е приведен во полициска станица и во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава против него.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(Видео) Нела Манческа ѝ донесе седмо место на Македонија на „Јуниор Евросонг“
Нела Манческа со песната „Miracle“, со која ја претставуваше Македонија на „Јуниор Евросонг“, го заврши натпреварот на високото седмо место, освојувајќи вкупно 141 поен.
Конечниот пласман беше одреден од комбинираните гласови на стручните жири-комисии и публиката, при што Македонија оствари одличен резултат кај жирито, пласирајќи се меѓу првите пет земји според нивното гласање.

Во жири-гласањето, Македонија доби 12 поени од Црна Гора и Италија, што дополнително го потврди силниот впечаток што настапот на Нела Манческа го остави кај професионалните оценувачи.
Победник на годинашното издание на Јуниор Евросонг е Франција со освоени 248 поени, второто место ѝ припадна на Украина, а третото на Грузија.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Рената Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија
Професорката по уставно право и поранешна министерка за правда, Рената Дескоска, е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија.
Како што соопшти Дескоска, за нова претседателка на Венецијанската комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда на Италија. Заедно со Дескоска, за потпретседатели се избрани и Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство.
Дескоска наведува дека е првата потпретседателка на Венецијанската комисија која доаѓа од Македонија, како и прва која потекнува од земја што не е членка на Европската Унија, ниту од земјите произлезени од поранешна Југославија.
Според неа, изборот претставува признание за нејзиниот досегашен ангажман и придонес во работата на Венецијанската комисија. Таа информира дека досега учествувала во изработката на 14 мислења за различни земји, кои биле презентирани на пленарни седници и едногласно усвоени, како и во повеќе мисии и конференции како претставник на Комисијата.
Дескоска посочува дека изборот за втор човек на Венецијанската комисија го доживува и како дополнителна обврска за продолжување на ангажманот во промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.

