Европа
Паника поради новиот вид на коронавирус, според британскиот министер ситуацијата е надвор од контрола

Британскиот министер за здравство, Мет Ханкок, денес изјави дека новиот вид на коронавирус е надвор од контрола, на тој начин оправдувајќи го затворањето на Лондон и на дел од Англија, што може да трае сè додека не се вакцинира популацијата.
„За жал, новиот вид е надвор од контрола. Треба повторно да воспоставиме контрола, а тоа е можно само со ограничување на социјалните контакти”, изјави Ханкок за „Скај њуз“.
„Ќе биде многу тешко да се задржи контролата сè додека не се вакцинира населението“, додаде тој.
Конзервативната влада на Борис Џонсон вчера прогласи карантин за Лондон и за југоистокот и дел од источна Англија, принудувајќи повеќе од 16 милиони жители да останат дома и да се откажат од божиќните собири.
Сите продавници кои не продаваат храна и основни продукти се затворени и забрането е патување надвор од зоните со највисоко ниво на тревога.
Врз основа на податоците достапни од британските експерти, се смета дека новиот вид на вирусот побрзо се шири, а поради стравот дека ќе биде пренесен во други земји, некои држави ги откажаа летовите кон Велика Британија.
Сепак, паниката во светот расте откако беше објавено дека новиот вид на вирусот е регистриран уште три земји – Данска, Холандија и Австралија.
Коментирајќи го новиот вид на вирусот, привично откриен во Велика Британија, микробиологот Бранко Рихтман за ТВ Прва изјави:
„Од она што е познато во моментов, нема никаква разлика во клиничката слика, ниту има разлика во тоа колку вирусот е чувствителен на вакцините, тој не влијае на ефикасноста на вакцините. Но, повторно, од она што е познато, се чини дека новиот вид се шири доста брзо, односно се чини дека се врзува за човечките клетки побрзо од претходниот вид“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП, повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши во сабота, на 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува на погребот да присуствуваат бројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на Телеграм градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона „Шхидни“. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување на персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база, не само за стоки, туку и за опрема и персонал. Со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување на персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата започна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.