Македонија
(Видео) Димитриеска-Кочоска: Буџетот е оргомен и нереален, Заев ги ветува истите проекти од пред 4 години и не ги реализира
Денеска, се изнаслушавме само нови лаги, а ги гледаме истите стари практики. Огромен и нереален буџет од над 4 милијарди евра, пари што се фрлаат низ ветар, обвини Гордана Димитриеска-Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку го замислиме буџетот како 1.000 денари, Владата од него дава 127 денари за плати на јавната администрација, 86 денари за набавка на стоки и разни услуги, 656 денари одат за сите трансфери што ги спроведува, 38 денари се даваат за камати, а само 23 денари за капитални инвестиции.
Уште поедноставено, од 1.000 денари што ги има власта преку буџетот, само 93 денари одвојува за иднината и развојот на државата, сите други пари се трошат непродуктивно и за таканаречена купи ден, продај политика. А најжално од сè е тоа што оваа Влада ги нема тие 1.000 денари, туку само 859 денари, преостанатите 141 денар таа ги позајмува.
За да сфатиме колку власта нема концепт за развој на државата е да ги споредиме количеството пари што ги одвојува Македонија во споредба со Косово за капитални инвестиции, имено ние одвојуваме 347 милиони евра во апсолутен износ, а Косово цела една милијарда евра. Заев е убедливо најслаб во регионот и нема план за развој.
Зоран Заев денеска ги повтори истите ветувања со кои дојде на власт во 2017 година. Сето она што го вети дека ќе го реализира во својот прв мандат не е реализирано и го ветува и сега.
1. Заев го вети Коридорот 8 уште пред да дојде на власт, 4 години немаме никаков напредок на градежните активности за него.
2. Заев вети гасификација, 4 години процесот тапка во место, уште не е реализирана ниту примарната гасоводна мрежа, а требаше да се пристапи кон секундарната и терцијалната.
3. Заев вети реформи во судството, а наместо реформи, го зароби судството и спроведе невиден политички прогон.
4. Заев ветуваше чист воздух веднаш, 4 години подоцна,, додека Скопје се задушува, Заев ветува чист воздух повторно.
5. Заев вети еколошки транспорт во Скопје, 4 години ништо не направи.
6. Заев вети бесплатно здравство, а луѓе преку СМС-пораки сè уште собираат донации за лекување, дури и за Ковид-19.
Зоран Заев ги даде истите ветувања со кои ги доби изборите во 2017 година, истите тие ветувања Заев во ново пакување им ги сервира на граѓаните повторно мислејќи дека ќе му ја купат лагата.
Зоран Заев е политичар што ќе ги каже и најубавите зборови, но кога ќе го погледнете во очи, ќе видите дека тоа се само лаги. По плановите 3-6-9, 18, сега имаме и план 21. Само планови, а никаква реализација.
Со буџетот, наместо за граѓаните, има бенефит само за бизнисите на Зоран Заев. Заев посветил цела тема од својата прес-конференција на марихуаната и дополнителни законски решенија и поволности за одгледувачите на медицински канабис, бизнис во кој длабоко е влезено неговото семејство и каде што се вртат милиони. Очигледно, Заев не гледа подалеку од својот профит и додека Заеви нижат милиони, народот брои денови за до крајот на месецот.
За крај, го повикувам економскиот тим на Владата да излезе и конкретно проект по проект, износ по износ, да објасни каде се наоѓаат сите изнесени лаги во ставките на буџетот за 2021 година. Очигледно овие грешни проекции ќе ги преправаат многу бргу со ребаланс и сето тоа на штета на граѓаните“, порача Кочоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.

