Македонија
Трајановски: ВМРО-ДПМНЕ немаше учество во протестите на „За заедничка Македонија“
Ексградоначалникот на град Скопје и функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, како сведок на рочиштето за организаторите на „27 април“ рече дека партијата немала учевство во протестите на „За заедничка Македонија“. Според него, народот излегол на улица бидејќи, како што рече, почувствувале дека нешто се подготвува во Македонија.
„Во декември 2016 година ВМРО-ДПМНЕ доби најголем број пратеници во парламентот. Притоа се направија такви комбинации со кои партијата не можеше да формира влада. Се направи мнозинство. Се вознемири политичката сцена во Македонија и народот, нормално, кој ни даде најголема доверба со оглед на пратениците што ги добивме, поради тоа излезе на улица. Почувствува дека нешто се подготвува во Македонија, тоа се мои претпоставки. ВМРО-ДПМНЕ овие протести ги оцени како спонтани, ненасилни. ВМРО-ДПМНЕ немаше учевство во овие протести“, рече Трајановски.
Контакт со Јанакиески и Ристовски имал, но не за „27 април“, рече Трајановски, појаснуваќи дека тој во тој период бил градоначалник. Тој негира дека обвинетите ги координирале од градскиот комитет во Скопје. Трајановски беше дециден дека ВМРО-ДПМНЕ не ги организирала протестите, кои резултираа со насилен влез во Собранието.
„Со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски не сум имал конктакт за протестите. Јас никогаш не сум ургирал кај ниту еден во администрацијата да излегува на протести, ниту сум влијаел врз институциите под надлежност на Град Скопје“, додаде Трајановски.
Тој негира дека Јанакиески и Ристовски имале меѓусебна комуникација поврзана за настаните од 27 април.
„Моите сознанија се дека ниту Спиро Ристовски ниту Миле Јанакиески имал комуникација поврзана со ‘27 април’“, рече Трајановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

