Македонија
Вештачењето покажало дека Нинџа не бил во ВМРО-ДПМНЕ во периодот за кој тврдеше дека слушал како се делеле наредби за 27 април
Сведокот Александар Василевски-Нинџа не бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во перидот за кој пред судот рече дека сведочел како се организирале протестите и упадот во Собранието на 27 април од страна на обвинетите. Ова е заклучокот од вештачењето на вештото лице Мирослав Котевски, во кое се анализираат телефонските броеви и контактите на Нинџа. Првиот мобилен број на Нинџа, според вештачењето, се најавил на микробазната станица на ВМРО, која го покрива подрачјето каде што се наоѓа седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, дури во 22.08 минути на 27 април 2017 година. Вториот број, пак, во 22.19 минути. Со ова обвинетите го побиваат исказот на Нинџа, кој пред судот сведочеше дека во 18.03 минути бил во ВМРО-ДПМНЕ и останал до 19 часот, а од каде се давале наредби за 27 април.
„Прв и единствен пат на базната станица на ВМРО е прикачен во 22.18 минути на 27 април. Во 22.53 се регистрира бројот на базната станица на ССМ. Во согласност со воспоставениот сообраќај на бројот од Нинџа, во периодот од 16 часот до 23 часот неговата позиција е следна: првата регистрација е во 16.05 и е регистриран на зградата на ССМ. Следното е интернет-врска во 16.13 од новата базна станица на ‘Македонски телеком’, тоа значи дека се движел од кејот на Вардар кон плоштадот Македонија. Во 17.12 минути е регистриран на зградата на ‘Алмако’, а во 17.14 се пререгистрирал на новата зграда на ‘Телеком’. Во 18.57 тој се регистрира на базната станица на Домот на АРМ, а набргу се регистрира на зградата на ЕВН. Се движел северно од Собранието. Потоа бил регистриран кај Работничкиот дом. Се движел во реонот на Паркот на жената борец. Следното негово конектирање е во 22.17 минути, и тоа на базната станица на ‘Алмако’. Потоа е регистриран на базната станица на ВМРО. Она што е важно е дека тој во 22.19 часот првпат се прикачува на базната станица на ВМРО. Тој тогаш добива повик, но не одговорил. Кога престанува ѕвонењето, следната базна станица каде што бројот е регистриран е ‘Алмако’. Во зградата или надвор од зградата бил повеќе од една минута“, рече вештакот Мирослав Котевски.
Во 18.04 часот, според вештакот, имало обид за повик помеѓу двата телефонски броја за кои Обвинителството тврди дека се на Нинџа. Едниот број бил конектиран на базната станица на „Алмако“, а другиот на базната станица од новата зграда на „Македонски телеком“. Александар Василевски-Нинџа во своето сведочење посочи дека во тој период пристигнал во ВМРО-ДПМНЕ, што обвинетите го побиваат со податоците од базните станици. Вештакот посочи дека двата броја не биле користени од Нинџа бидејќи во исто време биле конектирани на две базни станици.
„Се прикачува на старата зграда на ‘Македонски телеком’, се движел по кејот. Во периодот од 18 до 22 часот е покрај Собраниетио и Паркот на жената борец. Од 22.08 до 22.13 часот е регистриран на базната станица на ВМРО за потоа движењето да биде лоцирано во овој дел“, рече вештакот за вториот број на Нинџа.
Василевски, кој е еден од 16-темина обвинети на вкупно 211 години затвор за упадот во Собранието, сведочејќи пред судот во јуни годинава, рече дека на 27 април 2017 година во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ дошол во 18.03 часот и слушал како се издаваат наредби од страна на обвинетите за упадот во Собранието.
Вештакот пред судот посочи дека фајловите со докази од комуникациите биле незаштитени и со нив можело да се манипулира, односно да се додаваат и одземаат контактирани броеви.
„Презентирани се 168 мобилни телефонски броеви и повеќе од 200 листинзи за разни телефонски броеви. Заклучив одредена неконзинстентност во барањата кон телеком-операторите. Идентификував 18 телефонски броја за кои има листинзи, а нема барања. На 64 броја има двојни и тројни листинзи во самите наоди. Од 168 броја во доказите, бројот 075378***, воден како број на Спиро Ристовски, има остварено комуникација со шест броја. Едниот број во сопственост на Миле Јанакиески има направено комуникација со пет броја, а другиот со два броја. Бројот го кажав зашто не најдов доказ дека тој му припаѓа на Спиро Ристовски, туку на Министерството за образование и наука. Дикриптивно во еден од доказите пишува дека бројот е на Спиро Ристовски. Бројот што се води на Спиро Ристовски, а за кој не видов доказ дека е негов, од листингот на 27 април има 30 реализирани комуникации, од кои 25 се СМС-пораки и пет говорни комуникации. За тој број од ‘Телекомот’ се разменети 74 СМС-пораки, 1 ММС-порака, 11 приклучоци кон интернет и 24 говорни комуникации. Бројот што се води на Спиро Ристовски нема воспоставено комуникација со мобилните телефони на Миле Јанакиески. Двата телефона на Миле Јанакиески се користени од две лица бидејќи остварувале меѓусебна говорна комуникација“, рече вештакот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.

