Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: 100 дена фалби од страна на СДСM = 100 дена лаги за инфраструктурата
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и неговиот ментор Зоран Заев продолжуваат со лагите до граѓаните, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Еве, како што велат, предизборно што излажал СДСМ:
АВТОПАТИ
Скопје – Блаце
Првиот дел од 2 км веќе четврта година не успеваат ни да го почнат со градежни активности, а да не зборуваме за завршување. Косово во исто време го заврши автопатот кон Приштина.
Гостивар – Кичево
Иако е почнат автопатот да се проектира во 2016 година, еве веќе четврта година не успеваат да го допроектираат, а да не спомнуваме за изградба.
Кичево – Охрид
Единствено што остварија е потпишување анекси за нови заеми и многу слаба нивна реализација. Иако во претходните 100 дена времето за градежни работи беше идеално, ние веќе четврта година не можеме да видиме сериозен прогрес во изградбата на автопатот.
Прилеп – Битола
Ветен автопат, но засега нема ни најави за негов почеток, веќе чеврта година, ниту проектирање ниту ништо.
Градско – Прилеп
За овој експресен пат, и покрај сите ветувања од актуелната власт, останаа само празни ветувања. 100 дена од владеењето на СДСМ немаше никакви градежни активности на терен.
Свлечишта
Во изборната програма МОЖЕМЕ најавија дека во текот на 2020 година ќе бидат санирани свлечишта на повеќе делници во Македонија.
Лажни биле ветувањата на СДСМ во изминатите два изборни циклуса за наводни развојни проекти во железниците:
1. Ветуваа изградба на пругата кон Бугарија – НАПРОТИВ, ЈА СТОПИРАА,
2. Ветуваа изградба на пруга кон Албанија – НЕ ЈА НИ ПОЧНАА,
3. Ветуваа проектна техничка документација за реконструкција на железничката пруга
Скопје – Кичево – НИШТО НЕ НАПРАВИЈА,
4. Ветуваа пуштање во сообраќај на пругата Битола – Кременица – СЀ УШТЕ НЕ Е ПУШТЕНА,
5. Ветуваа брза пруга за возовите по Коридорот 10 – СПРОТИВНО НА ТОА, ГИ ЗАБАВИЈА
6. Ветуваа приградски патнички железнички сообраќај околу Скопје – НЕМА
ПРИГРАДСКИ ЖЕЛЕЗНИЧКИ СООБРАЌАЈ, НАПРОТИВ, ЖЕЛЕЗНИЧКИ ЈА ИЗОЛИРАА МАКЕДОНИЈА,
7. Ветуваа ремонти на локомотиви и возови – СПРОТИВНО НА ТОА И
ПОСТОЈНИТЕ ГИ УНИШТИЈА И ПРЕПОЛОВИЈА,
8. Ветуваа почеток на изработка на проектна техничка документација за електрифиција на пругата Скопје – Блаце (граница со Република Косово) – НИШТО НЕ ПОЧНАА,
9. Ветуваа набавка и инсталација на опрема за европскиот систем за контрола на возовите – ETCS (т.н. автоматска регулација на брзината на возовите) – НИШТО НЕ НАПРАВИЈА
10. Ветуваа проектна техничка документација за изградба на нова пруга од Миладиновци до аеродромот на ТАВ во Петровец – НЕ ПОЧНАА ВАКОВ ПРОЕКТ
11. Ветуваа осигурување на патните премини – НАПРОТИВ, ОД ПОСТОЈНИТЕ ГОЛЕМ ДЕЛ Е НЕФУНКЦИОНАЛЕН.
12. Ветуваа завршување на ремонтот од Ногаевци до Неготино – НЕ ГО ЗАВРШИЈА, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

