Македонија
(Видео) Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“
Претседателот Стево Пендаровски денеска го додели признанието „Успешни млади“ на 8 добитници во рамките на проектот инициран за поттикнување на научната, истражувачката и креативната работа на младите луѓе од земјата. Претседателот Пендаровски во своето обраќање по повод доделувањето на признанието изрази уверување дека преку оваа иницијатива ќе се придонесе кон вреднување на трудот и знаењето на младите зголемувајќи ја мотивацијата за нови достигнувања на младите научници, таленти, уметници, креативци и ќе ги охрабри да продолжат да го вложуваат својот труд и да го развиваат својот талент.
„ Имаме многу успешни креативни млади, кои се иднината на нашата земја. Очекувам тие да си го заземат своето место во општеството, да бидат дел од образовните и научните институции, компаниите, креативните индустрии и да придонесуваат за нашето општество. Ако професионалната кариера сепак ги одведе и надвор од границите на нашата земја, посакувам и понатаму, не само емотивно туку и професионално, да бидат поврзани со својата татковина преку иницирање и почнување проекти, заеднички програми и други модалитети на соработка. Нашиот најголем ресурс е човечкиот потенцијал и затоа не смееме толку лесно да се откажуваме од него“, истакна претседателот Пендаровски.
Во таа насока ја нагласи неговата лична заложба за поттикнување и поддршка на иницијативи и проекти, чија цел е да се намали одливот на млади луѓе од земјава, да се создадат перспективи за младите и успешни кадри да останат и да ја градат својата кариера во Северна Македонија. Тоа, рече претседателот Пендаровски, треба да биде цел на секоја институција и на сите што донесуваат одлуки и креираат политики.
Годинашните носители на признанието „Успешни млади“ изразија задоволство што нивните професионални достигнувања се препознати и вреднувани од нашата држава, особено имајќи ја предвид силната конкуренција во сите 8 категории. Добитниците на „Успешни млади“ им се заблагодарија на претседателот Пендаровски и на комисијата истакнувајќи дека овие признанија се дополнителен поттик и мотивација да продолжат со професионалното усовршување секој во својата област.
Признанието „Успешни млади“ се доделува прв пат. Од вкупно 79 апликации за изминатата календарска година за постигнати резултати во согласност со осумте категории – за најдобар млад научник во општествените науки е избран Анастас Вангели, доктор по општествени науки во полето на социологијата, кој е професор на кинеско-европските бизнис-студии на Високата школа за комерцијални науки од Анже, Франција. Најдобар млад научник во хуманистичките науки е Борче Арсов, доктор на филолошки науки од областа македонски јазик. Во моментот работи на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ како научен соработник, а ангажиран e и на Филолошкиот факултет во Скопје. Најдобар млад научник во природно-математичките и техничките науки е Кимет Јусуфи, чие поле на истражување се гравитацијата и квантната механика. Во моментот е професор по физика во Гимназијата „Гостивар“ во Гостивар и доцент на Државниот универзитет во Тетовo. Најдобра млада научничка во медицинските науки е Моника Ѓорѓиева, која докторирала на Универзитетот „Клод Бернард Лион 1“. Во моментот таа е фокусирана на негеномски молекуларни промени во црниот дроб, кои може да доведат до развој на тумори во овој орган. Најдобра млада иноваторка е Весна Бачева, која завршила на светски познатиот Федерален технолошки институт на Швајцарија, а магистерскиот труд го изработила во IBM Research во Цирих, една од 12-те лаборатории на IBM во светот. Во категоријата млад талент за ученици и ученички од средните училишта признанието „Успешни млади“ ѝ е врачено на Ангела Бушеска, која освоила златни и сребрени медали за најдобар одржувач на дебати на интернационалните олимпијади World Scholar’s Cup и Owlypia. Таа е вљубеник и во математиката, а досега спровела и неколку истражувања во областа на екологијата, физиката и хемијата. Добитник на признанието за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата за млади со попреченост е Ардијан Шабани, кој е активен спортист во здружението „Активен живот“ во Тетово и редовен член на Спортската федерација на Северна Македонија. Ардијан во март минатата година на светските специјални игри во Абу Даби освоил бронзен и сребрен медал во две категории. За најдобара млада уметничка е избрана Симона Димковска, која по завршениот Архитектонски факултет во 2015 година, дипломирала и на Факултетот за драмски уметности во Скопје. На нејзината листа на добиени награди се вбројува и минатогодишната награда за млада актерка за улогите што ги толкувала во претставата „Физика на тагата“, награда од македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Изборот на носителите на признанието го прави посебна комисија составена од 23 члена, меѓу кои академици од МАНУ, реномирани професори од областа на природните, техничките и општествените науки од универзитетите во Република Северна Македонија и од странство, експерти од областа на медицината, бизнис-заедницата и културата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

