Свет
Атина бара од ММФ да ја појасни заканата за банкрот на Грција

Грчката влада побара во саботата од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) да го разјасни документот кој се појави на WikiLeaks, според кој претставниците на ММФ се заканувале дека ќе ја банкротираат Грција, доколку таа не се согласи со новите мерки за кастрење, кои не се дефинирани во договорот со меѓународните кредитори на Грција за добивање на третиот пакет финансиска помош во висина од 86 милијарди евра, а тоа да се случи во контекст на референдумот за останување или излегување на Велика Британија од Европската унија во јуни.
Според објавените документи, челникот на европскиот оддел на ММФ, Пол Томсен, шефот на мисијата на ММФ во Грција Делија Велкулеску и шефицата на секторот на Фондот Ива Петрова во текот на инспекциското советување на 19-ти март разгледувале како да се изврши притисок врз Атина, и се заканувале да ја банкротираат земјата, доколку таа не се согласи на новите жестоки мерки за штедење, кои не се дефинирани во меморандумот. Томсен наводно зборувал за намерата да ги заостри оцените за тоа како е спроведена програмата за реформите до јули.
„Владата на Грција бара појаснение од ММФ, дали стремежите да се создадат услови за банкротирање на Грција, набрзо по референдумот во Британија, е официјалната позиција на Фондот“, изјави портпаролката на грчката влада Олга Геровасили, во писмена изјава испратена до светските агенции.
Објавувањето на споменатата информација на интернет ресурсот познат по обелоденување тајни документи од безбедноста и дипломатијата, предизвика жестоки реакции во Атина.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во саботата свика итен состанок на потесниот дел од неговиот кабинет со учество на министрите за надворешни работи и за финансии, Никос Коѕијас и Евклид Цакалотос.
Ципрас, исто така, ги информирал шефот на државата Прокопис Павлопулос и претседателот на парламентот Никос Вуцис, како и ги известил европските челници и функционери, изјавил претставник на неговиот кабинет за грчките новинари. Премиерот побарал од потпретседателот на Европскиот парламент Димитрис Пападимулис да ги информира европратениците и парламентарните работни групи.
„На крајот, премиерот веднаш испрати официјален допис до Кристин Лагард“, челничката на ММФ, изјавил претставникот на кабинетот на Ципрас.
„Грција се придржува до договореното, и таа бара појаснување на позициите на ММФ. Ги информирав челниците на земји и институции за нашите позиции. Не треба никому да дозволиме да се игра со оган и да ја оставиме земјата и Европа без заштита. Некои сакаат да предизвикаат нова криза во Грција, за да влијаат врз референдумот во Британија и да ѝ наштетат на Европа“, рекол Ципрас во телефонскиот разговор со грчкиот претседател Павлопулос.
Претседателот истакнал дека по воспоставувањето на Европскиот механизам за стабилност, неговите експерти би можел да ја преземат мисијата на ММФ. Според Павлопулос, искуството и знаењата на ESM е очигледно поголемо отколку на оние во ММФ, земајќи ја предвид историјата на вториот.
Во владата во Атина сметаат дека шефот на европскиот оддел на ММФ, Томсен, константно искажува нетрпеливост кон грчката политика, рекол за агенцијата РИА неименуван извор во кабинетот на премиерот.
Треба да се одбележи и дека споменатиот извештај беше објавен токму на денот на враќањето на квартетот меѓународни кредитори во Атина./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Светските берзи паднаа поради заканата на Трамп за ЕУ

На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела бидејќи инвеститорите беа загрижени за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, а на пазарите негативно влијаеа и новите закани на Вашингтон за зголемување на царините за увозот од Европската унија.
На Волстрит минатата недела, Dow Jones се лизна за 2,5 отсто, на 41.603 поени, додека S&P 500 падна за 2,6 отсто, на 5.802 поени, а индексот Nasdaq 2,5 отсто, на 18.737 поени.
Од самиот почеток на неделата индексите беа во минус бидејќи агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите финансиски трошоци и планираните даночни намалувања.
Јавниот долг на САД е околу 36.200 милијарди долари, а може да се зголеми за уште 3.800 милијарди во следните десет години бидејќи претседателот на САД Доналд Трамп има намера да ги намали даноците. Поради ова, приносите на државните обврзници значително се зголемија, што значи дека владата мора да се задолжува по повисока цена.
Намалувањето на даноците веројатно би ја стимулирало потрошувачката и би го поддржало економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил доколку не се намалат државните трошоци. И намалувањето на федералните трошоци, што е еден од приоритетите на Трамп, не оди толку глатко како што најави претседателот. Освен тоа, се чини дека проектот не е доволно добро подготвен.
Сепак, на крајот на неделата, приносите на обврзниците донекаде се стабилизираа, откако Претставничкиот дом на Конгресот тесно го поддржа предлог-законот на Трамп за даночни намалувања, па се уште се чека поддршката од Сенатот.
Но, во петокот, Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи ѝ се на Европската унија со царини од 50 отсто од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од тоа како напредуваат трговските разговори меѓу САД и ЕУ.
И на повеќето европски берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Додуша, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,4 отсто, на 8.717 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,6 отсто, на 23.629 поени, а париски CAC 1,9 отсто, на 7.734 поени.
Економија
Макрон: Албанија за 2 години ќе биде во ЕУ, дојдете и инвестирајте

Францускиот претседател Емануел Макрон од Тирана упати силна порака до странските инвеститори, повикувајќи ги да дојдат и да вложуваат во Албанија, за која изрази убеденост дека „за две години ќе биде дел од Европската унија“.
Изјавата беше дадена на економскиот форум „Приоритет Европа“, организиран од Институтот „Иницијатива за идни инвестиции“ на Ричард Атијас, кој има за цел да ги поврзе европските лидери и иноватори со големи инвестициски фондови од Блискиот Исток, Азија и САД.
„Албанија е влезна точка за регионот на Балканот и медитеранскиот басен. Европа е стабилно и доверливо место. Во овој луд свет, да не ја потценуваме силата на таквите квалитети“, порача Макрон.
Тој додаде дека премиерот Еди Рама има јасен мандат и посветеност Албанија да ја внесе во ЕУ до 2027 година, а според Макрон, тоа би можело да се случи дури и порано – за две години.
Премиерот Рама, пак, изјави дека неговата земја ги започна преговорите со Европската Унија во 2022 година и дека ако ги завршат сите задачи добро, ќе може да ги затворат преговорите до 2027 година. Ова според Рама би било навистина неверојатно.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.