Регион
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
Снимен е моментот на силниот земјотрес во Петриња кога луѓето буквално не можат да се задржат на земјата. Тоа се случи додека градоначалникот на Петриња даваше изјава за медиумите, при што снимателот на Радио Бановина успеа да го сними токму тој момент кога земјата почна силно да се тресе, а луѓето едвај се обидуваа да се задржат на земјата.
Како што соопшти вечерва Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), во Хрватска се почувствувале 20 земјотреси во последните 37 часа. Треба да се нагласи дека станува збор за земјотреси што се почувствуваа бидејќи, всушност, имаше повеќе земјотреси во Хрватска, но сите не беа почувствувани.
Хрватска беше погодена од разорниот земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала. Досега се загинати 7 луѓе, а десетици се повредени. Во Сисак, Петриња и во голем број околни места беше предизвикана огромна штета.
Сеизмологот Сњежан Преволник денес изјави дека не поминуваат неколку секунди без земјотрес.
„Претстои период на исклучително активна сеизмичка активност, која, се плашам, ќе трае многу долго, дури и повеќе од една година“, рече тој.
Вечерва, во 18.29 часот, во централниот дел на Хрватска, е почувствуван нов земјотрес со јачина од 3,9 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот бил на 18 километри западно од Сисак и 42 километра југоисточно од Загреб, пренесува ЕМСЦ. Се почувствувал и во Сисак, Загреб, Петриња, Мала Горица…
Околу 18.58 часот на истиот простор бил почувствуван уште еден умерено силен земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала.
Тоа беше 20-тиот земјотрес почувствуван во Хрватска во последните 37 часа, објави ЕМСЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

