Надворешна политика
Јолевски: Македонија, македонските војници и граѓани го заслужија членството во НАТО
Република Македонија е целосно подготвена за интеграција во НАТО, ние имаме капацитет да ги превземеме сите обврски и одговорности за да придонесеме кон сигурноста и стабилноста на Балканот и евроатлантската област, порача министерот за одбрана Зоран Јолевски во своето обраќање на денешниот состанокот посветен на Платформата за интероперативност, на ниво на министри за одбрана, на НАТО Самитот во Варшава.
„Цврсто сме убедени дека инвестицијата во НАТО ќе ги зацврсти мирот и стабилноста. Нашите војници, кои долги години учествуваат во мировните мисии во Авганистан, го очекуваат и заслужуваат членството“, истакна Јолевски.
Во своето излагање Јолевски рече дека сегашните и идните безбедносни глобални предизвици укажуваат на потребите за интероперативни сили и капацитети. Меѓународниот кризен менеџмент, координацијата и зајакнувањето на механизмите за употреба на ресурсите на капацитетите на армиите од НАТО земјите и партнерите во справување со кризите од поголем обем се мошне значајни. Од септември Македонија ќе биде домаќин на командата на Балканските медицински сили, која ќе овозможи координација во употреба на медицинските ресурси во Југоисточна Европа, додаде тој.
За време на одржувањето на самитот, министерот Јолевски оствари билатерални средби со своите колеги од Италија, Словачка, Литванија, Унгарија, Чешка, Латвија и Словенија. За време на средбите Јолевски порача дека со сите постигнати резултати Македонија го заслужи своето место во Алијансата. Тој додаде дека се радува на фактот што Црна Гора ќе стане членка на НАТО и дека вратите на Алијансата остануваат отворени. Колку побрзо регионот на Југоисточна Европа се интегрира во евроатлантските структури, толку тој ќе биде постабилен и просперитен, порача македонскиот министер./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.