Вести
Советот за безбедност на ОН бара меѓународна истрага за падот на малезискиот авион
Сите петнаесет членки на Советот за безбедност при Обединетите нации побараа на итната седница во петокот доцна навечер меѓународна истрага за падот на малезискиот патнички авион во источна Украина
Пред почетокот на седницата, петнаесетте членки на Советот за безбеднсот на ОН истакнаа барање за „целосна, детална и независна меѓународна истрага“ и „моментален пристап на местото на падот за истрагата за да се одредат причините за несреќата“. Советот за безбедност, исто така, сака истрагата да биде водена според „правилата на меѓународното цивилно воздухопловство“. Американската амбасадорка во ОН Саманата Пауер во контекст на континуираните напади на Вашингтон кон Москва за наводна нејзина одговорност за конфликтот во Украина, рече дека проруските бунтовници и наводната поддршка што ја имаат од Русија се одговорни за несреќата и дека авионот „веројатно го соборила ракета земја-воздух БУК од типот СА-11 истрелана од област која ја држат проруските сепаратисти“ Побара од Москва да изврши притисок врз проруските милиции да прогласат примирје за да се олесни пристапот до местото на падот на авионот. Британскиот амбасадор во светската организација Мар Лиол Грант, исто така побара од „Русија добро да размисли за ситуацијата којашто ја создаде со поддршката и вооружување на сепаратистите“. Москва мора „да престане да ги поддржува сепаратистичките вооружени групи и да го дестабилизира својот сосед“, заклучил Британецот.Неговиот француски колега Жерар Аро рече дека „присуството на вооружени борци кои имаат поддршка однадвор придонесува за влошување на безбедноста во Украина, Русија не може да продолжи да ги вооружува бунтовниците и истовремено да повикува на дијалог“.Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин отфрлајќи ги обвинувањата од западните колеги изјави дека Русија бара формирање меѓународна истражна комисија и ги повтори апелите на Москва до украинските власти да ја прекинат офанзивата во источна Украина каде што се гаѓаат цивилни, се употребуваат тешка артилерија, воздухопловни сили и ракетни системи. Чуркин, исто така, изјави дека Киев морал да го затвори својот воздушен простор, и праша „зошто украинската контрола на летањето го испратила линискиот патнички авион во областа каде што спроведува воени дејствија“.На амбасадорите на неколку земји од кои се жртвите во трагедијата, меѓу кои и на Малезија и Холандија, им беше дозволено да учествуваат на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН.Заменикот генерален секретар на ОН за политички прашања, Џефи Фелтмен најави дека следните денови е отпатува во Киев и во Москва и ќе предложи пријателско посредување на Обединетите нации. Исто така, рече дека генералниот секретар Бан Ки-Мун во сабота ќе разговара со украинскиот претседател Петро Порошенко./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.