Црна хроника
Обвинение за предизвикување тешка верижна сообраќајна несреќа на автопатот Велес – Скопје
Основното јавно обвинителство во Велес поднесе обвинителен предлог до Основен суд Велес против две лица за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Тие се обвинети дека предизвикале верижна сообраќајна несреќа, во која една патничка го загуби животот, а неколкумина беа повредени.
„Двајцата обвинети, на 16.01.2020 година, околу 9:15 часот не се придржувале кон сообраќајните прописи и предизвикале верижна сообраќајна несреќа со која го довеле во опасност животот и телото на други луѓе. Првиот обвинет управувал патнички автомобил на автопатот Пријателство“ делница Велес-Скопје. Кај местото викано Пуста Кула, по наплатната рампа Отовица, не ја приспособил брзината на движење на возилото кон својствата и состојбата на патот – видливоста, прегледноста и атмосферските услови. Во услови на намалена видливост поради густа магла и замрзнат и лизгав коловоз, непочитувајќи ги сообраќајните знаци, автомобилот го управувал со брзина од 105 километри на час. Како резултат на тоа изгубил контрола врз возилото и застранил десно, па го завртел воланот на лево, што предизвикало излизгување на автомобилот, со кој најпрвин удрил во бетонската ограда од вијадуктот, а потоа и во заштитната метална ограда. Се запрел во попречна положба во однос на правецот на движење на автомобилите, зафаќајќи го поголемиот дел од левата и еден дел од десната сообраќајна лента.
Вториот обвинет, пак, управувал со товарно моторно возило со 0,16 промили алкохол во организмот. Кога пристигнал на местото на кое бил извртен патничкиот автомобил, наместо да го запре товарното возило на посебната лента за принудно запирање, тој го застанал на десната сообраќајна лента, со што целосно го попречил движењето по автопатот. Притоа не презел никакви мерки за отстранување на опасноста или предупредување на останатите учесници во сообраќајот.
Како резултат на ова однесување на двајцата обвинети, настанала верижна сообраќајна несреќа во која учествувале уште еден влекач и четири патнички автомобили. Во несреќата, една патничка го загуби животот, а неколкумина беа повредени“, наведува Јавното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен скопјанец баран со потерница за издржување казна затвор
Денеска во 16:30 часот полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје по издадена судска наредба го лишија од слобода 26-годишниот Е.Т. од Скопје во врска со сторено кривично дело “Тешка кражба” за издржување на казна затвор во времетраење од три години.
По целосно документирање на случајот лицето ќе биде предадено во казнено-поправна установа.
Црна хроника
Кривична пријава против двајца кавадарчани за сторено кривично дело „лихварство“
ОВР Неготино, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против Н.С.(59) и Р.С.(34), двајцата од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.
Според пријавнеото, тие во периодот од јуни 2023 до ноември 2025 година на лице од Неготино му давале пари на заем со писмени и усни договори, а за себе договарале несразмерна имотна корист во вкупна вредност од 167.000 денари за што оштетениот доставил и докази.
Со наредба од Основен суд Кавадарци извршен е претрес во нивниот дом и помошни простории, при што се пронајдени и одземени мобилни телефони, а од Н.С. се одземени тефтери со забелешки, по што двајцата се лишени од слобода.
Црна хроника
Крадец влегол во куќа во Битола, го затекнал сопственикот
Основното јавно обвинителство Битола поведе истражна постапка за кривично дело – Разбојничка кражба против едно лице на возраст од 36 години.
На 15 декември, околу два часа по полноќ, осомничениот влегол во незаклучена куќа на улицата „Елпида Караманди“ во Битола, пребарувал низ спратот и пронашол и одзел 2.500 денари. Сопственикот го затекнал при кражбата, па осомничениот, со намера да ги задржи украдените средства, физички го нападнал со употреба на сила и му се заканил дека ќе го прободе со скалпел.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор.

