Македонија
(Видео) Макрадули: Повеќе дигитални услуги, подобрување на ефикасноста на доставата и зголемено работно време
Изминативе триесет дена откако „Пошта на Северна Македонија“ целосно се отвори кон медиумите и е постојано присутна на социјалните мрежи, пристигнаа повеќе од 1.000 коментари од страна на граѓаните. Ме радува што две третини се коментари кои ни даваат поддршка и ја гледаат разликата во новата работа, а потврда за тоа е и зголемениот број на испорачани пакети во Скопје во текот на декември 2020 година, рече генералниот директор на Пошта, Јани Макрадули.
Тој истакна дека секој со својот личен ангажман и вршење на зададените работни задачи мора да придонесе да се врати Пошта таму кај што припаѓа – меѓу граѓаните.
„Ја враќаме Пошта кон граѓаните бидејќи токму тие ни даваат плата бидејќи избираат да ги користат нашите услуги. Затоа мора да бидеме отворени и одговорни, но и да слушаме и исполнуваме. Сакам да нагласам дека особено ги слушаме критиките. Ќе бидам искрен и ќе кажам дека, за жал, има пратки што доцнат, пратки што не се испорачуваат, граѓаните се соочуваат со нељубезен однос и непочитување на работното време од дел од вработените!“, потенцираше Макрадули.
Затоа, посочи тој, во Пошта секој треба да биде подготвен за пофалби, но првенствено да преземе конкретни решенија за овие критики, почнувајќи од него како генерален директор, членовите на Управниот одбор, па сè до пошторазнесувачот или шалтерскиот работник.
Макрадули ги наброја и новитетите кои се предвидуваат да се воведат оваа година.
„Во 2021 година сакаме да одговориме на предизвиците и барањата на граѓаните преку повеќе дигитални услуги, подобрување на ефикасноста на доставата, зголемување на работното време и начинот на кој ќе бидат отворени шалтерите во Пошта, како и преку брзо започнување со електронска трговија кое е наша голема обврска кон граѓаните, особено во време на Ковид-19“, истакна тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

