Регион
Тешко вооружени џихадисти отворија оган врз турската војска
Група до десетина џихадисти на Исламската држава користеле тешко вооружување во напад врз воен граничен премин во турската покраина Килис, при што е убиен еден турски војник а други двајца се ранети.
Како што пренесува агенцијата Anadolu, припадниците на Исламската држава до граничниот премин дошле возејќи се со теренски возила. Претставник на Генералштабот на турските вооружени сили го потврдил нападот прецизирајќи дека огнот бил отворен од сириската страна на границата од територијата што ја контролираат џихадистите. Турција и Сирија имаат граница долга 900 километри од кои речиси половината се под контрола на Исламската држава или на другите сунитски екстремистички групации коко Џебхат ан-Нусра.
„Еден војник загина, а двајца се повредени. Телото на убиен терорист со запленет фрлач на гранати, автомат и муниција е донесено на турска територија. Три возила на борците на Исламската држава се тешко оштетени“, соопштиле од турската армија.
Во меѓувреме во турската престолнина Анкара премиерот Ахмет Давутоглу свика итен состанок на министерскиот кабинет посветен на безбедносните прашања, во врска со овој напад, а особено со терористичкиот напад од понеделникот кога во пограничниот град Суруч во напад на бомбаш самоубиец беа убиени 32 активисти на претежно курдски здруженија кои за кои е осомничен млади Турчин кој пред неколку месеци ѝ се приклучил на Исламската држава. На состанокот присуствуваа и шефовите на воените и националните разузнавачки агенции.
Во пограничните региони на Турција со Сирија, во врска со неодамнешните неколку терористички напади, меѓу кои и убиството на двајцата полицајци во средата во југоисточниот град Чејланпинар, и растечката закана од Исламската држава, Генералштабот започна со распоредување на дополнителни оклопни единици и на армиските специјалци ткн „бордо беретки“. Во покраината Килис, која граничи со Сирија, повеќе погранични области се прогласен за „посебни безбедносни зони“ во коишто војниците имаат право да пукаат без предупредување.
Турската армија започна со бомбардирање на позициите на Исламската држава на територијата на Сирија. Операцијата започна веднаш по џихадистичкиот напад во Килис, и прекуграничниот артилериски и тенковски оган траел неколку часа. Има и медиумски извештаи дека во покраината Дијарбакир биле подигнати ловците „F-16“ кои полетале во насока на турско-сириската граница.
Во вторникот дневниот весник Hurriyet повикувајќи се на извори во турското разузнавање дека Националната разузнавачка агенцијa (MIT) ги предупредила безбедносните сили дека се можни напади од припадници на Исламската дражва во периодот од 22-ри јуни до 3-ти јули.
Меѓу овие имиња на листата можни џихадистички атентатори фигурирале и имиња на три жени. Весникот Habertürk, пак, ги идентификуваше нив како Фадиме Курт, Озлем Јилмаз и Нурај Демирел, како можни извршителки на бомбашки напади во Турција.
Tурската полиција, најверојатно по известувањето добиено од разузнавањето, неодамна изврши операции против лица осомничени за врски или за припадност на Исламската држава, во повеќе градови. Во рациите во Истанбул, Анкара, Измир, Коња и во Шанлиурфа биле уапсени 97 лица.
Уште во септември 2014 година турските медиуми пишуваа дека ново појавени исламски здруженија вршат регрутација на борци за Исламската држава меѓу Турција. Досега се проценува дека повеќе стотици турски државјани им се приклучиле на џихадистите во Сирија, поради што турските власти ја зголемија контролата над граничниот појас каде што веќе беа изведувани бомбашки напади, и спроведуваа масовни приведувања на осомничени за поврзаност со сунитските радикали./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.

