Спорт
„Нула“ на „Енфилд“, Јунајтед останува лидер

Ливерпул и Манчестер јунајтед одиграа дерби без голови (0:0) на „Енфилд“ за гостите да останат на првото место во Премиер лигата во меч во кој дефинитивно беше потребна поголема возбуда и поотворена игра од двата тима.
Ливерпул на Јирген Клоп, очекувано, почнаа со притисок од стартот на мечот, и Роберто Фирмино имаше одлична шанса, додека Јунајтед се задоволија со „умртвување“ на играта на домаќините и најдобрата шанса ја имаше Бруно Фернандеш со слободниот удар од 20-тина метри кој помина покрај стативата.
И второто полувреме помина во сличен ритам, со доминација во поседот на „црвените“, но без конкретни резултати. Хери Мегваер беше одличен во одбраната кога ги блокираше двата обиди на Фирмино и Салах на почетокот на второто полувреме, а во 75. минута, Јунајтед се заканија преку Бруно Фернандеш, но Алисон беше на место. Во 83. минута, Ван-Бисака одлично го пронајде Погба, кој шутираше директно во Алисон.
Јунајтед остануваат први со 37 поени, Лестер се втори со 35, Ливерпул се трети со 34, Тотенхем имаат 33, а Манчестер сити 32 во неверојатно тесната трка за титулата во Премиер лигата оваа сезона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Камавинга се повреди против Хетафе, ќе го пропушти финалето против Барселона

Реал, во предградието на мадрид, со тешка мака го победи Хетафе со 1:0 во 33.коло. Реал остана четири чекори зад Барселона во пресрет на меѓусебниот дуел, најпрвин в Купот, а потоа и во првенството.
Единствениот гол на натпреварот на „Колосеум Алфонсо Перез“, го постигна турскиот репрезентативец Арда Гулер. Покрај Гулер херој на Реал е Тибо Куртоа кој имаше вкупно шест одбрани, од кои две во самиот финиш.
Реал натпреварот го заврши со играч помалку на теренот. Во финишот поради повреда мораше да излезе Едуардо Камавинга, во ситуација кога Карло Анчелоти ги изврши сите измени.
По победата Анчелоти потврди дека Камавинга нема да конкурира за место во тимот за натпреварот против Барселона, во финалето на Купот, в сабота од 22 часот во Севилја.
Спорт
„Секоја чест за Консеисао што веруваше во Јовиќ“

Лука Јовиќ повторно е стартер, повторно дава голови, постигнува важни голови и решава натпревари, ова е главниот впечаток во Италија по „Дерби дела Мадонина“ во Купот на Италија.
„Росонерите“ благодарение на двојниот стрелец Јовиќ во реваншот го победија Интер со 3:0, вкупни 4:1 и се пласираа во финалето на Купот. За титулата ќе се борат со Болоња, која првиот меч во Емполи го доби со 3:0, така што реваншот вечерва ќе биде само формалност.
Лошата сезона за Милан сега изгледа помалку лоша, бидејќи тимот ќе се бори за вториот трофеј, по оној што го освои во Ријад, во рамките на италијанскиот Суперкуп.
Андреа Страначони, поранешниот тренер на Интер, за италијанските медиуми го анализираше дуелот помеѓу Интер и Милан. И донекаде е изненаден од играта на српскиот напаѓач кој, како што вели, би го задржал во клубот.
„Не знам дали Консеисао, кој беше тренер на Виторија Гимараеш кога Јовиќ дебитираше во португалскиот фудбал (за Бенфика) како 19-годишник, тогаш веќе беше негов навивач… Но, едно е сигурно: му честитам што веруваше во Јовиќ, инсистираше на него и покрај тоа што клубот вложи милиони во трансферот на Хименз во јануари. Би го задржал Јовиќ“, изјави Страмачони.
Спорт
Брансон е најдобар „Clutch“ играч во НБА

НБА го објави името на добитникот на наградата „Џери Вест“ која се доделува во последните три години.
Лауреат е Џејлен Брансон од Њујорк Никс, која доби најмногу гласови, веднаш пред второпласираниот Никола Јокиќ.
Станува збор за награда наречена „NBA Clutch Player of the Year“, односно за најдобриот играч во одлучувачките моменти од натпреварот.
Брансон навистина се истакна оваа сезона во неизвесните завршници и беше фаворит за освојување на овој трофеј, па немаше големо изненадување. Јокиќ беше и втор фаворит, кој го доби местото што се очекуваше пред објавувањето на конечните резултати.
Трет по бројот на гласови заврши Ентони Едвардс од Минесота Тимбервулфс.
Пред Бренсон, оваа награда која се доделува од 2023 година, оваа награда ја добија Стеф Кари и Диерон Фокс.