Македонија
(Видео) Спасовски – Секуловиќ: Преку зајакнато регионално поврзување до побрзо членство во ЕУ
Република Северна Македонија и Црна Гора како земји партнери од Западен Балкан во наредниот период ќе работат на продлабочување на меѓународната соработка како клучен предуслов за успешно справување со транснационалниот криминал и илегалната миграција на регионално и на меѓународно ниво на тој начин потврдувајќи ја својата посветеност кон европската перспектива како цврста стратешка определба, беше соопштено денеска по состанокот на министрите за внатрешни работи на двете земји, Оливер Спасовски и Сергеј Секуловиќ, за време на официјалната посета на делегација од црногорското Министерството за внатрешни работи на Црна Гора, чиј домаќин е министерот Спасовски.
Министерот Спасовски ја истакна важноста на заложбите на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија за унапредување на меѓународната соработка, со посебен акцент на регионалната соработка како приоритет на патот кон евроинтеграциите, со посебен фокус на размената на добри практики од терен за предизвиците со кои се соочуваат државите од регионот и Европската Унија во насока на сузбивање на транснационалниот организиран криминал.
„Придонесувајќи кон регионалната безбедност, заеднички придонесуваме кон стабилност и на Европската Унија, што се пресликува и на глобално ниво. Соработката меѓу министерствата за внатрешни работа на Република Северна Македонија и на Црна Гора е плодна и отворена што, секако, е резултат на добрите односи што постојат меѓу двете земји“, рече Спасовски.
Според Спасовски, сите овие теми се високо на агендата како на ЕУ така и на агендите на земјите кандидати за членство.
„Токму во овој контекст, а со оглед дека за Поглавјето 24, одговорноста и надлежноста му припаѓа на Министерството за внатрешни работи, разговаравме и за европските, но истовремено и за нашите национални и регионални приоритети – борбата против организираниот криминал и тероризмот и справувањето со сите миграциски предизвици. Со г. Секуловиќ констатиравме дека е неопходно интензивирање на соработката, притоа нотирајќи некои конкретни практични активности што треба да се преземат. Почнувајќи од соработка во изработката на акциски планови за Поглавјето 24, со јасно дефинирање на целите за секоја од областите во Поглавјето, како и редовно одржување состаноци на ниво на работни групи во однос на ова поглавје меѓу двете држави“, посочи министерот Спасовски.
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Секуловиќ, ја истакна одлучноста на владата на Црна Гора да ги поддржи напорите на Северна Македонија на патот кон европските интеграции.
„Подготвени сме да им ги ставиме на располагање нашите капацитети на колегите од Северна Македонија во делот на спроведување на обврските во рамките на поглавјата 23 и 24 и уверен сум дека стручните знаења и искуства во текот на преговарачкиот процес ќе бидат од значење и дека преку овој вид соработка дополнително ќе ја унапредиме размената на информации помеѓу институциите задолжени за спроведување на законите“, истакна министерот Секуловиќ.
Како што посочи црногорскиот министер, здравствената криза дополнително ја зајакна свеста за важноста на посилно регионално поврзување, но и потребата за воспоставување подобро заедничко дејствување помеѓу регионалните иницијативи и Европската Унија.
„Нашите пријателски земји ги поврзува заедничка историја и имаме обврска меѓусебните врски да ги одржиме и зацврстиме“, нагласи Секуловиќ изразувајќи ја својата увереност дека Црна Гора и Северна Македонија во наредниот период ќе дадат свој полн придонес за конкретизација на современите демократски принципи.
Двајцата министри за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Црна Гора, Спасовски и Секуловиќ, се согласија дека транснационалниот организиран криминал станува сѐ покомплексен и налага продлабочување на регионалната и меѓународната соработка, а акцентот ќе биде на сузбивање на меѓународните организирани криминални групи, со што двете земји ја искажуваат подготвеноста за создавање услови за поволен политички и безбедносен амбиент во напредокот во европските интеграции.
Министрите изразија обострано уверување дека пред ресорсите за внатрешни работи, како и пред двете држави, претстои период на уште поинтензивна соработка, во која двете партнерски земји, како членки на НАТО, може да сметаат на заемна поддршка во исполнувањето на европската агенда на патот кон остварување на евроинтеграциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

