Свет
Судењето за отповикување на Доналд Трамп ќе почне в понеделник
Претставничкиот дом на САД в понеделник ќе достави предлог до Сенатот за отповикување на поранешниот претседател Доналд Трамп, обвинувајќи го за поттикнување бунт.
На тој начин ќе започне судска постапка што може да ја „затвори вратата“ тој повторно да се кандидира на претседателските избори, изјави денеска лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер.
„Претставничкиот дом ќе достави член за отповикување до Сенатот. Сенатот ќе спроведе судење за отповикување на Доналд Трамп. Ќе биде целосно судење. Ќе биде праведно судење”, рече Сумер во Сенатот, пренесува „Ројтерс“.
Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, предложи почетокот на судењето за отповикување на поранешниот претседател Доналд Трамп да се одложи за една недела или повеќе, за Трамп да има време да ја подготви својата одбрана. Сепак, Меконел им рече на своите републикански колеги дека краткото одложување ќе му даде време на Трамп да го подготви и состави неговиот правен тим, што ќе обезбеди правично судење.
Процесот пред Претставничкиот дом ќе го водат девет менаџери за отповикување кои редовно се состануваа за да разговараат за стратегијата.
Демократите се надеваат дека ќе го водат процесот, притоа носејќи закони кои се приоритет за Бајден, вклучително и олеснување поради пандемијата на коронавирусот, но за тоа им треба одредена соработка од републиканските сенатори. Демократите велат дека постапката треба да се одвива брзо, бидејќи сите биле сведоци на опсадата, додека многумина избегале поради загрозената безбедност додека бунтовниците упаднале во Конгресот.
Претставничкиот дом го отповика претседателот во заминување една недела подоцна, а десет републиканци гласаа за отповикување на Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

