Регион
Трнливиот пат на Мира Фурлан, од секс-симбол до предавница, келнерка и холивудска ѕвезда
По веста за смртта на познатата филмска и театарска актерка Мира Фурлан, која почина на 65-годишна возраст, јавноста се потсетува на нејзината биографија во која има многу подеми и падови. За нејзиниот живот се пишуваше и се зборуваше многу во последните децении. Никогаш не го криеше фактот дека напуштањето на родната земја и на професијата во даден миг го гледаше како единствено решение за време на немирите што го зафатија регионот.
Патот до славата беше трнлив
Родена е во Загреб, а во 1991 година Мира се пресели во Америка, каде што започна целосно нов живот.
Сепак, на нејзиниот пат кон успехот му претходеа немили настани. Нејзината мајка починала од рак кога актерката имала само 16 години, што за неа било пресилен удар, поради специфичната врска што ја имале. Тие често се карале, а Мира по смртта на мајка ѝ ги напишала своите писма во кои се извинува.
Во 1986 година Мира се сретнала со српскиот режисер Горан Гајиќ, со кого наскоро започнала врска. Бидејќи од љубов живеела на релација Белград-Загреб, хрватските медиуми ја обвинија дека се приклонува кон Србија во раните 90-ти и објавија текстови во кои ја нарекуваа предавница.
Како ја освоил режисерот?
„Тој се искачи на јарболот на бродот што нè однесе од Хвар до Вис. Гледајќи го како се држи до тој неописливо висок јарбол со една рака, сфатив дека тој е човек кој не се плаши. Конечно, си реков. Моите претходни средби со луѓето од спротивниот пол беа претежно средби со целосно преплашени мажи. Паничниот страв од жените е исто така извор на насилство врз жените, што ја карактеризира оваа област. Овој страв и омразата што произлегува од тоа беа, исто така, според мене причина за линчувањето на моето детство во раните деведесетти “, изјавила Фурлан за медиумите.
Станот ѝ бил одземен, работела како келнерка
Често посетувала психијатар, поради што била изложена и на јавни осуди. Откако ја отпуштиле од Хрватскиот народен театар, станот што го наследила од нејзината баба и` бил одземен, а таа добивала по 50 смртни закани на ден.
Мира и Горан биле принудени да се преселат во Белград во 1991 година, од каде што заминале во САД. Тие таму направиле сè за да преживеат. Горан работел како доставувач, асистент и уредник, а Мира како келнерка, продавачка и преведувач. Тие се заколнале на вечна љубов и добиле син кого го крстиле Марко Лав.
Во периодот од 2004 до 2008 година таа глумела во американската серија „Изгубени“, која постигна планетарен успех, а беше и исклучително популарна во Србија.
Наскоро постигнала исклучителна репутација во Америка, а во 2014 година добила понуда да предава на филмската академија во Лос Анџелес, а потоа и на филмската академија во Њујорк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Побаран притвор за сите уапсени поради трагедијата во Нови Сад, меѓу нив и поранешен министер
По рочиштето, Вишото јавно обвинителство во Србија побара притвор за сите 12 уапсени, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ и уште еден осомничен по кој беше распишана потерница, поради падот на настрешницата на железничката станица на 1 ноември во при што загинаа 15 лица.
Покрај Весиќ, кој поднесе оставка пет дена по несреќата, меѓу уапсените, а за кои Вишото јавно обвинителство во Нови Сад бара притвор, се и Јелена Танасковиќ, која поднесе оставка од челната позиција во Железничката инфраструктура на Србија, поранешниот директор на Инфраструктурата на Железниците на Србија Небојша Шурлан, како и помошникот министер за железнички транспорт Анита Димовски.
Обвинителството предлага приведување и притвор и за 13. осомничениот кој е во бегство и по кого е распишана потерница.
Осомничените се товарат за сторени повеќе кривични дела предизвикување јавна опасност, тешки кривични дела против општата безбедност и неправилно изведување градежни работи и им се заканува затворска казна од две до 12 години.
Вкупно 15 лица загинаа во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември околу пладне – 14 загинаа на местото на несреќата, додека уште едно лице од тројцата тешко повредени им подлегна на повредите подоцна во болница.
Регион
Голем протест на пензионерите во Атина
Во Атина се одржаа големи протестни демонстрации на пензионерите. Сакаат добро здравство и повисоки пензии.
„Сакаме достоинствени пензии“, скандираа пред парламентот стотици грчки пензионери кои на протестот пристигнаа од целата земја. На дел од плакатите беа испишани нивните барања – пристојни пензии, бесплатни лекови и ниски цени, барем за основните потреби.
Демонстрантите за медиумите изјавија дека сакаат и да се отстранат голем дел од пензиските одбитоци и да се плати голем попуст за струја, како и во другите европски земји.
Големиот проблем со кој се соочуваат пензионерите се недостатоците во здравствениот систем – немање доволно специјалисти во државните болници и скапите лекови. И грчките пензионери побараа бесплатни празнични ваучери за сите пензионери.
Пензионерите на протестите скандираа „Стоп за војната во Украина и Газа, не убивајте млади луѓе“.
Голем број млади се приклучија во поддршка на протестот на пензионерите.
Регион
(Видео) Излизгани возила, застој на автопатиштата, сообраќаен колапс поради снежна бура во Србија
Попладнево во Србија падна снег кој зад себе остави колапс во сообраќајот и предизвика дефекти во електричната мрежа.
Дождот и силните налети на ветерот се претворија во снег во Белград, каде снегот паѓаше со поголем интензитет, што дополнително ја усложни состојбата во сообраќајот и предизвика тотален колапс, пренесуваат тамошните медиуми.
Поради снежни наноси застој има на автопатот од Ниш кон Белград, на делот од патот од Алексинац кон Ражње.
Сообраќајот се одвива отежнато и на автопатот Ниш-Димитровград кај тунелот Банчарево, поради снежни наноси и сообраќајна несреќа во која учествувале патник и товарно возило, стои во написите.
Јавното претпријатие „Патишта на Србија“ ја информира јавноста дека при денешните обилни врнежи од снег на речиси целата територија на Србија, во повеќе случаи товарни возила се излизгале и на тој начин биле блокирани повеќе патни правци, поради што сообраќајот бил во прекин и на автопатот и и на патиштата со низок степен, поради некористење зимски гуми и опрема од страна на неодговорни возачи на тешки моторни возила – шлепери.
ЈП „Патишта на Србија“ апелира особено до возачите на тешки моторни возила и сите други учесници во сообраќајот да не излегуваат на пат без задолжителна зимска опрема, да користат синџири, особено во ридско-планинските предели, да ги почитуваат ограничувањата на брзината, сообраќајните сигнали и да ја приспособат својата брзина на условите на патот.
На целата територија на Република Србија, механизацијата е достапна на терен 24 часа, а екипите на патиштата се во готовност и подготвени да интервенираат за да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот, пишуваат српските медиуми.