Македонија
Општина Центар усвои Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието

Советот на Општина Центар на последната, 59-та седница покрај останатите точки, ја усвои и Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество на Општина Центар.
Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество е изработена во рамки на националниот проект за Меѓуетничка интеграција на млади во образованието, кој е поддржан од Министерството за образование и наука, финансиран од USAID, а го реализира Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО).
Во првата фаза (во 2019 година), овој проект беше спроведен во вкупно 15 општини, а во 2020 година Општина Центар влезе во втората фаза, односно во следните 15 општини кои треба да ја изработат општинската Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието во траење од 5 години. Унапредувањето на мултикултурализмот и интеркултурализмот, меѓуетничката интеграција и сузбивањето на стереотипите и предрасудите се планираат во годишните програми за работа на училиштата.
Стратегијата содржи конкретни задачи, мерки и проекти кои Одделението за образование на Општина Центар ги концепираше во соработка со училиштата, експерти од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и менторска поддршка, посети и дискусии со претставници на Град Скопје.
Комисијата имаше задача да изработи Стратегија на Општина Центар за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество, како и Акциски план на Стратегијата, врз кој ќе се темелат акциските планови на основните училишта во општината. Истовремено, Комисијата ќе работи на обезбедување финансиска и логистичка поддршка, учество во реализацијата и следење на МИО активностите и младинските иницијативи во училиштата, информирање на јавноста, изработка на Годишни извештаи од имплементацијата на планот за мерење на постигнувањата во областа на интегрираното образование на подрачјето на општината и доставување на збирни извештаи до градоначалникот и Советот на Општина Центар.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, предложи Нацрт – Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество да биде разгледана и во целост усвоена. Откако советниците ја изгласаа, Одлуката ќе биде објавена во Службен весник на РСМ, истата ќе стапи на сила и ќе започне со реализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николоски: Филипче нашол еден договор во Железница на цели 45 илјади евра, а сумата не ја кажува, затоа што Венко таа сума за јахтата ја троши за отприлика 3 до 5 дена

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ имаше свое обраќање на денешниот народен митинг во општина Ново Село, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, чиј слоган е Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина! Николоски зборуваше за опозицискиот лидер, Венко Филипче, кој за време на претходната власт беше министер за здравство, и комплетно го колабираше здравството во земјата, а сега се фали дека е во комуникација со Артан Груби и пријател на Зоран Заев. Според него, обвинителството треба да истражи како Филипче, може да биде во комуникација со бегалец од правдата, и поради ова, како што вели тој, на претстојните локални избори треба да има масовна излезеност, со цел да се стави крај на оваа криминална банда на СДС.
„Имајќи предвид дека се крајно очајни, дека се свесни дека ова ќе е историски најголем пораз којшто им се случил како СДС. Ги фати паника уште пред да почне кампањата и водат црна кампања уште од првиот ден, од почетокот на кампањата. Поцрна кампања скоро и да не сме виделе. Во таа црна кампања на очај, не можат да најдат ништо што би го отвориле би го кажале за Владата предводена од премиерот Мицкоски, за министрите, за раководството на ВМРО-ДПМНЕ и почнаа да измислуваат“, рече Николоски.
Николоски зборуваше како Филипче и понатаму се фали дека е во комуникација со Артан Груби, а се фали и дека е голем пријател на Зоран Заев. Според него обвинителството треба да истражи како лидер на опозиција е во комуникација со бегалец од правдата. Николоски посочи дека зборувањата на Филипче за договор што направила Железница се смешни, бидејќи двете претпијатија од Железници ги оставија уништени, а вработените без плата.
„Венко Филипче вчера, нашол еден договор во Железница на цели 45 илјади евра, внимавајте сумата не ја кажуваат, затоа што 45 илјади евра, Венко за јахтата троши отприлика за 5 дена, ако прави подолга дестинација или побрзо ја вози за 3 отприлика одат само за бензин“, кажа Николоски и додаде:
„Истиот тој случајно, или не се фали дека е голем пријател на Зоран Заев и еден од ретките којшто комуницира со Артан Груби. Па ако не истражуваат за начинот на којшто работеле во минатото, еве од обвинителството, нека истражат како е тој човек во комуникација со бегалец од правдата. Мислам дека час поскоро, минута поскоро после ова што го кажувам треба да го повикаат, барем на разговор во обвинителството, затоа што помагање на бегство е исто така кривично дело“.
Николоски се осврна и на периодот кога Венко Филипче беше министер за здравство. Според него, СДС комплетно го уништи здравствениот систем во земјата, и го доведе целосно во колапс, притоа злоупотребувајќи ја ковид кризата, за свои лични финансиски интереси.
„Целосно го уништија здравството, здравство кое што беше целосно во колапс и на колена. Ја злоупотребија најголемата криза, корона кризата. Кога луѓе умираа секој ден за да вршат набавка на вакцини по три пати поскапи цени преку компанија за јужно овошје, наречена Стабри од Хонг Конг. Купуваа заштитна опрема по 10 пати повисока цена од она што беше реално. И последни, последни во цел регион обезбедија заштита на народот, мораше да чекаме донации од соседни држави за да почне народот да се спасува“, вели Николоски.
Како што вели тој, СДС ја опустоши целата држава, а со цел да се заштитат самите правеа национални предавства. Тој повика и на масовна излезеност на претстојните локални избори, со цел конечно да се стави крај на бандата на СДС.
„Се работи за најголемата криминална банда воопшто видена во македонската политика. Се работи за луѓе кои што ја опустошија цела држава, а за да се заштитат себе правеа национални предавства. И затоа ни е потребна една голема мобилизација на овие избори. Масовно да се излезе на 19 октомври, да гласаме за број 9 и да победиме уште во првиот круг, за да ставиме конечен крај на оваа банда“ заклучи Николоски.
Македонија
Меџити и Вардар го претставија Мастер планот за Чаир, сеопфатна визија за модерна, функционална и урбано силно идентификувана општина

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити во соработка со
светски познатиот архитект, Бајрам Вардар, денес го претставија Мастер
планот за Чаир, стратешки документ кој има за цел трансформација на
општината во модел на одржлив развој, со модерна инфраструктура, урбано
зеленило, културни простори и нови образовни и младински центри.
Мастер планот е резултат на работењето на широк тим експерти од Турција
и Северна Македонија, под водство на архитектот Бајрам Вардар, урбанист
со потекло од Скопје, кој изгради успешна кариера во Турција и беше дел
од тесниот тим на претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на неговиот
мандат како градоначалник на Истанбул. Во тимот учествуваа и познатите
експерти Надир Доган и д-р Мустафа Тутар, заедно со локални специјалисти
кои обезбедија прилагодување на планот кон реалните потреби на Чаир.
Мастер планот се темели на седум клучни столбови на развој:
Транспорт и сообраќај
Заштита на културното наследство
Туризам и економија
Образование
Култура и уметност
Рекреација и спорт
Урбана трансформација
Фокусот на планот се конкретни решенија за олеснување на сообраќајот и
модернизација на инфраструктурата. Визијата предвидува изградба на
булеварот “Хрватска” и “Црна Гора”, што ќе овозможи движење од
Автокоманда кон Сарај без да се минува низ Чаир. Исто така, предвидено е
проширување на булеварите “Митат Фрашери”, “Џон Кенеди” и “Цветан
Димов”, како и оптимизација на клучните сообраќајни точки за зголемување
на протокот. Еден од најзначајните проекти е изградбата на кружниот тек
околу парк-шума Гази Баба.
Друг клучен елемент е ревитализацијата на Стариот Чаир, со конкретни
мерки за зголемување на бројот на туристи, развој на економијата и
културниот живот, со трансформација на традиционалните ханови во
функционални центри и епицентри на урбани активности.
Проектот предвидува и создавање на 5000 нови паркинг места, вклучувајќи
механички паркинзи, како и изградба на нови младински центри, реновирање
на постоечките училишта и креирање на модерен кампус за Универзитетот
“Мајка Тереза”.
Посебно внимание во Мастер планот е посветено на проектот „Модерна
Топхана“, кој има за цел трансформација на населбата Топхана во иконичен
и атрактивен простор за Скопје, со спојување на траги од верски,
културни и историски вредности со современ архитектонски јазик, во
согласност со стандардите на Европската Унија.
На настанот за презентација на Мастер планот присуствуваа граѓани,
архитекти, урбанисти, претставници на медиуми и јавни личности, кои ја
поздравија оваа иницијатива како голем чекор кон трансформација на Чаир
во европска општина со силен урбан и културен идентитет.
Македонија
Трипуновски: Откупот на пиперка се одвива непречено, земјоделството останува врвен приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ

„Вчера во Струмица остварив средба со откупувачи и преработувачи на пиперка. На средбата договоривме откупот на пиперката да се одвива со одбитоци не поголеми од 3%, а откупната цена да не биде пониска од 25 денари за килограм пиперка откупена на рефус. Исто така, договорена е и динамиката на откупот, при што целата пиперка ќе биде откупена“, информира министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
„Денеска, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, ги посетивме откупните центри во Кривогаштани и Могила, каде што извршивме увид во откупниот процес на пиперката. Ова е резултат на нашата постојана грижа за заштита на интересите на земјоделците и обезбедување на фер услови при откупот на земјоделските производи. На секој откупен пункт ќе има инспектор кој ќе го следи откупот и нема да дозволи манипулации во самиот процес. Земјоделството е приоритет и ние сме тука да ги штитиме правата на секој земјоделец“, пишува во објавата на ФБ.