Македонија
Кузеска: Пописот е важен за развојот на државата, не смее да се прекине поради хирови на Мицкоски

Прашањето на пописот е премногу важно за развојот на државата и не смее да се прекине поради политичките хирови на неспособниот Христијан Мицкоски или негови блиски поединци во ВМРО-ДПМНЕ, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш наоѓа причина да блокира и опструира.
„Политичарите како Мицкоски не се способни да понудат никаков напредок за граѓаните. Затоа го политизираат пописот, шират невистини и оспоруваат резултати на уште неспроведен попис, во некаков неразумен обид да го саботираат целиот процес. Немањето попис цели две децении е штетно. Пописот е основ за планиран економски развој на земјата, за напредок. Кога ќе имаме реална слика за состојбата на терен, ќе може да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот – економски, здравствени, образовни, социјални, културни. Со тоа ќе се унапредат и нивните права и придобивки“, рече Кузеска.
Таа тврди дека пописот ќе ја регистрира реалноста таква каква што е, а резултатите нема да значат суспендирање нечии права.
„Пописот сега е вратен во рацете на институциите, на професионалците од Државниот завод за статистика. Операцијата ја спроведуваат професиналци по сите европски стандарди. Така е правилно. А не како во минатото, ако политичко тело го спроведува пописот, тој најдиректно се политизира и на крајот нема резултат. ВМРО-ДПМНЕ го прекина последниот обид за попис, и тоа го направи откако потроши милиони евра народни пари“, додаде Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Граѓаните кои живеат во близина на пожарот да ги напуштат живеалиштата поради штетните сустанци, радијација нема

Локализиран е пожарот кој избувна во складиштето за електроника во Трубарево, пришто опожарена е и пластика.
Министерот Панче Тошковски вечерва на вонредна прес-конференција објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, но во непосредна близина на пожарот има високо ниво на штетни супстанци.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставани сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски, истакнувајќи дека на 400 метри од пожарот не е евидентирано загадување и ова се однесува на оние кои живеат во околината.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.
Пожарот се гасне со песок, по препорака на меѓународни стручњаци. Министерот потврди дека горат батерии што налага посебен начин на делување.
Македонија
Вечерва ќе има први резултати за квалитетот на воздухот во Трубарево

Министерството за животна средина и просторно планирање ангажираше акредитирани лаборатории за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во погодената зона, по пожарот што избувна во Трубарево.
Резултатите од овие мерења ќе бидат јавно објавени веднаш по нивната обработка, а првите резултати веќе се очекуваат вечерва.
Во очекување на резултатите од мерењата, Министерството препорачува граѓаните во погодената област да преземат следниве мерки за заштита:
1. Останете дома – Избегнувајте престој на отворено, особено во близина на локацијата на пожарот.
2. Затворете ги прозорците и вратите, за да се намали можноста за внесување на загаден воздух во просториите.
3. Исклучете надворешна вентилација, Избегнувајте користење на клима уреди и системи без филтри кои вовлекуваат воздух однадвор.
4. Заштитете ги ранливите групи – Децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања нека останат во затворен простор.
5. Користете заштитни маски – Ако е неопходно излегување, носете маски од тип FFP2 или FFP3.
6. Бидете внимателни со храна и вода – Темелно измијте овошје и зеленчук од околните градини. Користете само вода од сигурни извори.
7. Следете ги официјалните информации, Редовно информирајте се преку каналите на Министерството.
Министерството апелира на смиреност и рационално однесување и уверува дека сите надлежни институции се мобилизирани за следење и управување со состојбата.
Македонија
Ѓорѓиевски: Пожарот е злосторство против народот, скопјани не смеат да се гушат во чад и отров

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, реагираше по повод големиот пожар што избувна во Скопје, оценувајќи го како директна закана за здравјето на граѓаните и за животната средина.
„Во овој момент сведочиме на ужас што не смее да се повтори – огромен пожар ја уништува животната средина и директно го загрозува здравјето на скопјани,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека од самиот почеток, заедно со колегите Бобан и Дејан, е на терен и дека се вложуваат максимални напори за ставање на пожарот под контрола.
„Ангажиравме општествено одговорни компании кои со машинерија и песок помагаат во негово затрупување. Со нас се и екипите на Противпожарната служба од Скопје и МВР. Се користат сите расположливи сили за ставање под контрола на оваа катастрофа,“ нагласи Ѓорѓиевски.
Тој го нарече настанот „злосторство против народот и луѓето на Скопје“ и порача дека „некој си игра со трпението и здравјето на граѓаните“.
„Упатувам апел до сите надлежни институции: постапете итно и безмилосно! Скопје и неговите граѓани не смеат да се гушат во чад и отров,“ рече кандидатот за градоначалник на Скопје.
Ѓорѓиевски додаде дека ќе останат на терен со граѓаните сѐ додека пожарот целосно не биде изгаснат.