Регион
Лекар од Бања Лука силувал пациент по тешка сообраќајна несреќа
Основниот суд во Бања Лука го потврди обвинението против познатиот доктор од овој град Дарко Голиќ за кривично дело сексуално вознемирување на пациентот М.Ѓ.
Повикувајќи се на наоди од Обвинителството во Бања Лука, локалните медиуми пишуваат дека резултатите од истрагата потврдиле постоење на основано сомнение дека д-р Голиќ извршил кривично дело против 36-годишниот пациент М.Ѓ., инаку татко на две деца, кој бил хоспитализиран во Клиничкиот центар на Република Српска по сериозна сообраќајна несреќа.
„Преку вештачење на Институтот за судска медицина утврдено е дека ДНК на осомничениот Голиќ е пронајдена на повеќе примероци, и тоа на пациентот М.Ѓ, потоа на креветот на оштетениот, неговите очила, како и на пелените за возрасни“, соопштил неименуван извор од истрагата.
Обвинителството тврди дека врз основа на сите собрани докази произлегува оти на 19 јануари минатата година, од 19 до 22 часот, осомничениот д-р Голиќ, како раководител на Клиниката за анестезиологија, ревматологија, интензивно лекување и терапија при УКЦ на РС во Бања Лука, извршил обљуба на пациентот М.Ѓ, при што бил затекнат од двајца здравствени работници.
Според информациите, пациентот некое време бил во кома, од која се разбудил, но не можел да се одбрани од половиот напад бидејќи бил врзан за креветот, што е вообичаена постапка за спречување на самоповредување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
По апсењето за трагедијата во Нови Сад, Весиќ штрајкувал со глад и одбил помош, денеска итно пренесен во болница
Поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, утрово со возило на брзата помош од притворот во Нови Сад бил пренесен во болницата во Сремска Каменица.
Како што е објавија српските медиуми, поради нагло влошување на неговата здравствена состојба, по шестдневен штрајк со глад и одбивање лекарска помош, управата на Окружниот затвор во Нови Сад го известила Вишиот суд дека е неопходно тој да биде префрлен во болница.
Управникот на Окружниот затвор во Нови Сад, Миле Јандриќ, за „Танјуг“ изјави дека Весиќ, по специјалистичкиот преглед, е задржан на одделението за коронарна интензивна нега со одобрение на судијата за претходна постапка.
Весиќ беше уапсен и приведен во Нови Сад поради падот на натстрешникот на железничката станица во овој град на 1 ноември, при што загинаа 15 лица, а двајца сè уште се во критична состојба.
Регион
Брнабиќ: Опозицијата сака граѓанска војна, власта сака работа и просперитет за сите граѓани
Претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ денеска изјави дека претставниците на опозицијата кои вчера направија бунт во Народното собрание сакаат граѓанска војна, а владејачката коалиција, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ сакаат работа и просперитетот на Србија со цел подобрување на стандардите на сите граѓани на Србија.
Брнабиќ за РТС изјави дека штетата направена вчера во Народното собрание ќе чини многу, и таа ќе се потруди целата да ја сноси опозицијата на чело со Драган Ѓилас.
„Разбирам дека бегаат да зборуваат за буџетот. Србија во првите девет месеци од оваа година е најбрзо растечка европска економија. Првиот пат кога зборуваме за буџетот имаме инвестициски рејтинг, во нивно време БДП беше 33 милијарди евра, а на крајот на годината ќе имаме повеќе од 80 милијарди, додека целта е до 2027 година, благодарение на паметната политика што ја води Александар Вучиќ, да имаме повеќе од 100 милијарди евра“, рече Брнабиќ.
Регион
Познатата српска актерка Слобода Миќаловиќ претепана во Белград
Познатата српска актерка Слобода Миќаловиќ, вчера, во 18.50 часот, била физички нападната од 47-годишната С. Д..
Како што неофицијално објави српски „Телеграф“, кај С. Д., по пристигнувањето на полицијата, било утврдено присуство на алкохол во крвта.
Како што пишуваат српските медиуми, тепачката се случила на плоштад во Земун.
Актерката наводно управувала со возило и кога тргнала напред, со предниот дел од автомобилот удрила во случајниот минувач С. Д. во пределот на коленото, што довело до вербален, а потоа и физички конфликт.
Актерката потоа била префрлена на Ургентниот центар.