Црна хроника
Полициска акција во Прилеп- се апсат вработени во МВР
Вработени во Министерството за внатрешни работи земале поткуп и на прилепчани им издавале лични документи преку ред, односно по забрзана постапка.
Засега не се знае бројот на осомничените, бидејќи сè уште се собираат докази, се врши претрес во домовите на вработените во МВР, како и во домовите на нивните посредници, и се земаат искази од осомничените и од граѓаните кои давале пари за да извадат побрзо документи.
Вработените во МВР ги искористиле законските обврски на граѓаните за промена на личните документи, што во многу општини низ Македонија создаде турканици пред шалтерите.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска не ги потврди информациите дека приведените се роднини на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и рече дека ова не е релевантна информација за Министерството.
„Немам таква информација, и тоа не е информација која е релевантна за МВР, бидејќи ние постапуваме по пријава за сторени прекршувања на законските прописи. Дали некој на некого му е роднина, пријател и познаник, воопшто не е релевантно. Наша должност е да ловиме криминал“, рече министерката Јанкулоска.
Во Прилеп се вршат претреси и во домовите на физички и правни лица кои не се вработени во МВР, за да се обезбедат докази за нивна вмешаност како посредници.
Посредниците во овој случај биле „линк“ меѓу граѓаните на кои им требаат документи и оние кои ги издаваат документите.
Бројката приведени ќе зависи од доказите и исказите и доколку се потврдат сомневањата против сите кои се вмешани во криминалот ќе биде поднесен соодветен поднесок./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена пријавила дека партнерот ја нападнал и ѝ го одзел телефонот, оштетено и нејзиното возило во Кисела Вода
Вчера околу 20:50 часот, 31-годишна жена пријавила во полицијата дека била физички нападната од нејзиниот партнер Љ.З. во неговиот дом на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата, тој ѝ го одзел мобилниот телефон, ја нападнал, ѝ упатил закани користејќи остар предмет, а подоцна и го оштетил нејзиното возило со тврд предмет, додека било паркирано во дворот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Фирма од Велес оштетена за над 21.000 евра преку фалсификувана електронска фактура
На 3 февруари 2026 година, во 07:15 часот, 60-годишна жителка на Велес пријавила во СВР Велес дека фирмата каде што работи е оштетена за 21.111 евра.
Според пријавата, компанијата извршила уплата на средства врз основа на фактура испратена од деловен партнер. Но, по добиена порака преку електронска пошта дека уплатата не била реализирана, фирмата стапила во контакт со банката и партнерот. Тогаш било утврдено дека оригиналната фактура била пресретната, фалсификувана и пренасочена, по што средствата биле уплатени на туѓа сметка.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Автомобили се судрија на патот Куманово-Скопје, едно лице тешко повредено, возачот бил без дозвола
На 3 февруари 2026 година, околу 10:55 часот, на регионалниот пат Куманово–Скопје, во селото Љубодраг, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила со кумановски регистарски таблички.
Според информациите од СВР Куманово, се судриле „ауди“, управувано од М.А. (47) од селото Љубодраг, и „шкода“, со која управувал Б.С. (51) од Куманово. Во несреќата тешко телесно бил повреден возачот на „шкодата“, додека полесни повреди добиле неговите сопатници Т.Р. (49) од Куманово и М.Ј. (49) од селото Черкези, како и возачот на „аудито“ и неговата сопатничка О.Ц. (45) од Куманово.
При увидот на местото на несреќата било утврдено дека едниот од возачите, немал возачка дозвола. Од полицијата најавија дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

