Црна хроника
Двајца албански државјани обвинети за трговија со марихуана во Гостивар
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен акт против две лица, државјани на Албанија, за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Освен ова, едниот обвинет се товари и за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста според член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Двајцата обвинети соизвршители, на возраст од 21 и 19 години, на почетокот на ноември 2020 година во Албанија набавиле наркотична дрога марихуана и ја внеле во државава со намера да ја препродадат. Дрогата ја сокриле во високиот возен парк на улица „Боге Велјаноски“ во Гостивар. На 6 ноември, овластени полициски службеници ги забележале обвинетите во моментот кога извадиле чанта од местото на кое ја криеле дрогата. Полицајците се обиделе да им извршат личен преглед, но двајцата обвинети пружиле активен отпор и се дале во бегство. При обидот да биде совладан, едниот од обвинетите со тупаница го удрил по лицето инспекторот, нанесувајќи му телесна повреда. Откако бил совладан и му бил извршен претрес, во чантата бил пронајден над еден килограм наркотична дрога – марихуана. Вториот обвинет, пак, следниот ден сам се пријавил во полициска станица во Гостивар.
Ценејќи дека и натаму постојат основите – опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и можност да се повтори делото, надлежниот јавен обвинител за двајцата обвинети предложи да биде продолжена претходно определената мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Едно лице загина во сообраќајна несреќа кај Кучевиште
Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајна несреќа што се случила вчера на локалниот пат с.Кучевиште- с.Кучевишка Бара.
Во несреќата учествувале патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(65) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.С.(57) од с.Кучевиште, скопско.
На местото на несреќата починал возачот на патничкото возило „форд“ В.П., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „фолксваген голф“ Ж.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција, а извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Пијан 36-годишник од Кичево се однесувал агресивно во казино, двајца охриѓани се истепале во друго казино
Рано утрово, во 04:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека во казино на улицата „Абас Емин“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.У.(35) и М.„Н“, двајцата од Охрид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок, извести СВР Охрид.
Исто така ноќеска во 03:10 часот на улицата „Тане Цалески“ во Кичево, полициски службеници го приведоа 36-годишниот Р.С. од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во казино во Кичево агресивно се однесувал кон вработените. По преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,06 промили алкохол во крвта. Тој е спроведен во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа: кривична пријава за охриѓанка
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Р.(40) од охридското село Велгошти.
Таа се сомничи за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“.
Имено на катастарска парцела во државна сопственост во атар на истото село, таа без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа. Врз основа на констатираната состојба, овластен градежен инспектор изготвил решение за нивно отстранување.

