Свет
Пациент оставен без храна 100 часа и без лекар три дена во болница во Јоханесбург
Смртта на еден млад човек заболен од Ковид-19 ја покажа ужасната состојба во здравствениот систем на Јужна Африка. Шонисани Летол (34) не јадел 100 часа во болницата каде што се лекувал ниту, пак, бил посетен од лекар три дена. По истрагата, народниот правобранител ја обвини болницата „Тембис“, во близина на Јоханесбург, за сериозна небрежност.
„Проблемите што ги имам во една од вашите болници продолжуваат, стануваат неподносливи. Изгледа дека не ги интересира сето ова“, му напишал несреќниот пациент Шонисани Летол на министерот за здравство, Звелиј Мхизе, на „Твитер“, два дена по приемот во болницата, објави „Стрејтс тајм“ пренесувајќи го „Блумберг“.
Смртта на Летол предизвика лутина на социјалните мрежи бидејќи во Јужна Африка има голем јаз меѓу 15 проценти од населението што има целосно здравствено осигурување и остатокот од населението. Илјадници луѓе потпишаа петиција со која се бара правда.
Летол бил донесен во болницата во јуни и страдал од бубрежна инсуфициенција по заболувањето од Ковид-19, но не знаел за резултатите дури шест дена пред неговата смрт. Несреќниот млад човек не примал храна 43 часа пред да прими седативи за спиење и не му била дадена инфузија уште 57 часа по заспивањето, покажала истрагата.
На медицинските лица им биле потребни 69 часа за да ја проценат неговата здравствена состојба, а откако починал, неговото тело останало во болничкиот кревет уште десет часа. Родителите му донеле храна, но не му била доставена затоа што вратарите и чистачите се плашеле да влезат во одделот за Ковид-19 без заштитен костим.
Народниот правобранител заклучи во извештајот пред неколку дена дека болницата не смела да се користи за пациенти со Ковид-19, ниту дека ги исполнува здравствените стандарди.
Утврдено е дека оваа болница сместувала пациенти без Ковид-19 и со Ковид-19 во исто одделение, а управата на болницата е обвинета за застрашувачко водење евиденција и за непосредно пренесување на телата во мртовечницата.
Властите ќе преземат дисциплинска постапка против директорот на болницата и дел од персоналот вклучувајќи ги и оние што лажеле под заклетва за да ги доведат во заблуда истражителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Српската министерка за енергетика понуди оставка поради санкциите врз НИС
Владата на Србија денеска одржа вонредна седница поради американските санкции врз НИС.
Министерката за енергетика, Дубравка Џедовиќ Хандановиќ, понуди оставка.
„Се подготвивме за непредвидливи ситуации, за да можеме да реагираме. Сепак, мора да ги задржиме нашите резерви. Како министерка за енергетика, ве известувам дека е невозможно да се води овој ресор во ситуација кога НИС е под санкции. Подготвена сум да поднесам оставка, бидејќи не гледам начин на кој можеме да ја надминеме ситуацијата. Без рафинеријата во Панчево нема живот за нас. Таа е од витално значење за граѓаните и економијата. Можеме да чекаме три или четири дена, но не повеќе од тоа, бидејќи нема прилив на сурова нафта“, кажа Џедовиќ Хандановиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека Србија „страдала како трева во судир на слонови“ во оваа криза, а министерот за финансии, Синиша Мали, нагласи дека земјата нема избор и дека ситуацијата ја загрозува економската стабилност и перспективите за инвестиции.
Седницата ја следеа претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министри и директори на јавни претпријатија.
САД испратија одговор на барањето што руските сопственици на Српската нафтена индустрија го испратија до американскиот OFAC на 11 ноември, со кое се бара продолжување на лиценцата за работа, врз основа на преговори со трета страна, а кое Србија официјално го поддржа.
Во барањето се наведува дека руската страна е подготвена да ја отстапи контролата и влијанието врз компанијата НИС на трета страна. Ова сега е одбиено.
САД воведоа целосни санкции врз НИС поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво на 9 октомври.
Свет
(Видео) Силен олуен систем го погоди западниот регион на Буенос Аирес
Силен олуен систем го погоди западниот регион на Буенос Аирес, а градот Сан Николас се уште е под портокалово предупредување поради можни екстремни временски удари, соопштија метеоролозите.
Според Аргентинскиот државен хидрометеоролошки завод, нестабилноста во атмосферата се зајакнува поради судир на студен и топол воздух, а низок воздушен притисок дополнително го зголемува ризикот од интензивни олуи.
Во Генерал Вилегас се забележани драматични ѕидови од облаци кои брзо се движат преку рамницата, а се очекуваат силни грмотевици, нагло засилени поројни врнежи, можен крупен град и ветрови со брзина до 70 километри на час.
🤯⛈️ Impresionante tormenta en General Villegas, provincia de Buenos Aires. pic.twitter.com/VwPP1Abk58
— Tormentas de Zona Sur (@SurTormentas) November 16, 2025
Граѓаните се предупредени на претпазливост и да избегнуваат излегување надвор за време на екстремните временски услови.
Свет
Украина зимава ќе увезува гас од Грција
Украина ќе увезува гас од Грција за да ги покрие потребите за време на зимата, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Денес веќе го подготвивме договорот со Грција за гас за Украина, што ќе претставува уште една рута за снабдување со гас за да обезбедиме увоз за зимата“, напиша Зеленски на Телеграм, пренесува Ројтерс.
Тој додаде дека Украина „има договори за финансирање на увозот на гас“, со кои ќе се покријат скоро две милијарди евра за увоз на гас, за да се „надоместат загубите во украинското производство, предизвикани од руските удари“.
Зеленски ги објави најновите информации за снабдувањето со гас пред својата посета на Грција, која е најавена за денеска, од каде потоа ќе отпатува во Франција и Шпанија.
Украинскиот претседател рече дека Киев обезбедил средства за увоз на гас од европски партнери и банки под гаранции на Европската комисија, како и од украинска банка, додека истовремено соработува со американски партнери за целосно финансирање.

