Македонија
(Видео) Лазов: Нема вакцини, ама има нов скандал на Филипче – ја продава стерилизацијата на фирма што само тој ја знае
Додека во сите земји целиот здравствен систем е насочен кон превенирање и лекување на граѓаните заболени од коронавирусот, а паралелно се одвива процесот на вакцинација, Филипче продолжува само со лаги. Секако, и во реализација на неговиот приоритет, а тоа се неговите лични интереси и интересите на Заев и неговата екипа, обвини д-р Кирил Лазов од ВМРО-ДПМНЕ.
„Така, додека во сите земји стигнува веќе третата тура од вакцини, додека граѓаните може да избираат со која вакцина ќе се вакцинираат, кај нас наголемо има распродажба на области од здравството. Во 2019 година Филипче стартуваше со физибилити-студии за еден вид приватизација на лабораториите, Службата за итна медицинска помош, стерилизацијата и слично, а веќе избрале фирма што треба да направи физибилити-студија за приватизација на рендгенот.
И сега решил да ја приватизира стерилизацијата. Подготовката почнала кон крајот на 2019 година, а со неа Заев и Филипче се занимавале во текот на цела 2020 година во ек на пандемијата на коронавирусот. Процедурата е стигната дотаму што на клиниките во рамките на кампусот „Мајка Тереза“ им е доставен договорот што треба да го потпишат со фирмата што ќе ги нуди услугите.
Или клиниките се ставени пред свршен чин – еве ви го договорот – потпишете.
А цените во договорот што Владата, преку Министерство за здравство го потпишала со фирмата, со која само тие знаат како ја избрале, се четири пати повисоки. Или еден сет, чија стерилизација со новиот договор чини нешто повеќе од 16 илјади денара, претходно чинел околу четири илјади денари. Наместо грижа за лекови против корона и набавка на вакцини, тие се занимаваат со продажба на јавното здравство.
Почитувани, недозволиво е во период на корона-пандемија, кога бројката на заболени во земјата се движи кон 100 илјади, а на починати кон 2.800, министерот да се занимава со распродажба на здравството. Сега приоритет број еден е вакцинација, а Филипче не успеа да најде ниту една вакцина. Лошиот менаџмент на корона-кризата и немањето вакцини чини човечки животи. За тоа одговорност мора да има!“, истакна Лазов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Голем број документи, а сè повеќе кршења на човековите права
По повод Меѓународниот ден на човековите права, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената седница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа укажа дека 10 декември е симбол на современата култура на човекови права, без чие почитување нема правна држава, ниту демократија.
За неа, парадоксален е расчекорот меѓу огромниот број правни документи и институции, од една страна, и алармантниот пораст на конфликти, бегалци и нови форми на прекршување на правата како дигитално надгледување и алгоритамска дискриминација до климатски неправди што директно го засегаат правото на живот, здравје и достоинство, од друга.
Според неа, климатската криза и современите војни ја разголуваат ранливоста и неефикасноста на меѓународниот правен систем и поредок.
Таа истакна дека Меѓународниот ден на човековите права не треба да биде само ден за комеморација, туку момент на соочување со тешките прашања како:
‒ Дали нашите институции гарантираат правичност, еднаквост и достоинство или само ги опишуваат и набројуваат?
‒ Дали нашето судство има сила да каже „не“ кога политиката вели „да“?
‒ Дали медиумите имаат простор да истражуваат корупција без страв?
‒ Дали ранливите групи се видливи во нашите политики?
„Човековите права се секогаш резултат на постојана и секојдневна борба, на институционална храброст и на граѓанска свест и совест. Секоја генерација мора одново да ги освојува, брани и толкува низ призма на современите предизвици“, заклучи таа.
На Свечената седница се обратија и проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

