Македонија
Влада: Во Извештајот на ЕK пописот се наведува како важна обврска за нашата држава
Пописот на населението, домаќинствата и становите кој ќе се спроведе во април 2021 година ќе ги даде сите потребни одговори во однос на обезбедување квалитетни статистички податоци кои се клучни за градење стратегии и политики и за успешен и предвидлив развој на државата, соопшти Владата.
„Пописот не е и не смее да биде политичка операција, туку независна статистичка операција, организирана согласно стандардите не Обединетите нации и според правилата на Евростат, статистичка операција која ни недостига речиси 20 години“, се наведува во владиното соопштение.
Како што се додава, пописот годинава ќе се спроведе со значително помалку средства споредено со последниот неуспешен обид за попис, поевтино од што се предлагаше, а се спроведува со најмодерните алатки и технологии.
„Пописот е задолжителна активност и законска обврска за сите лица и домаќинства. Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, пописот се споменува како важна обврска на нашата држава која треба да биде реализирана. Поглавјето статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите со ЕУ.
Со учеството во пописот секој граѓанин ќе даде свој личен придонес кон подобра иднина за сите нас. Тоа е наша должност, наша обврска кон државата, кон нас самите и кон нашите деца.
Преку одговорното учество граѓаните ќе придонесат во ажурирање на податоците, со цел да обезбедиме факти наместо претпоставки, да обезбедиме податоци важни за општините, за бизнис-заедницата, за невладиниот сектор и секој граѓанин како дел од нашата држава.
Ажурираните податоци, кои ќе ги обезбедиме преку пописот, овозможуваат општините да го планираат својот развој, условите за инвестициите, буџетските средства и ќе можат да ја зголемат прегледноста врз основа на која ќе ги планираат буџетските средства и средствата од ЕУ-фондовите.
Методологијата и темите на пописот се дефинирани од страна на меѓународните статистички тела и се рефлектираат и во законодавството на ЕУ.
Програмата за попис на населението и домаќинствата во 2020 година е координирана од страна на Статистичката комисија на Обединетите нации и Конференцијата на европски статистичари на UNECE. Принципите и препораките за 2020 година беа одобрени уште во 2015 година.
Државниот завод за статистика ги има сите професионални и стручни капацитети и е подготвен успешно да одржи и спроведе попис согласно стандардите на Обединетите нации и на Евростат.
Пописот 2021 за прв пат дава можност да се попишат и нашите граѓани и нивните домаќинства во странство. Ова ќе овозможи давање приказ на миграциските движења, што е добра основа за градење стратегии и политики за успешно запирање на овој процес.
Пописот 2021 е нашата заедничка иднина, која ни отвора европска перспектива за нашата држава и за нас лично како нејзини граѓани“, се додава во соопштението од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

