Македонија
Дискусија за интерпелацијата на Димитров: опозицијата бара оставка, за пратениците од власта – предлогот е лицемерен и неоснован
Пратениците од опозицијата бараат вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров, да си поднесе оставка од функцијата, како што кажаа од собраниската говорница, за манипулацијата на јавноста за добивањето датум за преговори со ЕУ, за неуспесите за почеток на преговорите, за потпишувањето на договорот со Бугарија, кој, според нив, го оспорува македонскиот јазик и идентитет. Велат политичка одговорност мора да има и да им се стави крај на штетните политики што ги води Димитров.
„Кажавте – ако во октомври нема датум за преговори, нема да имам лице да ве погледнам, но вие, наместо да си дадете оставка, станавте вицепремиер за евоинтеграции. Ако имавте лице, немаше да ја прифатите функцијата. Но, вие сте научени да бидете на функција и само тоа ве интересира – фотелјата. Без срам и перде ги трошите народните пари, само на шетање и на сликање. Не одите на работа, за 6 месеци сте одржале само еден колегиум. Која е таа институција со која раководите? За што служите таму? За парада и трошење пари? Овие луѓе што седат овде пијат нафта? Се лажете“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
За пратениците од власта, барањето за интерпелација е неосновано и лицемерно затоа што, според нив, државата има значајни успеси на надоврешен план, особено со влезот во НАТО и откочувањето на процесот на евроинтеграциите, кои, според нив, ВМРО-ДПМНЕ ги заглавило една деценија во ќор-сокак.
„Каде ѝ е лицето и на ВМРО-ДПМНЕ, која со години ја држаше државата изолирана? Каде е човекот што и денес ја контролира партијата – Никола Груевски? Наспроти резултатите што ги имаме денеска. Ќе наведам само неколку заслуги на надворешен план. Димитров на средба со Помпео, Димитров на средба со генералниот секретар на НАТО, Палмер на средба со Димитров и ред други. Мицкоски ги донира лустерите од белата палата во црква, не лажете се дека гревовите на партијата ќе ги исперете преку црквата. Ни Господ не може да ви помогне за сторениот криминал“, рече пратеникот Горан Мисовски од НСДП.
Пратеникот од албанската опозиција, Сурија Рушиди, рече дека одговорност за неуспехот за евроинтеграциите, треба да сноси и министерот за надворешни работи, кој, според нив, ништо не направил за тргање на ветото од страна на Бугарија.
„Ако се земе предвид дека клучен проблем за застојот на евроинтеграциите е бугарското вето, на ваше место тука требаше да биде Бујар Османи, но заедничкото за двајцата е што вашиот шеф е ист. Сакам да бидам максимално коректен за тоа што е направено или не. Знаете дека консензус треба да најдеме за прашања од надворешната политика. За НАТО се вети и се направи, поддржавме. Но, за ЕУ немаме ништо, освен што видовме празнување во авионот од фотографиите што ги споделивте во јавноста“, рече Рушиди.
За интерпелацијата на Димитров за збор се јавија над 60 пратеници. Според Деловникот, за интерпелација на министер се дискутира еден ден, што значи дека може да трае најдоцна до полноќ по што пратениците треба да изјаснат дали се „за“ или „против“ вицепремиерот да ја напушти функцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата, велат од СДСМ
Две години нема зголемување на платите во Армијата, со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во одбраната, велат од СДСМ.
Во времето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, платите растеа во сите сектори, платите псотојано се зголемуваа 7 години а парите завршуваа кај граѓаните.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери, Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата, нема пари за поголема минимална плата, нема пари за поголеми плати.
Криминалот и корупција заедно со политиките на изолација на владата на Мицкоски директно се одразуваат на влошување на економијата, значат помалку пари, преполовени инвестиции, несигурност“.
Според СДСМ, дупката во буџетот е огромна, недостасуваат, како што велат, од околу 2 милијарди евра.
„Тоа носат политиките на изолација, на анти ЕУ кампања и против САД. Затоа со ВМРО сме во група на земји со Сомалија.
Одбрана на земјата е многу важно прашање, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“.
Македонија
САД нема да им даваат визи, Мицкоски конечно најде стратегија како да ги задржи младите во Македонија, вели Жерновски
Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, со критики за владината политика по одлуката на САД за суспендирање на имигрантските визи.
„Нема виза ни за периметарот. Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.
„Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции.
Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш.
Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите.
Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација.
Ветува надеж, а носи рестрикции.
Ветува перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.
Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани.
Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија.
Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.
Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.
А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет“, објави Жерновски.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.

