Црна хроника
Полицијата се' уште ги бара крадците на Комерцијална банка
Полицијата се’ уште трага по крадците кои утрово околу 8 часот ја ограбија експозитурата на Комерцијална банка на улица „Партизански одреди“ во трговскиот центар „Буњаковец“. МВР единствено располага со описот на изгледот на лицата
„Единствено располагаме со опис на изгледот на лицата, односно висина и како биле тие облечени, но некакви подетални информации околу идентитетот на сторителите се’ уште немаме“ изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.Грабежот се случил неколку минути, откако обезбедувањето на банката ги доставило парите кои им биле неопходни на вработените за дневно работење. Откако обезбедувањето ја напуштило експозитурата, две лица маскирани со црни плетени фантомки под закана со пиштол побарале од вработените да им ги дадат сите пари со кои располагаат. Неофицијално, украле околу 58 илјади евра. Парите ги ставиле во кеси за смет и ја напуштиле експозитурата по што заминале во непознат правец. „Веднаш по добиената пријава МВР ги презеде сите неопходни мерки. Увидни екипи беа на терен, а се преземаат мерки за потрага во околината по лицата за кои што се претпоставува дека е можно, според описот како се облечени, да го извршиле разбојништвото“ вели Котевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Битолчанец се сомничи за напад врз неговата 79-годишна баба, со тешки повреди пренесена во болница
Полицијата вчера го приведе Т.Р. (28) од Битола, во казино лоцирано на улицата „Партизанска“, поради сомнение дека физички ја нападнал својата 79-годишна баба во семејниот дом.
Според информациите од полицијата, при нападот на жената ѝ биле нанесени тешки телесни повреди. Таа со возило на Итната медицинска помош била пренесена во Клиничката болница во Битола, каде што ѝ била укажана лекарска помош.
Во координација со надлежен јавен обвинител, против Т.Р. ќе биде поднесена кривична пријава.
Црна хроника
Скопјанец со автомобилот удрил во млад човек пред локал, приведен е во Карпош
На 17 јануари 2026 година, околу 14:40 часот, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Н.С. на подрачјето на општина Карпош, поради насилен инцидент што се случил ден претходно.
Според пријавата, на 16 јануари, пред угостителски објект, осомничениот со своето возило прво го оштетил автомобилот на 23-годишниот Г.Ѓ. од Скопје, а потоа со истото возило го удрил и него. По инцидентот, полицијата започнала постапка, а ден подоцна го лишила од слобода Н.С.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Трактор со дрва паднал во река, загина 58-годишен струмичанец
Вчера околу 10:45 часот, во Полициската станица Струмица било пријавено дека трактор со приколка натоварена со дрва паднал во речното корито на реката Тркање, на местото викано „Белик“, во атарот на селото Градско Балдовци.
Тракторот го управувал 58-годишниот Д.Н. од Струмица, кој починал на самото место. Смртта ја констатирал лекар од Медицинскиот центар Струмица.
Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и екипа од СВР Струмица.
Фото: depositphotos (илустрација)

