Европа
Русија смета дека изјавата на Советот за безбедност за изборите во Донбас била несоодветна

Проектот на изјавата на Советот за безбедност на Обединетите нации за изборите во самопрогласените рускојазични региони во источна Украина не беше прифатена, бидејќи беше несоодветна, соопшти ноќта кон вторникот постојаната мисија на Руската Федерација во ОН, откако претходно украинскиот амбасадор во светската организација ја обвини Москва дека ја блокирала нацрт резолуцијата со која се осудуваат споменатите избори за која руската страна најави дека ќе ги признае и покрај противењето на Киев и неговите западни поддржувачи.
„Постоеше предлог изјава за јавноста, која се покажа несоодветна и поради таа причина не беше прифатена“, ја цитира РИА Новости изјавата на портпаролот на постојаната руска мисија во ОН, Алексеј Зајцев, без да даде поединости во што руската страна ја гледа несоодветноста на текстот.Москва претходно најави дека ќе ги признае изборите за претседатели и народни совети во самопрогласените рускојазичните источни украински републики и оти смета дека тоа се основен предуслов за продолжување на мировните преговори со централните власти во Киев, што не го споделуваат украинските власти, Европската унија и Генералниот секретар на ОН.Претходно постојаниот претставник на Украина во ОН, Јуриј Сергеев соопшти дека петнаесетте членки на Советот за безбедност на ОН работеле на усвојување на декларацијата во петокот и подоцна во текот на викендот, но Русија се спротиставила. Во текстот кој го предложила Литванија било истакнато дека гласањето организирано во неделата во регионите Луганск и Донецк, е спротивно на договорот од Минск, склучен на 5-ти септември за прекин на огнот меѓу прозападните власти во Киев и проруските бунтовници во источна Украина, со поддршка на Москва и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), појасни Сергеев./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Ковчегот на папата Франциско затворен, погребот в сабота наутро

Од средата наутро, кога телото на покојниот папа Франциско беше пренесено во базиликата „Свети Петар“, низ неа поминаа 150.000 луѓе од целиот свет. Ковчегот на папата беше затворен вечерва, а погребот ќе се одржи в сабота наутро.
Пред церемонијата на запечатување, во ковчегот на папата беа поставени 12 монети, по една за секоја година од неговиот понтификат, како и краток запис и извештај за неговото папство. Церемонијата ја водеше кардиналот Кевин Фарел, камерлегно на Светата Римска црква.
Реки верници доаѓаат во Рим за да присуствуваат на утрешниот погреб на папата Франциско, а се очекува и пристигнување на бројни делегации од целиот свет.
Во Рим се воведени строги безбедносни мерки, со илјадници волонтери и полицајци, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони подготвени за полетување.
Европа
Жена во Шпанија ја продала новородената ќерка за 2.000 евра на двојка која не можела да има деца

Шпанската полиција уапси 37-годишна жена која ја продала својата новородена ќерка на пар кој се лекува од неплодност, јавува АФП.
Полицијата соопшти дека жената била уапсена минатиот месец во Мостолес, јужно предградие на Мадрид. Брачен пар осомничен за купување дете и двајца нивни роднини беа уапсени во јужниот град Кордоба.
Според прелиминарната истрага, жената се согласила да им ја предаде својата новородена ќерка на двојката за 2.000 евра. Сепак, по породувањето, таа се предомислила и побарала да ѝ го вратат детето.
Двојката, според АФП, одбила да го врати бебето освен ако жената не им го врати платениот износ, плус дополнителни 1.000 евра за покривање на трошоците што тврделе дека ги направиле во текот на месецот што го поминале со неа во Кордоба пред да се роди детето.
Полицијата започна истрага откако една жена поднесе жалба тврдејќи дека семејство во Кордоба го „киднапирало“ нејзиното новородено бебе. Детето е предадено во центар за заштита на деца во Кордоба. Полицијата, исто така, објави дека властите ѝ одзеле уште шест деца на жената во 2022 година поради занемарување.
Европа
Зеленски: Подготвени сме да разговараме за територија, но само под еден услов

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денес дека Украина ќе биде подготвена да разговара за територијални прашања како дел од мировните преговори, но само откако Русија ќе се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот.
„Целосно и безусловно примирје отвора можност да се разговара за сè“, изјави Зеленски пред новинарите во Киев.
Тој ја коментираше и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во интервју за „Тајм“ изјави дека „Крим ќе остане со Русија“.
„Она што го кажува претседателот Трамп е вистина. Се согласувам со него дека денес немаме доволно оружје за да ја вратиме контролата врз Кримскиот Полуостров“, рече Зеленски.
Да потсетиме дека украинските претставници претходно решително ја отфрлија можноста за какви било територијални отстапки во замена за мир со Русија.