Македонија
Граѓаните онлајн ќе се пријавуваат за вакцинирање, матичните лекари ќе ги повикаат ризичните групи
Претседателка на Комитетот за имунизација и Жаклина Чагоровска од „Мој Термин”, на денешната прес-конференција информираше дека веќе од следната недела ќе биде пуштен во функција веб-сајтот преку кој граѓаните ќе може да се пријават за вакцинацијата.
Кога ќе влезат на сајтот оние кои сакаат да се вакцинираат ќе пополнат краток прашалник со што изразуваат интерес за имунизација, при што ќе треба да наведат име и презиме, возраст, историја на хронични болести. Анкетата ќе биде испратена до матичните лекари кои преку системот „Мој термин“ ќе вршат закажување на времето и пунктот каде ќе се спроведе вакцинирањето.
„Очекуваме од следната недела да го објавиме веб сајтот кој ќе го содржи делот за изразување на интерес за вакцинација. Граѓаните ќе може да се пријавуваат веднаш откако биде објавен при што ќе треба да ги внесат своите лични податоци, да наведат во која група спаѓаат и штом се пријават ќе добијат електронска порака на нивната е-маил адреса дека се регистрирале. Апелот е првично да се пријават граѓаните кои се во ризичните групи, особено оние над 70 години. Целата ни е да започнеме што побрзо со анкетирањето, за да може да се планира самото спроведување на вакциналните пунктови. Очекуваме до крајот на месецот, да имаме добар одзив со регистрирани граѓани“, вели Чагаровска.
Закажувањето ќе се врши преку матичните лекари, кои ќе ги информираат граѓаните на кој пункт и во кое време ќе треба да се вакцинираат. Воедно матичните лекари ќе добијат листа за приоритетните групи на лица кои треба да примат вакцина и тие ќе ги известат како ќе се реализира процесот.
„Секој матичен лекар добива листа на граѓани кои треба да ги извести дека системот ги избрал како приоритетни за вакцината, а потоа самиот граѓанин одлучува дали ќе прими вакцина. Доколку се одлучи да се вакцинира, се закажува термин и локација за вакцина (вакцинален пункт) каде што ќе треба да ја прими. Доколку не сака да се вакцинира, сите податоци се враќаат во системот. Секој кој за прв пат ќе ја прими вакцината, веднаш ќе добие термин и за втората доза од вакцината“, рече министерот Филипче.
Секој граѓанин кој ќе се вакцинира ќе добие сертификат во кој ќе биде наведено кога е извршена имунизацијата против Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

