Црна хроника
Сакале да ја измамат царината за слатки
Царинската управа поднела три кривични пријаваи против две тетовски фирми и едно лице од Скопје кои се осомничени дека сакале да сторат измама со разлика во цените од фактурите
Покрај двете кривични пријави за двете тетовски фирми, Царинската управа поднела кривична пријава и за едно физичко лице од Скопје, за кое во соработка со турските колеги било коснтатирано дека во текот на 2007 и 2008 г. при увоз на кондиторски производи со потекло од Турција, со приложување лажни фактури избегнал плаќање на царински и други давачки во износ од околу четири милиони денари. Фактурите биле испратени до турската Царинска служба поради сомневање дека вредноста во истите не е вистинската, по што било утврдено дека оригиналните фактури се разликувале од приложените за вкупно 71.604,50 евра и за 145.574,30 американски долари.Две кривични пријави се поднесени против две различни фирми од Тетово и нивните раководни лица, турски и македонски државјанин, затоа што во текот на 2008 и 2009 г. со приложување лажни фактури избегнале плаќање на давачки, во првиот случај во износ од околу шест милиони денари, додека вредноста на избегнатите давачки во вториот случај се проценуваат на околу пет милиони денари. Имено, и во двата случаи осомничените во неколку наврати увозно оцариниле кондиторски производи со потекло од Турција. Поради основано сомневање дека во приложените фактури не е прикажана вистинската вредност на стоката, Царинската управа ги испратила повторно на проверка кај турската царина, од каде било констатирано дека оригиналните фактури се разликуваат од приложените, во првиот случај за околу 429 илјади евра, додека во вториот за околу 297 илјади евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Пожар во свињарска фарма во Градско, угинаа животни, неколку лица побарале лекарска помош
Вчера во СВР Велес бил пријавен пожар што избувнал во свињарска фарма на фирма во селото Долно Чичево, општина Градско.
Во пожарот угинале шест свињи, а причинета е и значителна материјална штета. Како што информира полицијата, поради вдишување чад, едно лице било пренесено во Општата болница во Велес, додека четири други лица побарале лекарска помош во болницата во Неготино, а три лица се јавиле на преглед во болницата во Кавадарци.
Пожарот бил изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица Велес. Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител, вешто лице и увидна екипа од СВР Велес. Причините за пожарот сè уште се утврдуваат.
Црна хроника
Двајца кичевци во притвор поради обид за убиство – нападнале сограѓанин со нож кај „Сеферов бунар“
Полицијата поднесе кривична пријава против Ј.Д. (37) и А.А. (46), двајцата од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „обид за убиство“.
Како што соопшти СВР Охрид, двајцата се спроведени во Казнено-поправната установа „Затвор-Битола“ откако судија на претходна постапка им одредил мерка притвор во траење од 30 дена.
Настанот се случил на 4 јануари 2026 година, околу 14:45 часот, кога осомничените со нож го нападнале 39-годишниот Б.А. од Кичево, на земјен пат кај месноста „Сеферов бунар“, во близина на градот. По нападот избегале, но полицијата ги лишила од слобода истиот ден на улицата „Загорје“ во Кичево.
Повредениот бил пренесен во Општата болница во Кичево, а по укажаната помош, поради сериозноста на повредите, бил препратен во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
При претрес во домовите на пријавените, извршени со судска наредба, биле пронајдени и одземени ножеви, кои ќе бидат користени како доказен материјал во понатамошната постапка.
Црна хроника
Тројца возачи фатени пијани зад воланот во Охрид и Струга, еден имал забрана за управување возило
Тројца возачи од Охрид, Струга и Дебрца се приведени во изминатите два дена поради безобѕирно управување моторни возила под дејство на алкохол, информира Министерството за внатрешни работи.
На 18 јануари, во 03:55 часот на булеварот „Железничка“ во Охрид, полицијата го привела 33-годишниот Ј.С. од селото Лескоец, кој со своето возило „Ауди“ со охридски регистарски таблички изгубил контрола и предизвикал сообраќајна незгода. При алкотестирање му биле измерени 1,79 промили алкохол во крвта. Дополнително, било утврдено дека возел и покрај активна забрана за управување возило од „Б“ категорија. Против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување моторно возило“.
Истиот ден, во 00:50 часот на улицата „Владо Малески“ во Струга, бил лишен од слобода 41-годишниот Р.Ј. од Вевчани. Тој управувал патничко возило „БМВ“, а при контрола кај него биле утврдени 2,37 промили алкохол во крвта. Тој веднаш бил исклучен од сообраќај и ќе се соочи со кривична пријава според истиот член.
На 17 јануари, по сообраќајна незгода во близина на струшкото Ново Село, полицијата го привела и 72-годишниот К.Д. од селото Требеништа, општина Дебрца. Алкотестот покажал исто така 1,79 промили алкохол. И против него ќе биде поднесена кривична пријава за безобѕирно управување возило.
Сите случаи се документираат.

