Црна хроника
Осквернавени гробови во Лазарополе
Осквернавени се пет гробови на гробишта стари повеќе од еден век во мијачкото село Лазарополе. Се уште не се знае дали се работи за вандалски чин или гробовите ги раскопувале трагачи по скриено богатство
Љупка Антеска, од Гостивар
Пет гроба на старите гробишта во мијачкото село Лазарополе деновиве биле осквернавени. Не се знае кој и зошто копал по гробиштата. Настанот во полиција бил пријавен во неделата од страна на претставници од месната заедница на селото. Според официјалните информации, непознати сторители откако прво ја извадиле камената плоча, направиле ископ од шеесетина сантиметри со што целосно откопале еден гроб. Човечкиот череп којшто го нашле во гробот го фрлиле настрана. Покрај ова, лицата делумно раскопале уште четири други гробови врз кои имало мали камени плочи. Од полицијата соопштуваат дека по извршениот увид се работи на пронаоѓање на сторителите. Според кажувањата на селаните, на таа локацијата стара повеќе од еден век, веќе подолго време не се вршеле погреби.Останува нејасно дали во случајов се работи за вандалски чин или гробовите ги раскопувале трагачи по богатство. Сомнежот дека станува збор за диви копачи се поткрепува со зачестената појава на нелегални ископувања на археолошки локалитети и сакрални објкети низ Македонија. Во гостиварско мета на диви копачи последниве години беа стари гробови во селата Вруток, Здуње и Јеловце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
МВР со опомена до 150 граѓани кои зборувале на телефон додека минувале на пешачки
Во периодот од 26.09.2025 до 07.11.годинава полициските службеници од СВР Скопје издале вкупно 150 опомени за граѓаните. Согласно проценките, динамиката и степенот на информираност и запознавање на граѓаните за измените во законската регулатива, во наредниот период се очекува отпочнување со изрекување на соодветни санкции, по целосното информирање на граѓаните за новите законски одредби.
Новите измени во Законот за безбедност во сообраќајот – пешачењето со телефон во рака или преминувањето пешачки со тротинет е прекршок кој се плаќа. Ако преминувате пешачки со мобилен телефон на уво или во рака – казната е 40 евра.
Ако возите тротинет, мотор или трактор со користење електронски уред – казната е 50 евра.
Црна хроника
Пожар зафати товарно возило во двор на фирма во Крушопек
Во првите часови по полноќ, на 8 ноември, во СВР Скопје било пријавено дека во двор на фирма во селото Крушопек избувнал пожар во товарно возило ман со скопски регистарски таблички, сопственост на фирмата.
Пожарот бил навреме изгаснат од екипи на Бригадата за противпожарна заштита. Нема повредени лица, а увид на местото на настанот ќе биде извршен во текот на денешниот ден.
Црна хроника
Жена падна во автобус и тешко се повреди
Педесет и седумгодишна скопјанка се здобила со тешки телесни повреди откако вчера паднала во автобус кој сообраќал по булеварот Кузман Јосифовски Питу во Скопје. Според пријавеното во СВР Скопје, жената била патник во автобус управуван од 59-годишен возач од Волково.
По падот, таа била пренесена во Градската општа болница Св. Наум Охридски, каде што и биле констатирани тешките повреди. На местото на настанот извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

