Македонија
Спасовски: Одговорноста за бегството на Мијалков е во непостоењето на целосен систем

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ја презентираше својата верзија на настаните што се случувале претходните три дена, поврзани со бегството на Сашо Мијалков. Тој има слична верзија за настаните како и обвинителката Вилма Русковска. Проверувани се и камери од објекти и снимки од улици и раскрсници. Што има на нив, Спасовски не сподели.
„Се сомневам дека постои крт во која било од институциите кои долги години беа под режимот. Не можеме да кажеме дали и кој го прави тоа, но има сомнежи дека во сите институции кои се надлежни има протекување на информациите. Да чувствувам одговорност треба да не е постапено кога е добиена информацијата. Ние сме постапиле. Ние мора да ја бараме одговорноста во непостоењето на целосен систем. Доколку имаме вакви сериозни пропусти на постапката во системот, не можеме да одиме напред. Мора да се знае за кои и какви предмети предмети да се даваат решенија за притвор. МВР извршува наредби од обвинителство или суд. Не можеме да носиме одлуки. А зошто се чекало од 23 сабота вечер да се бара притвор дури во недела во 14:30?“, рече Спасовски.
Спасовски направи хронологија на настаните.
„МВР продолжува со потрагата по Сашо Мијалков. Во тек се информативни разговори со лица кои е можно да поседуваат информации или имаат врска со овој случај. Денеска дополнително се повикуваат и други лица. Одземени се телефони, документација и други предмети кои можат да послужат за овој случај. Проверени се камерите од Безбеден град, одземени се камери од објекти. Распишана е меѓународна потерница. Дозволете пред сè најкатегорично да ги отфрлам сите шпекулации за договори за кого било. МВР ги презеде сите мерки за обезбедување на лицето“, рече Спасовски.
Тој објасни што се случувало во саботата, кога Русковска првпат ги добила информациите дека можеби Мијалков ќе избега.
„Во саботата околу 12:30 часот добив повик од Вилма Русковска и ме извести дека Сашо Мијалков подготвува бегство. Иако можела да го извести судот, се договоривме да испрати документ до МВР да провериме дали имаме ние такви сознанија. Во 17 часот добивме известување во кое стои дека Русковска располага со информации дека Мијалков се подготвува да избега поради тоа што ќе добиел поголема затворска казна од посакуваната. Во 23 часот е испратено известување до ОЈО. Во 22:30 часот е издадено за прикриено полициско делување. Следење на лице без судска наредба не може да се направи“, објасни Спасовски.
Спасовски објасни дека МВР во 21:30 дознало дека Мијалков е недостапен за органите на прогонот.
„Во неделата се побарани дополнителни информации од БЈБ, но немало. Дадени се наредби за следење на излезите на градот. Во 18:40 минути е забележан кон ‘Мериот’, Мијалков со женско лице и три машки лица. Потоа три возила излегле од ‘Мериот’, но не можело да се види дали и Мијалков е внатре. Возилото се упатило кон улица Славејко Арсов. По решението за притвор, во 21:30 минути утврдено дека Мијалков не е таму. Извршени се проверки во три станови, сопственост на Мијалкови“, додава Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Воздухот мириса, но ве уверувам дека не е штетен на ниво што предизвикува здравствени проблеми, вели Алиу

Иако депонијата „Дрисла“ трет ден го полни Скопје со смрдеа на изгорена пластика и гума, министерот за здравство, Азир Алиу, дури денес јавно даде препораки до граѓаните одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Градската општа болница „8 Септември“. Се обиде да ги смири скопјани со објаснување дека чадот што го дишат нема да им предизвика здравствени проблеми.
„Ние заедно со Институтот за јавно здравје прво анализиравме дали постои некој тип загадување на ниво на штета по здравјето на граѓаните. Ве уверувам дека мирисот се чувствува и не е пријатен, но воздухот во моментот не е на ниво на загаденост кое предизвикува здравствени проблеми кај граѓаните. Сепак препорачувам граѓаните да не се движат надвор ако тоа не е неопходно“, рече министерот Алиу.
Во периодот што следи министерот Алиу рече дека здравствените власти ќе имаат работна група која „ќе може да придонесе за промените во здравјето на граѓаните предизвикани од воздухот“.
Директорот на болницата „8 Септември“, Синиша Стојаноски, кажа дека квалитетот на воздухот мора да се мониторира, посебно во периодот кој доаѓа кога се зачестени респираторните инфекции и во кој во соработка со Министерството за здравство лекарите треба да бидат достапни на пациентите 24/7 за да се помине што е можно помал број посериозни заболувања од респираторен тип.
Веќе трет ден скопајни не можат даотворат прозорен ни преку ден ниту ноќе оти чад од депонијата „Дрисла“ го обви градот. Премиерот Христијан Мицкоски денес најави дека со механизација од опптествено одгворни комапнии ќе влезе на депонијата за да се спречи понатамошно чадење кое стигнува и до градот, а тајно решени еќе бара со новиот градоначалник на Скопје.
Македонија
Меџити – Агелер: соработка за заштита и одржлив развој на Охридското Езеро

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска оствари средба со амбасадорката на САД во Северна Македонија, Ангела Агелер.
За време на пријателската средба се дискутираше за техничка и научна соработка за заштита на Охридското Езеро, природно и културно богатство кое е заедничко за Северна Македонија и Албанија.
Целта на соработката е подобрување на квалитетот на водата, управување со рибниот фонд и развој на одржлив езерски туризам.
Во текот на 2024 година, двајца американски експерти спроведоа теренски посети и двонеделни средби во регионот на Охрид за да ја оценат актуелната состојба. Извештајот од таа посета содржи неколку конкретни препораки, меѓу кои: зајакнување на капацитетите на Хидробиолошкиот институт преку модернизација и поддршка на научниот кадар, создавање национална долгорочна програма за лимнолошки мониторинг и рибниот фонд, развој на заеднички прекуграничен план за управување со инкубаторите и заштита на охридската пастрмка, воспоставување механизми за рано откривање на инвазивни видови, како и развој на истражувачка програма за одржлив туризам и зајакнување на улогата на граѓанските организации.
Во рамки на денешниот состанок учествуваше и проф. Џејсон Стоквел, директор на Научната лабораторија за животна средина и природни ресурси при државниот универзитет во Вермонт, САД кој во наредните денови ќе престојува во Охрид по што ќе ги престави своите идеи за понатамошна соработка со Хидробиолошкиот институт – Охрид и другите релевантни иституции во земјата.
Меџити и Агелер се согласија дека заштитата на Охридското Езеро претставува национален и прекуграничен приоритет, а соработката со САД и меѓународните партнери ќе донесе неопходна експертиза за зачувување на ова уникатно природно и културно наследство.
Македонија
(Видео) Филипче: Граѓаните во Скопје се задушуваат, Мицкоски тврди дека им се причинува

Скандалозна е изјавата на премиерот Мицкоски за загадувањето на воздухот деновиве, ниту една влада досега не се однесувала со проблемите на граѓаните како што сега се однесува владата на ВМРО ДПМНЕ, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
„После 10 дена пожар во Вардариште,неколку дена пожар во Дрисла, граѓаните практично се гушат,скандалозна е изјавата на премиерот дека можеби изгледа загадено, но нема доволна количина на честички, кога луѓето знаат како дишеа синоќа, вчера пред два дена. Таквиот став на власта таквата изјава на премиерот во најмала рака е непочитување на граѓаните “, рече Филипче.
Тој додаде дека сериозно е загрозено здравјето на граѓаните во цело Скопје посебно во населбите околу Дрисла и Вардариште.
„ Мајките во Аеродром и околните населби ги прибираа децата дома вклучуваат прочистувачи за воздух а власта не прави ништо. Едно е да грешиш во политиката друго е да немаш капацитет,но да ги игнорираш проблемите како што тоа го прави на секоја тема власта, е нешто што е скандалозно и досега ниту една влада ма Македонија не се однесувала вака со проблемите на граѓаните со секојдневните проблеми на граѓаните“, рече Филипче.