Црна хроника
Тетовец лажел фирми дека нивни вработени имале сообраќајни несреќи
Тетовец лажно се претставувал како бизнисмен од Турција и измислувал приказни за наводни сообраќајни несреќи, телефонски измамил повеќе лица вработени во фирми од Бугарија, Србија, Албанија и Косово.
Пласирајќи им лажни приказни дека нивни вработени, најчесто возачи, загинале или се тешко повредени во сообраќајни несреќи и дека се потребни пари за погреб или лекување, тој успеал да се стекне со противправна парична корист од околу 9.000 евра. Парите преку филијали на извесна фирма ги подигнувал С.Ш. и потоа му ги давал на РМ, а тој, пак, за услугата му плаќал од 50 до 100 евра. Тоа го сторил во периодот од ноември минатата година до втората половина на јануари годинава, соошпшти МВР.
Секторот за внатрешни работи Тетово до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против 44-годишниот тетовец Р.М.(44), поради основи на сомнение дека сторил кривично дело измама и против С.Ш.(45) од с.Копаница, Скопско, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело помагање и расчисти 24 измами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Се преврте камион кај Желино
Тешка сообраќајна незгода се случи пред малку на автопатот Скопје – Тетово. Според првичните информации, камион се превртел веднаш по наплатната рампа кај Желино, што предизвика значителен застој во сообраќајот.
Блокирани се првите две ленти, а возилата се пропуштаат само по третата лента.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на условите на патот, да држат соодветно растојание и да бидат исклучително внимателни додека поминуваат на овој потег додека трае увидот и расчистувањето на теренот.
Топ
Маж и жена, државјани на Македонија загинаа на автопатот Белград – Ниш
Двајца државјани на Македонија, маж и жена од албанско потекло, загинаа рано утринава во тешка сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Белград – Ниш, кај клучката Умчари, пишува српски „Курир“.
Несреќата се случила кога патничко возило „сеат“, со германски регистарски таблички, излетало од патот. Според неофицијални информации, возачот изгубил контрола над возилото, удрил во заштитната ограда и сообраќаен знак, по што автомобилот завршил надвор од коловозот.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на околностите под кои се случила несреќата.
Црна хроника
Велешанец приведен со 1,62 промили алкохол, нападнал и полицаец
Полициски службеници од СВР Велес ноќеска во 02.10 часот го лишиле од слобода 49-годишниот М.Н. од Велес откако при контрола на ул. „Благој Ѓорев“ утврдиле дека вози со 1,62 промили алкохол во крвта. Откако бил приведен нападнал полициски службеник.
Како што денеска информираат од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал М.Н. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал полициски службеник. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе бидат поднесени пријави по член 297-а и 383 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, најавија од СВР Велес.

