Македонија
(Видео) Стојаноска: Правдата за Мијалков донесена под притисок на јавноста

Осврнувајќи се на денешната пресуда за Сашо Мијалков, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека „го поздравуваат секој чин што значи спроведување правда, вклучително и оваа пресуда“.
„Лошо е што поради криминалите на Мијалков во затвор заглавуваат и луѓе кои се колатерална штета. Ова е пресуда донесена под жесток притисок на јавноста, опозицијата и меѓународниот фактор. Тоа е и причината поради која навидум пропадна првата фаза од договорот Заев – Мијалков со кој удрија шлаканица на правдата, иако постојат индиции дека можно е апелациониот суд да одлучи и поинаку каде Заев е познато дека има силно влијание. Таа жалбена постапка ќе трае околу една и пол година“, изјави Дафина Стојаноска.
Според неа, оваа одлука околу која, како што рече, „власта крева еуфорија“ е со цел да се прикријат задкулисните договори, и додаде дека е „чесно да се каже дека таа не е сè уште правосилна“.
Стојаноска истакна дека на осудениот Мијалков му беа овозможени услови какви што немаше ниту еден друг бегалец од правдата.
„Потсетуваме дека е потребно дополнително сериозно да се разгледаат прекршувањата на постапката. Како лице со меѓународна потерница на осуден криминалец му беше доделен куќен притвор. Какви договори и повластувања има зад сето ова. А, за кои најдобро може да сведочи Заев“, рече Стојаноска.
Додаде дека правда мора да има.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Центар почна со редовна пролетна дератизација

Општина Центар започна со редовна пролетна дератизација на целата територија. Во текот на следните две недели ќе бидат опфатени над две илјади шахти, со цел уништување на штетни глодари и инсекти, како и превенција од можни заразни болести.
Дератизацијата се спроведува два пати годишно, во пролет и есен, и претставува една од клучните мерки што Општината ги презема за заштита на здравјето на населението.
Општина Центар информира дека препаратот што се користи за дератизацијата е селективен, сертифициран од овластен производител и е специјално дизајниран за контрола на популацијата на глодари. Препаратот е одобрен од Министерството за здравство на Република Северна Македонија и не претставува ризик за другите животински видови.
Македонија
Директорот на БЈБ, Јанев, ја отвори работилницата на Интерпол, која денеска и утре се одржува во Скопје

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, денеска ја отвори работилницата на Интерпол за сребрена потерница, која се одржува на 2 и 3 април 2025 година во Скопје, на која учествуваат 60-ина јавни обвинители, полициски службеници и претставници од финансиски институции надлежни за враќање на криминално стекнат имот, од европските држави и од САД.
Работилницата е фокусирана на дискусија за имплементација на новата уникатна алатка на Интерпол преку која на државите членки им се овозможува поуспешна борба против организираниот и сериозен криминал и зајакната меѓународна полициска соработка преку упатување барања и размена на информации за лоцирање, идентификување и добивање податоци за криминално стекнат имот во странство.
Како дел од експертската работна група на Интерпол за сребрена потерница меѓу 32 држави од светот, како и дел од пилот-проектот за сребрена потерница меѓу 51 држава од светот, нашата држава е единствената од регионот на Западен Балкан, која дава активен придонес во пилот-фазата за распишување на сребрени потерници, со воспоставена тесна координација на национално ниво помеѓу сите надлежни служби за спроведување на законот. Процесот за враќање на криминално стекнатиот имот е од особена важност во борбата против криминалот и корупцијата, придонесува кон разбивање на криминалните мрежи и зацврстување на довербата кај граѓаните. Преку враќање на криминално стекнатиот имот се удира директно во главниот двигател на криминалната активност – стекнувањето профит и значителната економска заднина, која е од суштинско значење за функционирањето на криминалната мрежа, а од друга страна, се отвара можност за генерирање финансиски средства за понатамошен развој и јакнење на правниот систем во државите.
Македонија
Одбележан денот на раѓањето на Ѓорче Петров

На споменикот на великанот Ѓорче Петров по повод Денот на неговото раѓање, бројни делегации денеска положија цвеќе во чест на патронот на општината.
Делегацијата од Општина Ѓорче Петров ја предводеше градоначалникот Александар Стојкоски кој се обрати пред присутните, нагласувајќи дека денес, кога се одбележува Денот на раѓањето на македонскиот великан, срцата на сите ѓорчепетровци се исполнети со почит и благодарност.
„Ѓорче Петров не беше само идеолог и борец за слобода, туку и визионер кој ги постави темелите на националното ослободување на Македонија. Неговата борба и неговиот дух живеат во нас, и денес, како и секогаш, неговото наследство ни дава сила да продолжиме со изградбата на една слободна и независна Македонија. Роден на 2 април 1865 година, Ѓорче Петров беше пример за храброст, посветеност и љубов кон својата татковина. Тој не беше само наставник и идеолог, туку и човек кој вложи се за иднината на својот народ. Неговата љубов кон Македонија ја споделувале неговите ученици, а таа љубов сега живее во сите нас“, рече Стојкоски.
Но, како што додаде, денес, заедно со честа да го славиме животот на Ѓорче Петров, носиме и тежина на една несреќа која ја потресе нашата земја. Трагичниот настан во Кочани, рече Стојкоски, се уште е неверување што не може да се искаже со зборови.
„Моментите како овој се потсетник за големата одговорност која секој еден од нас ја носи, без разлика на општествената позиција, одговорност е да се грижиме за младите и да обезбедиме услови за нив и подобра иднина“, додаде градоначалникот.
Во таа насока, како што истакна, Ѓорче Петров не само што беше фундамент на нашата независност, туку беше и човек кој ги учеше следните генерации на основните вредности, и на тоа дека дека борбата за правото и слободата нема да биде лесна.
„Нашата сила лежи во тоа што остануваме непоколебливи. Да не се откажуваме од тие идеали, да не дозволиме болката од загубата да не оневозможува да се бориме за подобро утре. Слава на Ѓорче Петров и на сите херои кои ја дадоа својата крв за слободата на оваа земја“, рече Стојкоски.