Економија
Бесими: Поради доверба на инвеститорите, каматна заштеда од 82,2 милиона евра
Кредибилитетот на инвеститорите во нашата економија и политиките што се спроведуваат расте, забележа министерот за финансии, Фатмир Бесими, по повод издавањето на осмата еврообврзница.
„Осмата еврообврзница ја издадовме по убедливо најниска каматна стапка од 1,625 %, која е неколкукратно пониска од сите претходно издадени еврообврзбици од земјава, но истовремено е пониска и од каматните стапки по кои другите земји во регионот неодамна издадоа еврообврзници. Доколку се направи споредба со еврообврзницата од 2014 година, која треба да се рефинансира со оваа, каматната заштеда е 82,25 милиона евра“, посочи министерот Бесими.
Тој информира дека на вчерашната аукција имало 2,3 пати повисока побарувачка од страна на меѓународните инвеститори.
„Она што е особено охрабрувачки од аспект на меѓународниот пазар на капитал е дека за 9 месеци има значително подобрување на перспективите на нашата економија и нејзиниот потенцијал кај меѓународните инвестори“, рече Бесими.
Посочи дека ако се направи споредба со други економии од регионот и пошироко, кои издадоа еврообврзници во последните неколку месеци, нашата економија ужива поголема доверба кај инвеститорите, односно пониска каматна стапка.
Министерот истакна дека иако сумата на осмата издадена еврообврзница е 700 милиони евра, нето-повлекувањето по основ на оваа еврообврзница е 200 милиони евра. Имено, рече тој, со средствата од осмата еврообврзница ќе се рефинансира еврообврзницата издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра.
Додаде дека еврообврзницата од 2014 година, која беше издадена со каматна стапка од 3,975 % со рочност од 7 години, или за 2,35-процентни поена повисоко во однос на еврообврзницата издадена сега, што значи дека по основ на камата, според него, ќе се заштедат речиси 82,25 милиона евра.
„Кога се носеше буџетот за 2021 година, беше посочено дека покрај буџетскиот дефицит од 568,1 милиони евра, кој се должи главно на потребите поврзани со ковид-кризата, треба да се отплати надворешен долг во вкупен износ од 605,6 милиони евра – во кој влегува и еврообврзницата од 2014 година и отплата на домашен долг од 99,5 милиони евра по основ на претходно издадени државни хартии од вредност и структурни обврзници. Остатокот од средствата ќе се обезбеди преку издавање државни хартии од вредност на домашниот пазар, поволни развојни кредити од меѓународни организации и користење депозити, кои ги оставивме како резерви во 2020 година“, рече Бесими.
Заедно со преземните обврски и отплата на обврските што достасуваат, проекциите на Министертсвото за финансии покажуваат дека државниот долг на крајот на годината ќе изнесува 53,2 %, а јавниот 63,4 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот силно паѓа
Биткоинот денес падна на најниско ниво за повеќе од шест месеци, бидејќи инвеститорите ја намалуваат изложеноста на ризични средства поради неизвесноста околу следниот потег на Федералните резерви на САД. Водечката криптовалута во светот падна на 86.325,81 долари, што е најниската вредност од 21 април. Цената подоцна се стабилизираше на околу 86.690 долари.
XRP падна за 2,3%, додека етерот изгуби повеќе од 3% од својата вредност и се тргува далеку под нивото од 3.000 долари.
Во исто време, главните индекси на Волстрит забележаа падови, откако почетниот ентузијазам предизвикан од импресивните резултати на технолошкиот гигант Nvidia брзо исчезна.
Веројатноста дека биткоинот ќе ја заврши годината под 90.000 долари се зголеми на 50%, според податоците од платформата за опции Derive.xyz, бидејќи трговците сè повеќе се заштитуваат од понатамошни падови, објавува „Ројтерс“.
Биткоинот е во опаѓачка траекторија од почетокот на октомври, кога достигна рекордно високо ниво од 126.223,18 долари. Изгуби повеќе од 7% од својата вредност од почетокот на годината и е на пат да го забележи својот прв годишен пад од 2022 година.
Една од главните причини за падот на биткоинот е попретпазливиот став на неколку претставници на Федералните резерви на САД, кои предупредуваат на сè уште превисока инфлација во САД и советуваат воздржаност во понатамошните намалувања на каматните стапки. Ова ги намали пазарните очекувања и изврши притисок врз биткоинот и другите ризични средства како што се акциите.
Економија
Бислимоски – Сјаојен: Енергетската транзиција е приоритет број еден
Над 55 % од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори и определбата на земјава е јасна дека енергетската транзиција е приоритет број еден – е пораката што претседателот Марко Бислимоски и членовите на РКЕ ја истакнаа на средбата со амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Соговорниците ги споделија искуствата во секторот, истакнувајќи дека полето на соработка може да се прошири, ако се земе во предвид дека материјали со кинеско производство се повеќе се употребуваат при реализација на значаен дел на инвестициите во енергетиката.
„Инвеститорите се добредојдени во земјава, но соработката мора да биде базирана на законските прописи кои се синхронизирани со европските правила што подразбираат јавни и транспарентни тендерски постапки “ посочи Бислимоски.
На средбата се разговараше и за тоа како новите технологии – паметните мрежи, батериите за складирање на електрична енергија, можат да придонесат за побрза енергетска транзиција
Економија
Минималните семејни трошоци во ноември 65.173 денари, со изнајмен стан надминуваат 80 илјади
Минималните месечни трошоци што едно четиричлено семејство ги има во ноември достигнуваат 65.173 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните потребни средства се искачуваат на 80.548 денари.
За храна и пијалоци се издвојуваат 23.534 денари, додека 6.130 денари се потребни за режиски трошоци, соопшти Сојузот на синдикатите, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
Во однос на минатиот месец, кога за покривање на основните трошоци биле потребни 65.544 денари, сега е забележано намалување од 371 денар.

