Македонија
Заев: Нема да дозволам блокада на Собранието
Одговарајќи на новинарско прашање за случувањата во врска со довербата на Владата, премиерот Зоран Заев рече дека вчерашната потврда за довербата во Владата носи одговорност да се деблокира работата на Собранието, каде што се закочени клучни закони, кои се во функција на развој на државата.
„Најважен е законот за енергетска ефикасност. Енергетската ефикасност и заштедата е важна исто колку и инвестициите. Имаме 25 милиони евра за државните институции и 10 милиони евра за општинските институции, тоа значи обновување детски градинки, обновување училишта, болници, спортски сали и слично. Вториот е 50 милиони евра од Светската банка за земјоделството, за откупни пунктови во Струмица, Скопје и во Ресен, ама најголемата суштина и придобивка на проектот е зголемување на продуктивноста во земјоделството – како од еден хектар со помалку трошоци да имаме поголемо производство, како да го осовремениме нашето земјоделство“, рече Заев.
Го објасни и третиот проект, трамвајот на тркала за Скопје, што, според него, ќе чини 70 милиони евра и за кој, како што рече, не треба да има потреба од натегање меѓу опозицијата и власта.
„Сите да застанеме, бргу да го реализираме тоа. Да не зборувам за законите од областа на културата, з-равството, од петтиот пакет мерки за помош директно кај граѓаните. Тоа е недозволиво. Нема да дозволам како претседател на Владата блокада во Собранието“, порача Заев.
Премиерот најави дека во наредните денови следуваат и нови политики со една конечна цел, како што рече, поголем напредок, зголемена ефикасност во државата, соработка, инклузија, кооперативнот на ниво на консензус.
Собранието вчера попладне ѝ изгласа доверба на Владата откако претходно тоа од пратениците усно го побара премиерот Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.
Македонија
По реакции од граѓани, се чисти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна и темелна акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од сите делови на државата.
Според Ѓорѓиевски, во акцијата се вклучени сите јавни претпријатија на Град Скопје, а целта е уредување на, како што посочи, срцето на македонското здравство, по долгогодишна негрижа за овој исклучително важен комплекс. Акцијата, како што нагласи, е директен одговор на оправданите реакции и забелешки на граѓаните.
„Местото каде што се лекува народот мора да биде чисто, безбедно и достоинствено“, порача градоначалникот, додавајќи дека Клиничкиот центар заслужува уредена и пристојна околина.
Во рамки на акцијата се перат и чистат улиците и паркинзите, се сече и отстранува опасната и запуштена вегетација, се чистат сливниците, се метат сите јавни површини со специјализирани возила, како и се подига кабастиот и комуналниот отпад. Според најавите, секој дел од комплексот ќе биде уреден со цел Клиничкиот центар да добие лик соодветен на неговото значење.
Ѓорѓиевски потенцираше дека ова не е изолирана интервенција, туку почеток на континуирана грижа, најавувајќи дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина со цел одржување на хигиената и безбедноста во најзначајните јавни простори во градот.

