Економија
НБРМ: Намалена основната каматна стапка

На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, беше одлучено основната каматната стапка да се намали за дополнителни 0,25 п.п до нивото од 1,25%.
Ваквата одлука за понатамошно монетарно олабавување појаснуват од НБРМ, се носи во услови на стабилни движења на девизниот пазар и умерена динамика на инфлацијата, а додека сѐ уште постои неизвесност за здравствената криза и влијанието врз патеката на закрепнување на економијата.
Натамошното олабавување на монетарната политика е заради дополнително олеснување на финансиските услови и натамошна поддршка на домашната економија, имајќи го предвид тековниот развој на пандемијата, којашто сѐ уште трае, додаваат од НБРМ.
На седницата било оценето дека ослободената ликвидност изминатата година од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка е соодветна, при што било одлучено на аукцијата што ќе се одржи денес да бидат понудени благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.
Понатамошното олабавување на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките и натамошна кредитна поддршка на приватниот сектор, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија, објаснуваат од Нарoдна банка.
Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, велат од НБРМ и во последниот квартал од 2020 година забавува падот на бруто домашниот производ.
„Имено, бруто домашниот производ во последниот квартал од 2020 година забележа пад од 0,7% на годишна основа, по падот од 3,3% во претходниот квартал. Со тоа, реалниот пад на економијата во 2020 година изнесува 4,5%, што е во согласност со проeкциите на Народната банка за пад од 4,9%. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал 2021 година се ограничени и засега тешко можат да се извлечат јасни сигнали за економската активност во овој период“, посочуваат од НБРМ.
Во однос на инфлациските движења, од таму информираат дека во првите два месеца од 2021 година ценовните промени се умерени и се во согласност со очекувањата според последната проекција на Народната банка.
Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови цени на горивата

Од ноќеска на полноќ, бензините поевтинуваат за половина денар, а дизелот за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит, и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 74,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 76,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ 1), се намалуваат за 1,00 ден лит и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 67,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 67,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,143 ден/кг, и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 38,643 ден/кг.
Економија
Муцунски: Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд-инвестиции

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димоски, денеска одржаа тематска прес-конференција, на која говореа за последниот извештај на „Фајненшл Тајмс“ – fDi Intelligence, според кој Северна Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП.
„Денес споделуваме резултати што се видливи и недвосмислени. Според најновиот извештај на ‘Фајненшл Тајмс’ – fDi Intelligence, нашата земја е меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП. Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати“, истакна министерот Муцунски.
Тој појасни дека гринфилд инвестициите значат нови фабрики, капацитети и нови работни места, додавајќи дека овој индекс покажува оти државата привлекува повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нејзината економска тежина – дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија.
„Тоа е порака до инвеститорите и граѓаните: тука вреди да се инвестира, да се гради, да се остане. Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција и индустрискиот раст се во фаза на реализација – не само план или парола. И да бидеме јасни: ова признание не е случајно. Градиме предвидливост. Ние сме кредибилна членка на НАТО. Се поврзуваме со европските коридори. Испраќаме порака дека нашата држава е сигурен и достоинствен партнер“, додаде министерот Муцунски.
На прес-конференцијата тој истакна и дека граѓаните очекуваат чесна држава и јасни правила, подобро платени работни места и пониски трошоци. Во таа насока, нагласи дека целта не е постигната и дека Владата го забрзува чекорот:
„Денес не велиме ‘целта е постигната’. Денес го забрзуваме чекорот. Поедноставуваме постапки, кратиме рокови, ги поврзуваме домашните компании со странските инвеститори, вложуваме во вештини за младите. И, најважно – создаваме систем во кој никој не е над законот, затоа што довербата е нашата најсилна валута за раст“, заклучи министерот.
Директорот Димоски, пред медиумите, истакна дека денешниот успех претставува признание за стратегијата, пристапот и политиките што ги спроведува Владата во областа на привлекувањето странски директни инвестиции, каде клучни приоритети се економскиот раст, креирањето нови работни места и привлекувањето инвестиции со висока додадена вредност за македонската економија.
„После само една година посветена и напорна работа, сведоци сме дека, според последниот извештај кој веќе десет години го подготвува ‘fDi Intelligence’, специјален истражувачки оддел на ‘Фајненшл Тајмс’, Македонија е рангирана на шестото место во светот во привлекувањето на странски инвестиции во однос на бруто домашниот производ“, истакна Димоски.
Тој потенцираше дека крајната цел е структурна промена во начинот на привлекување инвестиции – со фокус на квалитет и додадена вредност, наспроти квантитет и обем на проекти – што е суштинската разлика која ја издвојува нашата земја од многу други економии во минатото, но и моментално во регионот.
Економија
Мицкоски: Македонија е шеста држава во привлекување странски инвестиции по БДП

Ќе бидам прецизен за да не бидам погрешно разбран, зборувавме дека сме четврта економија во Европа. За жал се уште постојат такви кои на брутален начин лешинарски се обидуваат да дефокусираат, многу јасно и прецизно рековме тогаш дека станува збор за четврти најголем раст на БДП во Европа. Така и ова ние сме шеста држава по бројот, обемот и волуменот на странски инвестиции во светот според БДП, значи да бидеме прецизни, да не оставиме на овој тип на луѓе да го дефокусираат и ова, вели премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски додаде дека според Светската туристичка организација на ОН, Македонија е шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година.
„И исто така треба да кажеме дека Обединетите Нации секторот туризам објавуваше дека сме шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година. Тоа се параметри кои се добри и значајни. Дали тоа ќе се почувствува кај стандардот кај граѓаните, јас сум убеден дека тоа се случува, можеби доаѓа споро, но во периодот кој што следи ќе биде уште по изразено. Имајќи предвид дека без да имаме интервенционизам, популизам и без да имаме начин на кој што порано се зголемуваше просечната плата, ние го имаме истиот раст од 11, 12 и 13 проценти, што значи дека стандардот полека но сигурно доаѓа на свое место“, истакна тој.
„Примарна наша цел беше да се консолидираме како држава, ценам дека сме во таа состојба на консолидирање и сега е времето да се почне со раст, односно да се почувствува сето она за кое што денеска зборуваме. Затоа велам ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 проценти на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од 4 проценти, тогаш нето имаме зголемување од 7 проценти. Каква беше состојбата пред година ипол, две: Тогаш имавме просечна инфлација од 15,18, 20 проценти, и раст на платите кое што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кој е во позитива“, посочи премиерот Мицкоски.