Берзи
Надежите во грчки договор го поттикнаа Волстртит
Цените на акциите на Волстрит во понеделникот пораснаа благодарение на растот на цената на нафтата и надежите на инвеститорите дека Атина и нејзините меѓународни кредитори би можеле да постигнат договор за замена на грчките долгови.
Dow Jones зајакна 196 поени или 1,14 отсто, на 17.361 поен, додека S&P 500 порасна за 1,30 отсто, на 2.020 поени, а Nasdaq индексот беше во плус 0,89 отсто, на 4.676 поени.
Најмногу за три отсто, скокна S&P индекот на енергетскиот сектор, благодарение на растот на цената на нафтата за натамошни 2,8 отсто. Во последните два дена, откако е објавено дека во САД се затворени рекорден број на нафтени ископини, цената на „црното злато“ порасна за речиси 11 отсто.
Тоа ги буди надежите за стабилизација на пазарот откако цената на нафтата во послените седум месеци падна за над 50 отсто. На лондонската берза цената на барел нафта достигна вчера 54,75 долари, додека на американскиот пазар скокна на 49,40 долари.
Меѓу најголеми добиници на нафтениот сектор беше акцијата на Exxon Mobil, со раст на цената за 2,5 отсто, бидејќи најголемата светска нафтена компанија извести за помал од очекуваниот пад на добивката во последниот квартал од минатата година.
Позитивно на берзите делуваше и грчкиот предлог за замена на постоечките обврзници со нови поврзани со економски раст. Ваков предлог вчера даде грчкиот министер за финансии Јанис Вароуфакис во разговор со меѓународните кредитори, а инвеститорите здивнаа по сознанието дека Грција не бара само дополнител отпис на долговите.
„Берзите здивнаа благодарени на фактот дека помеѓу Грција и кредиторите се развива дијалог кој би можел да води кон нешто друго, а не само кон излез на Грција од еврозоната“, рече Питер Кени, стратег во компанијата Clearpool Group.
Растот на цените на акциите уследи во вториот дел од тргувањето, додека на почетокот берзата беше под притисок од послабите од очекуваните економски показатели.
Вчера, имено, беше објавено дека во декември потрошувачката на американски домаќинства падна 0,3 отсто, што е нејзин најголем пад од крајот на 2009 година. Ова е последица на намалената потрошувачка на бензиниските пумпи, со оглед на остриот пад на цената на горивата, но и фактот дека граѓаните заштедата од горивата не ја потрошиле на други производи.
Покрај тоа институтот на менаџери за набавка извеси дека неговиот ISM индекс на производствени активности во САД во јануари падна од 55,1 на 53,5 поени, што е под очекувањата.
Ова претставува уште еден показател за забавување на растот на најголемата светска економија, откако минатата недела беше објавено дека во последниот квартал растот на бруто домашниот производ (БДП) забави на 2,6 отсто на годишно ниво, по импресивниот пет отстотен раст во претходниот квартал. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Берзи
Доларот нагло падна, еврото зајакна
На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна минатата недела, бидејќи инвеститорите сметаат дека поради забавувањето на инфлацијата во САД заврши циклусот на зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, потона минатата недела за 1,9 отсто, на 103,81 поен, што е најниско ниво од почетокот на септември.
Истовремено, доларот падна за 2,1 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0910 долари. Остриот пад на курсот на доларот уследи по објавувањето во вторникот дека стапката на инфлација во САД се лизна на 3,2 отсто во октомври, од 3,7 отсто во септември.
И низа други извештаи потврдија дека инфлацијата се намалува, што ја поддржа тезата дека ФЕД нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика. Од март минатата година, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 5,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата.
Сепак, на последните две седници челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети, па инвеститорите сметаат дека циклусот на зголемување на цената на парите е завршен, иако од ФЕД велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари се проценува дека првото намалување на каматните стапки на ФЕД би можело да се случи во мај следната година, а до крајот на следната година каматните стапки би можеле да се намалат вкупно за еден процентен поен.
Берзи
Светските берзи драстично паѓаат, можно е дополнително зголемување на каматите
На светските берзи цените на акциите нагло паднаа минатата недела поради растот на приносите на обврзниците и пораката на претседателот на ФЕД Џером Пауел дека централната банка може дополнително да ги зголеми каматните стапки. На Волстрит, Доу Џонс индексот минатата недела падна за 1,6 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 2,4 отсто, на 4.224 поени, а индексот Nasdaq се намали за 3,2 отсто, на 12.983 поени.
На берзата негативно влијаеше растот на приносите на американските државни обврзници. Во петокот приносите на 10-годишните обврзници се пробија над нивото од 5 отсто за прв пат по 16 години. Ова може да влијае на каматите на хипотеките и автомобилските заеми, каматите на кредитните картички… Покрај тоа, повисоките приноси на обврзниците ја намалуваат привлечноста на акциите бидејќи на инвеститорите им нудат добри приноси без никаков ризик.
Во такви околности, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што е златото. Како резултат на тоа, цената на унца злато се движи близу највисокото ниво во последните два месеци, околу 1.980 долари.
Поради сето ова, инвеститорите не беа охрабрени ниту од кварталните деловни резултати, иако поголемиот дел од компаниите од индексот S&P 500, кои досега објавуваа извештаи, остварија поголема заработка од очекуваната.
И на европските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 2,6 отсто, на 7.402 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,5 отсто, на 14.798 поени, а париски CAC 2,7 отсто, на 6.816 поени.
Берзи
Колапсот на моќната американска банка ги потресе светските берзи
Минатата недела на светските берзи е забележан голем пад на цените на акциите, бидејќи поради високата инфлација централните банки ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки.
Волстрит беше потресен и од колапсот на банката во Силиконската долина (SVB).
На Волстрит, акциите на Dow Jones паднаа за 4,4 отсто минатата недела, на 31.909 поени, додека S&P 500 „потона“ за 4,6 отсто, на 3.861 поен, а индексот Nasdaq за 4,7 отсто, на 11.138 поени.
Во февруари овие индекси значително пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа дека американската централна банка наскоро ќе престане да ги зголемува каматните стапки и дека конечната каматна стапка, која ќе го прекине циклусот на затегнување на монетарната политика, ќе остане под нивото од пет проценти. Но, последниве недели индексите изгубија најголем дел од тие добивки бидејќи се појасно е дека ова сценарио нема да се оствари.
Серијата неодамнешни податоци покажуваат дека побарувачката на пазарот на трудот е сè уште силна, па може да се очекува раст на платите и трошоците, што значи дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки. Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, оваа недела изјави дека централната банка е подготвена да преземе повеќе чекори доколку идните економски податоци покажат дека се потребни построги мерки за ограничување на инфлацијата.
Ова предизвика страв кај инвеститорите дека централната банка ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,50 процентни поени на мартовската сесија, додека неодамна се очекуваше зголемување од 0,25 поени. Затоа сега на пазарот на пари се проценува дека до септември каматните стапки ќе бидат зголемени во интервал од 5,50 до 5,75 отсто, додека сега каматните стапки се движат меѓу 4,50 и 4,75 отсто.
Негативно влијание на Волстрит имаше и колапсот на банката на Силиконската долина (SVB), најголемиот банкрот на американска банка од финансиската криза во 2008 година. Таа банка, која со години го финансираше технолошкиот сектор, беше под притисок бидејќи многу стартап компании почнаа да повлекуваат депозити. За да го собере капиталот, банката прво неодамна продаде постоечки обврзници, но со голема загуба, а потоа во средата објави план за продажба на нови акции за да собере 2,25 милијарди долари свеж капитал.
Но, тоа предизвика паника кај граѓаните и претприемачите, кои само во четвртокот повлекоа 42 милијарди долари депозити од банката, па банката денот го заврши со негативно готовинско салдо од речиси милијарда долари. Како резултат на тоа, регулаторот ја затвори банката во петокот и ја презеде контролата врз преостанатите депозити. И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела.