Економија
Влада: Посебен режим на движење за економските оператори што вршат извоз, увоз или транзит на стока
Од владата информираат дека денеска на кратка седница бил донесен заклучок за движење на економските оператори што вршат извоз, увоз или транзит на стока за време на забраната за движење.
За овие оператори, како што известуваат надлежните, ќе биде дозволено движење доколку за стоката е издаден транспортен документ Т1 или ТИР карнет или, пак, извозен придружен документ ИПД.
На денешната седница била донесена и препорака за дообјаснување на делот од одлуката на Владата кој се однесува за дозволениот период за движење/транзитирање на транспортерите.
Притоа се посочува дека за овие економски оператори важат претходно воспоставените правила, односно транзитниот период се определува од три до пет часа и го одредува граничниот службеник врз основа на изјавата на економскиот оператор за транзитирање низ земјата, од влезен граничен премин до излезен граничен премин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Лукаревска: Во Буџетот нема мерки за раст на платите
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на комисиската расправа , предложениот буџет го оцени како неконзистентен, нереален и директно штетен за економијата и граѓаните.
Таа нагласи дека буџетот не содржи никакви политики за зголемување на платите, ниту мерки за справување со сè поголемата сиромаштија.
„Цените растат, граѓаните должат повеќе, а примаат исто. Наместо да живеат подобро, тие повторно плаќаат повеќе“, рече Лукаревска.
Таа посочи дека Владата нема стратегија за раст на доходот и нема никакви алатки за да ја сопре инфлацијата, која и понатаму е висока.
„Нема развој, нема реформи, нема повисоки плати, нема мерки за сиромаштијата, има само задолжување, кратење и непродуктивно трошење. Ова е буџет на хартија, без капацитет да донесе подобар живот“, порача пратеничката.
Лукаревска потенцираше дека буџетот што го предлага Владата не е развоен, иако така се претставува пред јавноста.
„Само 9% од вкупните расходи се за капитални инвестиции, додека огромни 91% одат на тековни, непродуктивни трошоци. А, намалувањето на капиталните расходи за 7 милијарди денари покажува дека оваа влада нема капацитет за развој, ниту намера да инвестира во иднината“, посочи Лукаревска.
Таа предупреди дека Владата крати пари токму таму каде што најмногу треба да се инвестира: во животната средина, каде има намалување од 14,1%, што е опасно во услови на загаден воздух и недоволна инфраструктура за отпадни води, во правосудството, со намалување од 48,9% во програмата за владеење на правото, спротивно на сите препораки на ЕУ, во енергетиката, каде нема исполнети реформи, во образованието и науката, со сериозни намалувања додека училиштата немаат учебници и неопходни ресурси.
Лукаревска посочи дека Владата планира огромно ново задолжување од 1,7 милијарди евра нов долг, односно 950 милиони евра преку еврообврзница, 350 милиони евра од странски извори и 400 милиони евра дома.
„Јавниот долг ќе надмине 62%, ниво кое меѓународните институции го сметаат за ризично за ваква економија. Владата ја турка државата во финансиска нестабилност“, нагласи Лукаревска.
Таа укажа и на забелешките на Европската комисија, кои се целосно игнорирани.
„Европската комисија јасно укажува на нереални политики, одложена фискална консолидација, инвестиции ‘на хартија’, слаба реализација на капитални проекти и непродуктивни трошоци. Наместо да ги поправи овие слабости, Владата ги продлабочува“, додаде Лукаревска.
Економија
Стојаноска: Во 2026 и покрај сите долгови од СДСМ и ДУИ ќе се потрудиме да обезбедиме подобри патишта, повеќе локални проекти, поопремени здравствени и образовни установи
Владата на ВМРО-ДПМНЕ не ги покачи даноците, туку само ја подобри нивната наплата. За Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема привилегирани фирми и селектирани должници. За Владата на ВМРО-ДПМНЕ сите се еднакви пред законите и законите се еднакви и исти за сите. Владата ги одржува во постојана и нагорна кондиција платите, пензиите и инвестициите, а паралелно ги намалува дефицитот и јавниот долг. Со оваа Влада нема еднократни приходи и вонредни такси. Владата финансира и мотивира домашни капитални проекти и враќа нечии стари долгови, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска на собраниската комисија за Предлог – буџетот за 2026 година.
„Знаете како, едно е да се задолжувате за луксуз, а сосема друго е да се задолжувате за да инвестирате, да градите, да креирате нови производни капацитети и нови работни места. Луксузот е само потрошувач на капитал, додека нова инвестиција е креатор и создавач на нов – дополнителен капитал“, вели Стојаноска.
Стојаноски посочи „не знам или не сум чула дека постои некоја школа за економија која ве учи како да крадете“.
„Овие претходните не знам што школа имаат учено, ама видовме дека ништо не создадоа или од нешто – ни оставија ништо, плус борч. Ни оставија во наследство само огромни долгови. Ниту една капитална реализација, ниту еден километар автопат, ниту една нова болница, ниту една инвестиција на која би се сеќавале и од која би имале бенефит“, кажа Стојаноска.
Според неа со овој Предлог на буџет за 2026 не се ветуваат чуда, но се ветуваат реални приходи, солидни капитални инвестиции, домаќински расходи, постепен, но стабилен раст на платите и пензиите, дефицит кој пополека, но сигурно се намалува, како и континуирана поддршка за сите општини подеднакво.
„И, да, да бевме власт каква што беше онаа на СДСМ и на ДУИ, можевме да ветиме многу повеќе и многу попомпезно. Но – ете, за нечија жал, а за среќа на нашите граѓани, ние цврсто газиме на тлото и немаме крила за летање, ниту скапи мотори за ашикување, и тоа во време на полициски час. Ние во 2026 и покрај сите долгови од СДСМ и ДУИ ќе се потрудиме за нашите граѓани да обезбедиме подобри патишта, повеќе локални инфраструктурни проекти, поопремени здравствени установи кои ќе нудат поквалитетни услуги за сите пациенти, подобро опремени училишта и факултети кои ќе создаваат поквалитетни кадри за во иднина, почиста животна средина за сите, побезбедни улици и градови. Ќе се потрудиме кај народот да ја вратиме надежта и да му го направиме животот во Македонија поубав. Да имаме здрава нација и млади кои ќе сакаат да останат дома, да работат и инвестираат, да создаваат семејства и да бидат среќни“, посочи Стојансока.
Стојаноска заклучи дека ништо не се реализира преку ноќ и без многу работа и напор.
„Ние сме генерацијата која мора да се жртвува за да биде подобро. Која мора да работи чесно и посветено, за да испорача резултати“, заокружи Стојаноска.
Економија
Македонија и Унгарија зацврстија стратешка енергетска соработка – делегација на министерството на петта седница на Мешовитиот комитет
Петтата седница на Мешовитиот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Унгарија донесе нова димензија на билатералната енергетска соработка, истакнувајќи ја важноста на регионалната стабилност и сигурноста на снабдувањето со енергија.
Делегација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, предводена од државниот секретар Горан Јовановски, учествуваше на седницата на Мешовитиот комитет, на која се потврдија заедничките стратешки приоритети и заложби во енергетиката. Експертските работни групи од двете министерства за енергетика усогласија стратешки точки кои ќе ја унапредат енергетската инфраструктура, ефикасност и иновации.
Потпишувањето на протоколот кој ги дефинира и заедничките енергетски цели и активности, се одржа како завршен чин на седницата на Комитетот, кој опфати повеќе ресори, со цел да се поттикне регионална стабилност и енергетска безбедност.
Седницата на Мешовитиот комитет ја потврди стратегиската посветеност на двете земји за јакнење на регионалната енергетска стабилност. „ Соработката во енергетиката останува клучен столб на нашите односи. Ја потврдивме важноста на непрекинато снабдување со природен гас, поддршка за инфраструктурни проекти кои ја зголемуваат сигурноста и отпорноста на нашите енергетски системи, препознавајќи дека обезбедувањето на сигурна и одржлива енергетска иднина е заедничка одговорност“, истакна државниот секретар Горан Јовановски
Јовановски и македонската делегација остварија и билатерални средби со претседавачот на Мешовитиот комитет, Петар Старај како и со Петар Холица, заменик државен секретар на Министерството за енергетика на Унгарија, на кои ја зацврстија заедничката заложба за развој на инфраструктурата, подобрување на енергетската ефикасност и модернизација на системите за производство на електрична енергија.
„Размената на добри практики и експертиза во работењето на пазарот на електрична енергија е клучна. Охрабрени сме од напредокот во техничкиот дијалог за геотермална енергија. Модернизацијата на РЕК Битола, со фокус на суви или хибридни системи за ладење, е уште една област каде нашата соработка може да донесе реални придобивки. Продлабочената соработка помеѓу HUPX и MEMO дополнително ќе ја олесни интеграцијата на пазарите, размената на податоци и развојот на капацитетите, промовирајќи транспарентно и ефикасно работење на електроенергетскиот пазар во нашиот регион“ истакна Јовановски.

