Свет
И Холандија привремено ја прекинува имунизацијата со вакцината на „Астра зенека“
Холандските здравствени власти објавија дека биле принудени да откажат 43.000 термини за вакцинација поради одлуката на владата да ја прекине имунизацијата со вакцината на „Астразенека“ најмалку две недели, објави новинската агенција АНП.
Суспензијата ќе важи најмалку до 29 март, пренесува „Ројтерс“.
Неколку други европски земји привремено ја прекинаа употребата на вакцината од британско-шведската компанија во претходните денови, вклучувајќи ги Норвешка, Данска и Ирска, поради згрутчување на крвта во некои случаи по употребата на таа вакцина.
Министерството за здравство во Холандија соопшти дека овој потег следува по шест нови извештаи во Данска и Норвешка за згрутчување на крвта и намалување на нивото на тромбоцити кај луѓе на возраст под 50 години што ја примиле вакцината.
Холандскиот орган за лекови исто така истакна дека не е докажана поврзаноста помеѓу случаите и вакцината.
Министерството за здравство додаде дека не се пријавени такви случаи во Холандија.
Одлуката доаѓа еден ден откако фармацевтската компанија најави понатамошно намалување на испораките на својата вакцина против коронавирусот во Европската Унија повикувајќи се на извозни ограничувања.
„’Астра зенека’ жали за одлуката за намалување на испораките на вакцината во Европската Унија и покрај тоа што неуморно работеше на забрзување на снабдувањето“, изјави портпаролот на компанијата.
Денеска, и италијанскиот регион Пиемонт објави дека привремено ја прекинува имунизациајта со вакцината на „Астра зенека“ откога учител од провинцијата Биела починал по примањето на вакцината во саботата.
„Астра зенека“ вчера соопшти дека нивната вакцина не предизвикува згрутчување на крвта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сијарто предупредува: На економијата на ЕУ ѝ се заканува колапс во случај на конфискација на руски средства
Конфискацијата на замрзнатите руски резерви може да предизвика колапс на економијата на Европската Унија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Руската национална банка ja чува својата имовина и средства во Белгија.
Сосема е очигледно дека ако ЕУ ги конфискува своите резерви, глобалната доверба во белгискиот пазар ќе исчезне, а преку него и целиот финансиски пазар на ЕУ.
Ако довербата во европската инвестициска средина исчезне, тоа може да доведе до колапс на европската економија“, рече тој во програмата „Час Правде“.
Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврдија за време на разговорите дека таков чекор од Брисел нема да помине без одговор од Москва.
Ова ќе зависи од ставот на поединечните земји во Европската Унија, истакна Сијарто.
„Конфискацијата на руски државен имот е една од најсериозните ескалации на ризикот во последните четири години, а запленувањето на резервите од страна на ЕУ е решение кое се заканува со ескалација на војната“, нагласи дипломатот.
И покрај фактот дека се чини дека дипломатското решение за украинската криза се приближува, Европејците всушност се обидуваат да ја продолжат и влошат војната со целосно непотребно присвојување на руски средства, резимираше тој.
На 12 декември, Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на суверените руски средства, пренесува Спутник.
Европската комисија се надева дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани на платформата „Јуроклир“ во Белгија.
Фото: депозитфотос
Свет
Унгарија ќе увезува американски гас: „Ова е ново златно доба на соработка со САД“
Унгарија денес објави дека потпишала петгодишен договор за снабдување со гас со американската енергетска компанија „Шеврон“.
Новиот договор, потпишан од „Шеврон“ и унгарската јавна енергетска компанија „МВМ“, предвидува испорака на 400 милиони кубни метри течен природен гас годишно во текот на следните пет години, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, на заедничка прес-конференција со заменик-секретарот за енергетика на САД, Џејмс Денли.
Сијарто го поздрави новото „златно доба“ на соработка меѓу двете земји, пишуваат медиумите во регионот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан минатиот месец на средбата со рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи да увезува руски фосилни горива, и покрај планот на ЕУ да го забрани увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Фото: депозитфотос
Регион
ГП Евзони блокиран поради протестот на грчките земјоделци
Денеска во 18:00 часот поради протестот на грчките земјоделци, ГП Евзони е блокиран за сите видови на сообраќај за влез во Р. Грција, соопшти АМСМ.
Од таму додаваат дека граничниот премин за излез од Грција работи само за тешки моторни возила.

