Македонија
Во ковид-центрите во Скопје примени 51 пациент
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 51 нов пациент поради компликации од коронавирусот. Вкупно 483 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Поради зголемениот број на пациенти што имаат потреба од хоспитализација, отворен е и ковид-центратот на ТОАРИЛУЦ, на Клиниката за трауматологија.
Во последното деноноќие на интерните клиники и на ТОАРИЛУЦ имало 27 приеми.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 11 примени пациенти и 12 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле бил примен 1 нов пациент.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 35 оздравени пациенти.
Во моментот во ковид-центрите на интерните клиники и на ТОАРИЛУЦ се лекуваат 225 пациент.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 89 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 129 пациенти, а на Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 35 пациенти. На ГАК има 5 хоспитализирани ковид-позитивни пациентки.
Вкупно 483 пациенти потврдени и сомнителени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите е на кислородна поддршка.
Бројот на приеми во изминатите денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 40 слободни места, а се очекува во тек на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти што имат потреба од кислородна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

