Македонија
Османи во Мадрид се сретна со министерката за надворешни работи, Гонзалес Лаја
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Шпанија се сретна со министерката за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Кралството Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја.
„Убаво е да се биде во Мадрид токму на годишнината од ратификацијата во шпанскиот Сенат на протоколот за нашето членство во НАТО, и тоа во далеку построги, потешки и навистина едвај изводливи мерки на ограничена работа. Со тоа се заокружи ратификацијата на протоколот од сите 29 земји членки по што Република Северна Македонија стана 30-та членка на алијансата. Дозволете да бидам нескромен: со ваквиот чин, со вонсерискиот напор што го направивте во рамките на шпанскиот сенат, воведувајќи преседан првпат да се гласа преку видеоконференција, Вашата земја секогаш ќе има посебно место за нашите граѓани и вие можете да сметате на Република Северна Македонија како на земја што ви е близок пријател“, истакна Османи пренесувајќи ги пораките на благодарност во името на Владата и на земјата.
„Веќе следната недела ние повторно ќе се сретнеме на министерскиот состанок на НАТО во Брисел. Овој пат првпат и Северна Македонија преку физичко присуство на заедничката маса како полноправни членки и блиски НАТО-сојузници. Нѐ очекуваат сериозни разговори и важни одлуки за иднината на алијансата, за современите предизвици и, пред сѐ, за процесот ‘Рефлексија – НАТО 2030’“, посочи Османи.
На средбата беа отворени и темите поврзани со европските интеграции на Република Северна Македонија, како и последните актуелности од регионален аспект.
„Нашето сојузништво во Европската Унија е исто така соочено со сериозни предизвици, каде што се потребни одговорни и правилни одлуки. Една од тие е и одлуката од март минатата година, со која 27 земји членки дадоа зелено светло за почеток на преговорите со Северна Македонија“, истакна Османи потенцирајќи ја важноста од имплементацијата на оваа одлука како за земјата така и за целиот регион.
На средбата беше поздравен и напредокот во рамките на конференцијата за иднината на Европа, при што Османи ја истакна потребата од поголемо и повидливо вклучување во оваа суштинска дебата и на земјите од Западен Балкан.
Средбата беше искористена и за потпишување меморандум за разбирање меѓу министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Кралството Шпанија за меѓусебна соработка на дипломатските школи и едукациајта, што претставува уште еден дополнителен чекор за унапредување на меѓусебната соработка.
Работната посета на Османи на Кралството Шпанија се заокружи со средбата во шпанскиот Сенат, со претседателот на Комисијата за надворешни работи во Сенатот, Антонио Гутиерез Лимонес. Фокусот на разговорот беше ставен на европската интеграција на Северна Македонија, добрососедските политики во регионот, внатрешнополитичката состојба во земјата, регионалната соработка и севкупната состојба, како и за други актуелни меѓународни прашања со геополитичка конотација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

