Македонија
Петровска: Да се истражи финансискиот скандал на ВМРО-ДПМНЕ со германскиот пратеник
Надлежните институции да постапат во врска со финансискиот скандал на ВМРО-ДПМНЕ со германскиот пратеник, Тобијас Цех, порача пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска.
Таа денеска пред новинарите, јавно ги повика сите надлежни институции да го истражат овој случај и да ја информираат јавноста за наодите.
„Клучни прашања на кои истрагата треба да даде одговор се: од каде се овие пари и на кој начин се исплатени? Според пишувањата на германските медиуми, Шпигел и Фокус, станва збор за петоцифрена сума, 50.000 евра кои му биле исплатени на германскиот пратеник за консултантски услуги. Дали овие пари се пријавени во финансиските извештаи и завршните сметки на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 и 2017 година? Кој е одговорен? Христијан Мицкоски кој во тоа време бил советник на Груевски а потоа и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе на јавноста и да одговори на овие прашања“, рече Петровска.
Пратеникот на владејачката ЦСУ во Бундестагот, Тобијас Цех, поднесе оставка на функцијата по откривањето дека лобирал за поранешниот македонски премиер Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. Цех во ноември 2016 се појави и на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања. Германските медиуми објавија дека тој имал договор за ПР-консалтинг со тогашната владејачка партија во Македонија и 50.000 евра на своето конто. Цех одбил за „Шпигел“ да одговори дали лично ги организирал средбите на Груевски во Берлин и Минхен, но функционери на ЦСУ, кои биле на средбите, потврдиле за магазинот дека иницијативата била на Цех.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Играта е право: Нова иницијатива за проширување на учењето преку игра
За време на посетата на градинката „Младост-Риниа“ во Тетово, Министерството за социјална политика, демографија и млади, УНИЦЕФ и партнерите го означија почетокот на новата иницијатива „Учење преку игра и образование во раното детство“ во насока на промовирање интегрирани пристапи кон играта во раното детство.
Иницијативата, поддржана од Stiftung Kinderförderung von Playmobil (Фондација Плејмобил) е дел од пошироката програма на УНИЦЕФ за унапредување на развојот во раното детство. Програмата има за цел да обезбеди сите деца, без разлика на нивното потекло или околности, да имаат континуирани можности за развој и учење преку игра.
Со цел пристапите на учење преку игра да станат суштински дел од раното детско образование, иницијативата вклучува поддршка за развој на нова програма за образование во раното детство и ревидирање на националните стандарди за рано учење и развој.
„Инвестирањето во раниот детски развој е инвестирање во иднината на нашето општество. Играта е јазикот на децата – преку неа тие учат, растат и се подготвуваат за живот“, изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Како дел од иницијативата „Учење преку игра и образование во раното детство“, Фондацијата Плејмобил донираше и над 9.000 сетови за игра на УНИЦЕФ. Овие сетови се распределени во сите јавни градинки и други установи за згрижување деца. Тие се користат за да им се помогне на децата да учат на забавен и интересен начин за здравата исхрана, рециклирањето, заштитата на животната средина и рамноправноста помеѓу момчињата и девојчињата.
„Играта има суштинско значење за учењето, здравјето и отпорноста на децата,“ изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ. „Од најраните денови од животот, интеракциите преку игра го стимулираат развојот на мозокот и помагаат да се изградат сигурни емоционални врски. За децата од предучилишна возраст, играта претставува можност да ги истражат своите способности, да ја негуваат љубопитноста, да изградат самодоверба и да ги постават темелите за доживотното учење.“
И покрај овие придобивки, значењето на учењето преку игра недоволно се препознава во Северна Македонија. Податоците покажуваат дека 57% од мајките и само 5% од татковците учествуваат во активности на учење преку игра со своите деца на возраст од 3–4 години.
За да се надмине овој јаз,иницијативата ќе обезбеди и поддршка за родителите и старателите преку градење на капацитетите на патронажните сестри и проширување на апликацијата за родителство „Bebbo“ со информации, ресурси и стратегии за вклучување на играта во секојдневниот живот.
„Со задоволство го поддржуваме овој вреден проект, и преку донација и преку Плејмобил материјали“, изјавија Андреа Мерингер и Флоријан Лефлер, членови на Управниот одбор на Фондацијата. „Со интерес ќе го следиме не само развојот на наставната програма, туку и како ќе се прошируваат можностите за учење и развој преку игра.“
Со поддршка на стручните работници и семејствата, иницијативата „Учење преку игра и образование во раното детство“ има за цел да обезбеди секое дете да има можност да расте, учи и напредува преку моќта на играта.
Македонија
Градоначалничката Трајкоска заедно со сопругата на Мицкоски и пратеничката Пешевска се дружеа со децата со церебрална парализа во населбата Расадник
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со сопругата на премиерот Рози Мицкоска и пратеничката Жаклина Пешевска, денеска остварија предновогодишна посета на Клубот за деца со церебрална парализа во населбата Расадник.
Во празнична и топла атмосфера, тие се дружеа со децата, учествуваа во новогодишната забава, заеднички ја китеа елката и пееја, а на децата им беа поделени и новогодишни пакетчиња. Притоа беше истакната важноста од континуирана поддршка за децата со церебрална парализа и нивните семејства.
„Имав чест и голема радост да бидам дел од една навистина посебна празнична атмосфера. Искрената радост и насмевките на децата се најголема потврда дека ваквите средби значат многу и се неопходни“, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Таа нагласи дека грижата за овие деца мора да биде постојана и суштинска, додавајќи дека заедницата е силна онолку колку што обезбедува еднакви можности за сите, особено за оние на кои поддршката им е најпотребна.
„Ќе продолжиме со несебична поддршка. Овие деца и нивните семејства секогаш ќе имаат партнер во нас“, порача Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Мицкоски: Според ДЗС за 7.000 граѓани е зголемена вработеноста во третиот квартал, споредбено со лани
Третиот квартал оваа година, споредено со третиот квартал минатата година, има седум илјади и повеќе вработени на сметка на седум илјади помалку невработени. Односно, ако во третиот квартал минатата година имало околу 698 илјади вработени, сега има 705 илјади. Минатата година, во третиот квартал, имало 98.000 невработени, а сега има 91.000, што значи дека бројот на вработени и невработени пропорционално се зголемува односно намалува, одговори на новинарско прашање претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, осврнувајќи се на најновите податоци од Државниот завод за статистика, во врска со информација за движењето на невработеноста.
Премиерот Мицкоски се осврна и на трендот што голем број иселени македонски граѓани одлучуваат да се вратат во државата и тука да отпочнат свој бизнис.
„Охрабрува трендот што голем број од македонските граѓани, последните десет години поради состојбата која што беше во државата кои што одлучија да заминат, полека се враќаат. Голем дел од луѓето кои што тогаш заминаа, еве остваруваат контакти со мене или со голем дел со институциите во Владата и одлучуваат да се вратат и повторно тука да го продолжат својот живот, што исто така е охрабрувачки тренд. Тоа значи дека ќе се зголемува бројот на вработени, ќе се зголемува бројот на луѓе кои што ќе отпочнат свој бизнис или пак ќе најдат начин како да работат тука, дома, наместо некаде надвор, бидејќи и таму, гледате, состојбата каква е, со многу проблеми, обременета. Така што тоа е тренд кој што охрабрува, и јас сум уверен дека тој тренд ќе продолжи. Така што овој параметар е добар и охрабрувачки“, изјави премиерот.
Фото: Unplash

