Македонија
Облачно време со дожд и снег, температура до 9 степени

Времето денеска ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од снег. Врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на некои пониски места, особено во утринските и ноќните часови, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните и северните делови (до понеделник наутро локално над 30 л/м2). Воздушниот притисок ќе се намали за повеќе од 10 мерни единици. Ќе дува слаб до умерен ветер, во југоисточните делови од југоисточен, а во останатите од североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје облачно со врнежи од дожд, кои кон крајот на денот и во текот на ноќта во делови од котлината ќе преминуваат во снег. Минималната температура ќе биде околу 2, а максималната ќе достигне само до 3 степени.
До понеделник ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од снег. Врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на некои пониски места, особено во ноќните и утринските часови.
До крајот на денот во понеделник на планините ќе се формира позначителна снежна покривка, а нова од околу 15 сантиметри ќе има и речиси насекаде во западните и североисточните делови. Мала снежна покривка до околу 5 сантиметри ќе се формира и во Скопската Котлина.
Од понеделник до среда ќе дува повремено силен ветер од северен правец (локално и над 60 км/час). Од вторник ќе преовладува променливо облачно и студено време со ниски утрински температури, а во вторник и во среда кон крајот на денот на места ќе има услови за провејување на снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски-Мацут: Србија е искрен партнер и пријател со кого ја споделуваме визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Балкан

Премиерот Христијан Мицкоски, денес во Владата оствари средба со премиерот на Република Србија, Ѓуро Мацут, кој престојува во официјална посета на нашата земја.
Двајцата премиери разговараа за унапредување на билатералните односи, економската соработка и инфраструктурното поврзување.
Акцент беше ставен и на трговската размена, заедничките енергетски проекти и олеснувањето на движењето на луѓе и стоки.
Мицкоски истакна дека Србија е искрен партнер и пријател, со кого ја споделуваме визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Балкан.
Мацут изрази поддршка за реформските процеси во државата и нагласи дека Белград и Скопје ќе продолжат да соработуваат на заеднички проекти кои се во интерес на граѓаните на двете земји.
Двете страни се согласија дека продлабочувањето на пријателските врски меѓу двете држави претставува значаен придонес за регионалната стабилност и европската перспектива на Западен Балкан.
Македонија
(Видео) Коњановски: Реката Драгор добива ново лице

Во следниот мандат, една од најголемите заложби ќе биде реализација на многу значаен проект, уредувањето на коритото на реката Драгор, симбол на нашата љубов кон Битола, кон нејзината историја и иднина. Сега е време овој симбол да добие ново лице, со уредување по највисоки светски стандарди, изјави Тони Коњановски, кандидат за градоначалник на Битола од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
„Со овој проект не само што ја заштитуваме реката и околината, туку создаваме простор кој ќе нè обединува. Реконструираните мостови и новите пешачки патеки ќе овозможат полесно и побезбедно движење, ќе го поврзат градот од сите страни и ќе ја зајакнат неговата функционалност“, рече тој.
Дополнително, додаде Коњановски, поставувањето на современо, енергетски ефикасно осветлување, ќе овозможи Драгор да биде жив и безбеден дел од градот и во текот на ноќта.
Македонија
Со 43 штеки цигари тројца наши државјани сакале да летаат за Лондон, Царината им ги заплени

Тројца македонски државјани се фатени на Меѓународниот аеродром Скопје со 43 штеки цигари, дел со, а дел без акцизни маркици, сокриени во нивните куфери. Цигарите биле откриени при контрола со рентген, непосредно пред патниците да се качат на лет за Лондон.
Ова е само дел од серијата заплени што Царинската управа ги изврши во текот на изминатата недела, при засилени контроли на граничните премини и терминали низ државата.
Запленети се 15.603 литри средство за стакла за возила откриени на граничниот премин Блаце, во камион на влез во државата, без да бидат пријавени во царинските документи.
410 пара патики со ознаки на заштитена трговска марка се задржани на излез од државата, поради сомневање за фалсификат. Стоката потекнува од Турција и била наменета за фирма од Косово.
Во два случаи на граничниот премин Табановце се откриени 23 автоделови меѓу кои употребувани гуми, алуминиумски бандажи, вентилатори и ремени за товарни возила.
39.5 килограми кафе се пронајдени во автобус на влез во државата, спакувани во 36 пакувања по 1 килограм и 14 пакувања по 250 грама.
Во кабина на камион во пределот на горниот кревет се откриени и запленети 69 парчиња облека односно дуксери, панталони, маици, фармерки и тренерки.
Цариниците открија и два користени велосипеди во багажник на автомобил на Табановце, 44 кружни ножеви за циркуларна пила се најдени во автобус под седиштата на патниците, а на граничниот премин Делчево се запленети бугарски регистарски таблици и сообраќајни дозволи за возило кое било раходувано и без платени давачки.
Царинската управа информира дека мобилните тимови и службениците од граничните царински испостави откриле и спречиле повеќе прекршочни дела, и најавуваат продолжување на засилените контроли.
Институцијата апелира до граѓаните и фирмите да ги почитуваат законските прописи при увоз, извоз и транспорт на стока, со цел да се заштити економскиот систем и јавната безбедност.