Култура
Заводите за заштита на споменици и музеите имаат недостиг од простор и техничка опременост, но и стручен кадар
Заводите за заштита на спомениците на културата и музејските институции во земјава се соочуваат со проблеми од инвестициски карактер, недостиг од простор и техничка опременост, како и недостиг од технички и административен стручен кадар, беше посочено на онлајн работниот состанок на Министерката за култура, Ирена Стефоска, и директорите на заводите и музеите.
На средбата стана збор за активностите за реализација на проектите за кои се обезбедени средства од Министерството за култура, како: конзервација и реставрација на фасадите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, за конзервација и реставрација на ентериерот на Мехмед Ефенди – Јени џамија во Битола, за првата фаза од проектот за конзервација и реставрација на sидното сликарство во црквата „Св. Димитрие“ во село Градешница Мариово, за тековно одржување и санација на оштетените делови од музејскиот комплекс Музеј на вода, реконзервација, реставрација и поставување покривна конструкција на средновековната црква „Св. Четириесет маченици“ во селото Банско – Струмица, за реализација на проект за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата и трпезаријата во манастирот ,,Успение на Пресвета Богородица” – Трескавец, Општина Прилеп, како и за Чарши џамијата, реализација на веќе изготвен основен проект со сите неопходни фази: архитектура, статика, машинство, водовод, електрика и партерно уредување, како и ППЗ и ХТ3 заштита на објектот „Куќа на Лазар Личеноски“ во Скопје, конзервација, реставрација и реконструкција и археолошки доистражувања на објектот Римски театар во Стоби, замена на кровен покривач на објектот сарај ,,Нијази бег“ во Ресен и други проекти.
Министерката беше информирана и за проектите што се поддржани во програмата за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на инвестициско и тековно одржување на објектите. Во тој контекст беше истакнато дека во Годишната програма за инвестиции за 2021 година се издвоени средства за изградба на „Стар театар“ во Струмица, чиј носител на проектот е Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од овој град, а годинава се обезбедени и средства за изработка на проектно- техничка документација за реконструкција на објектот на НУ Музеј на Република Северна Македонија.
Стефоска ја нагласи важноста на овие институции чие соодветно функционирање е од особено значење за заштита на културното наследство и посочи дека од директорите и воопшто од вработените во овие институции очекува конструктивност, професионалност и координативен однос во работата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина пејачката Бади Бекир
Денеска во Скопје почина пејачката на народна музика Небахат Бади Бекир.
Нејзиниот колега музичар Горан Алачки објави дека погребот ќе се одржи утре на градските гробишта „Бутел“.
Небахат Бади Бекир беше македонска пејачка на народна музика. Покрај соло кариерата, Бади понекогаш настапуваше со групата наречена „Четири грации“, каде покрај Бади беа и Благица Павловска, Адријана Алачки и Росана Тодоровска. Нарекувана е македонската Весна Змијанац.
Првите чекори на сцената ги прави во детските денови како член на играорна група изучувајќи го во исто време и македонскиот и турскиот фолклор. Како дебитант на музичката сцена се појавува во 1985 година на фестивал на забавни мелодии. Паралелно пее на турски, албански и македонски јазик. Најплоден период на нејзината кариера е за време на големите југословенски турнеи. По распадот на Југославија и се посветува на македонската фолк песна. Следат настапи на македонските фестивали, соработка со бројни автори и турнеја во австралија во 2002 година. Во 2004 година станува една од Грациите. Во 2006 година прославува 20 години постоење на естрадата.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.

